ХИТОВИ ШТО ДОАЃААТ: Кои македонски албуми ги очекуваме годинава?

Добивај вести на Viber

Повеќе домашни пејачи и музичари подготвуваат нов материјал, а кој ќе ги има најслушаните рефрени ќе дознаеме во периодот што следи кој, барем според најавите, ќе биде сериозно збогатен со македонска музика.


На крајот од мај новиот албум конечно ќе го промовира Викторија Лоба. Интензивно работи на новите песни, а деновиве треба да го сними и видеозаписот за дуетот со Тајзи.

- Во блиска иднина сакам да направам голем концерт за сите мои пријатели и фанови и да им ја презентирам мојата нова музика – изјави пејачката за „Женски Магазин“.


Нов материјал подготвува и Влатко Лозаноски. Со албумот ќе прослави десет години естрадна кариера. Објавата е симболично насловена „10“ и ќе содржи десет композиции.

- Албумот го работев со мојот продуцент Лазар Цветкоски, додека за текстовите се погрижи Магдалена Цветкоска. На една нумера се потпишува и мојата сестра Марија – ни откри Лозано неодамна.


Откако ги обработија македонските народни песни „Ја излези Ѓурѓо“ и „Слушам кај шумат шумите“ кои наидоа на одличен прием кај публиката, браќата Мартин и Стефан Филиповски од дуото „Некст Тајм“ потврдија дека оваа музичка приказна ќе ја заокружат со албум. Во една прилика изјавија дека се радуваат што легендарните домашни композиции повторно оживуваат и остануваат во наследство на помладите генерации.

- Во оваа фаза од нашата кариера сме мотивирани да го работиме она што го сака народот. Ја продолживме соработката со продуцентот Николче Мицевски. Се надеваме дека оваа година ќе се случи тој албум – изјавија тие.


Забрзано работи и популарниот македонски музичар со интернационална кариера, Владимир Василевски-Четкар кој снима во неколку студија во Њујорк и во Њу Џерси. Станува збор за неговиот трет студиски проект, а тој е комплетен автор на темите. Во едно интервју откри дека за новите дела инспирација црпи од бројните патувања, страста кон животот, од природата и од љубовта кон луѓето. Албумот ќе има елементи на џез, фанк, соул, диско и поп.


По промоцијата на заразниот рефрен „Текила и лимон“ Елена Ристеска ни изјави дека годинава ќе реализира уште неколку интересни соработки кои ќе се најдат на нејзиниот нов албум.

- Имам одлични рефрени за балканскиот пазар. Сергеј Четковиќ веќе ми подари песна и се очекува да направиме дует. Нови композиции за мене работат и Ален Лемешевиќ и Маја Сар со сопругот Махир, докажани композитори и продуценти од Босна и Херцеговина. На новиот материјал ќе има теми и од македонски автори кои се вклопија во целиот концепт. Еден од нив е Роберт Билбилов, а другиот Лазар Цветковски–откри Ристеска за „Женски Магазин“.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов