ГРЦИТЕ НЕМААТ ПРОБЛЕМ СО МОЈАТА НАЦИОНАЛНОСТ: Марга Сол на 30 јуни ќе настапи на Санторини

Добивај вести на Viber

Имам многу следбеници и одлична соработка со артисти на кои сите други вредности им се поважни од политичките игри, вели нашата продуцентка и диџеј со интернационлна кариера, прв македонски артист што ќе се претстави во светски познатиот ланец-бренд „Буда Бар“

Марга Сол, нашата продуцентка и диџеј која повеќе од една деценија е присутна на интернационалната сцена, на 30 јуни ќе пушта музика на Санторини, Грција. Таа ќе биде првиот македонски артист што ќе настапи во светски познатиот ланец-бренд „Буда Бар“, токму на популарниот остров на зајдисонцето.

- Долго време сум присутна на светската сцена со авторска музика. Преку музиката го освојувам и Балканот. Работам и со Грци кои немаат проблем со мојата националност. Имам многу следбеници и одлична соработка со тамошни артисти на кои сите други вредности им се поважни од политичките игри – објаснува Марга.

Нејзиниот ангажман во „Буда Бар“ не е случаен. Музиката на Марга Сол редовно ја има на компилациите на „Буда Бар“.

- Мои сетови се присутни на Буда Бар Радио (Монако, Монте Карло), Радио Истанбул (Турција), на неколку радиостаници на Ибица, на радија во Грција.. Станува збор за долгогодишна соработка и секако анализа на мојата работа од нивна страна. Не може баш секој да влезе во „Буда Бар“, исто како што не може ниту во Cafe Del Mar или други светски брендови доколку артистот нема квалитетна позадина, своја продукција и долгогодишно искуство - вели таа.

Марга Сол, инаку сопственик на издавачка куќа „М-Сол Рекордс“, лани настапи во Мексико и во Доминиканската Република. Неодамна се врати од Ибица каде имаше настап во Плаја Ден Боса заедно со светскиот диџеј Тапеш (Германија),  Диџеј Кор (Германија) и екипата на Ибица Лајф Радио каде Марга е официјален диџеј со свое шоу двапати месечно.

Како еден од најуспешните ликови од македонската музичка сцена, Марга тукушто потпиша договор со гигантот „Вирџинија рекордс“ со ремикси за песна на победниците на овогодинешниот „Х-Фактор“ во Бугарија.

- Само што завршив голем проект. Работев на ремикси за песната „Вечераи Радо“ на победничката група 4Magic на бугарскиот „Х-фактор“ кои ќе се најдат во сите светски продавници на крајот на јули - открива докажаната музичарка.

Во меѓувреме, работи и на комплетно нов материјал со Викторија Лоба која наскоро ќе се претстави со нов модерен звук. Таа е автор и на новиот сингл на поп-пејачот Даниел Дан.

Марга досега има издадено два албума за „Аустријан Ерлајнс“, еден албум спонзориран од „Скопска Пивара“ и уште осум на светскиот пазар. Нејзината музика (Chillout/Lounge/Soulful House) се наоѓа на изданија од светски издавачки куќи како SONY Music, Universal, EMI Music, George V Music, (Buddha Bar), Karmaloft Ibiza и Kontor Music. Нејзини песни се дел и од познатото радиошоу на Роџер Санчез, Release Yourself.

Ѓорге Стојанов