Халима испишува историја: Прв модел во буркини во новиот број на „Спортс Илустрејтед“
Модниот свет дефинитивно се менува, а тоа го покажува и „Спортс Илустрејтед“, препознатлив по едиторијалите со костими за капење. Сомалијско-американскиот модел Халима Аден (21) стана првата муслиманка која позираше за влијателниот магазин со хиџаб и во буркини.
Аден е родена во Кенија во кампот за бегалци Какума, каде живеела до преселувањето во Соединетите Американски Држави.
- „Спортс Илустрејтед“ се познати по општествените промени и рушењето на предрасудите. Се надевам дека овие специфични фотографии ќе ги отворат портите до заедницата на која ѝ припаѓам. Овој костим за капење докажува дека комплетно покриен модел кој носи хиџаб може подеднакво да блеска со жена која носи бикини, и секако и двете да се чувствуваат природно и удобно. Треба да ги славиме и да ги почитуваме другите. Младите муслиманки треба да бидат сигурни во себе и да се чувствуваат убаво додека носат буркини - изјави Аден.