Хероина во борба со пламените јазици - Билјана Денчовска, единствена жена пожарникар
„193”! Ѕвони дежурниот телефон на против пожарната служба. Алармот е вклучен, пожарникарите се на готовс. За неколку секунди се слуша звукот на сирената кој алармира опасност.
Ова е дел од работната атмосфера во скопската против пожарна служба. Билјана Денчовска е единствената жена пожарникар во екипата која секојдневно и пркоси на опасноста и стравот од неизвесноста. Во против пожарната бригада работи 14 години. Наизглед нежна, кревка и одмерена, а во душата вистински борец. За себе раскажува дека од секогаш знаела дека ќе работи во униформа, за доброто на луѓето. Вели оваа работа покрај психофизичката подготвеност бара сериозен пристап кон проблемот, смиреност и брза интервенција.
„Во изминатите 14 години сум видела многу животни судбини. Горда сум на својата професија бидејќи сум единствена жена пожарникар. Пред да работам како пожарникар бев во 2001 година во ЕБР, а потоа во единицата Лавови. Во 2004 година влегов во против пожарната бригада. Потребни се психофизички подготовки, вежби, предавања. Јас во душата сум борец, не се плашам од височини, оган ниту вода. Едноставно кога алармот ќе заѕвони ние сме спремни на се. Ризикуваме и не знаеме на што ќе наидеме и со што треба да се соочиме. Едноставно во тие моменти мислиш како да помогнеш, трчаш и даваш сѐ од себе да спасиш. Ние влегуваме од каде што сите бегаат. Луѓето тоа го очекуваат од нас, веруваат во нас“- вели Билјана Денчовска.
Секојдневието и е исполнето со многу предизвици. Во сообраќајот често се случува да има непрописно паркирани возила кои го отежнуваат пристапот до пожарот. А, секоја секунда е важна за повикот за помош.
„Луѓето треба да се совесни и да знаат дека не треба да паркираат каде ќе и текне бидејќи никогаш не се знае каде и што ќе се случи. Низ годините се стекнала со многу искуства, многу случки, интервенции на отворено и затворени пожари, поплави, сообраќајќи.
„На почетокот плачев на секоја интервенција, јас сум многу емотивна и се соживувам со секоја животна приказна. Со тек на време искуството го прави своето. И денес емоциите се големи, но сепак се носиме и живееме со нив. Јас едноставно сочувствувам со луѓето“- додава Денчовска.
Како единствена дама во оваа машка професија им пркоси на правилата и стереотипите. Преку професијата се стекнала со голема самодоверба и хуманост.
Секојдневните пожарникарски вежби кога се качува по противпожарни скали, се спушта со јаже, ги држи топовите со млазови вода ќе каже дека ги прави онолку добро, колку и нејзините колеги. Сепак, вели дека е бестрашна кога ќе засвират
сирените. Тогаш е спремна да го ризикува и својот живот за да спаси туѓ.
„Me исполнуваат работните обврски кои ми претстојат во текот на еден работен ден. Колегите немаат никакви предрасуди бидејќи сум жена. Ме прифатија како дел од тимот бидејќи со посветеност, љубов и внимание ги извршувам работните задачи. На терен не може да ме препознаат дека сум жена поради опремата, шлемот и не се разликуваме со ништо. Кога ќе го тргнам шлемот по завршување на интервенцијата луѓето кога ќе приметат дека сум жена, најчесто се воодушевени од храброста и посветеноста. Ми честитаат. Во оваа работа мора да постои доверба. Ги сакам колегите и ги почитувам“- потенцира Билјана.
Таа многупати се соочила очи во очи со опасноста. Секој нов ден за неа е нова неизвесност. Животот вели крои разни судбини во секој дом. Многупати била сведок на тага и очај но и на радост во очите на луѓето чии домови биле спасени.