Холивуд е виновен за сѐ

Добивај вести на Viber

Сѐ започнува од мигот кога за првпат нѐ седнуваат да гледаме филмови како Снежана, Заспаната убавица и Пепелашка. Седиме со подзинати усти и впиваме информации за тоа дека е сосем ок да сме третирани како слугинки и да им удоволуваме на сите, затоа што главната награда е принцот на бел коњ кој ќе нѐ спаси и со кого ќе отпатуваме накај неговиот замок. Нека не мрчат мажите, ова ич не е колумна во која вие сте оцрнувани, туку денешниот муабет е како на жената уште од најрана возраст ѝ се всадуваат погрешни критериуми кои подоцна ја чинат многу. И да се вратам на муабетот. Ај што во секоја таква бајка (или барем во 90% од нив) мајката умира и таткото се преженува, туку и дополнително се создава искривоколчена слика за тоа дека маќеата по дифолт мора да е злобна. Па оди после објасни им на децата чии татковци се преженуваат (особено ако сопругата им починала) дека нема ништо да им фали и дека новата жена ќе се грижи убаво за нив. Т’нка работа кога предрасудата е веќе формирана, а траумата е поголема ако децата се на помала возраст, како да не е доволно што веќе си изгубиле родител.

И додека приказните за Снежана, Аурора и Пепелашка си течат и ги полнат детските очи со шаренила кои се лаги, кај девојчињата се создаваат погрешни слики за тоа како треба да се однесуваат, нормално, очекувајќи дека секоја приказна има среќен крај.

Во реалниот живот работите се најмалку како во бајка. Девојчињата мора да знаат дека принцот на бел коњ не постои и дека во најмала рака треба да најдат партнер кој ќе им биде сопатник и поддршка, а не спасител. Од друга страна, момчињата не смеат да бидат задоени со тоа дека треба да спасуваат некого. Играта жртва-спасител е многу зезната затоа што секој од нас некогаш е жртва, а некогаш спасител. Дополнително се отежнуваат работите ако жртвата е уствари џелат, оти често пати во партнерските односи има пасивна агресивност, во која веќе не се знае кој пие а кој плаќа. Но, она што треба децата да го научат е како да знаат сами себе да се спасуваат, а не да чекаат некој да го стори тоа наместо нив. Воедно, од мали нозе треба да ги подучиме дека јасно и гласно се кажува ако нешто не им чини, а не да бидат некому мајка Тереза.

Мојата генерација, а и генерации после мене пораснавме со очекувања дека ако сме доволно скромни, тивки и сервилни, ќе се појави добрата самовила која ќе стокми некаква магија и наеднаш ќе се случи некое чудо кое ќе ни донесе среќа. Во ниту еден цртан филм од моето детство не видов/прочитав дека некоја хероина завршила училиште и дека рекла оти може сѐ да направи сама, без партнер. Мислам дека и ден денес, во ниту еден од анимираните филмови главниот женски лик не останал сам. Дури и во Малифисент во кој Џоли одлично го доловува негативниот лик (дискутабилно колку е негативен) е претставено дека таа е таква заради тоа што маж ја изманипулирал и оставил, па огорчена решила да се осветува. Оваа традиција на негување погрешни вредности низ филмови не запира во детството. Романтичните лимонади изобилуваат со блуеници кои дополнително фрустрираат и кои нѐ задојуваат со барање љубов на погрешни места и со погрешни луѓе. Со ќерка ми се изнагледав тинејџерски филмови (како Самрак) во кои ТОЈ е див, суров, недостапен и мистериозен мажјак кој всушност има меко срце и само му треба безусловна љубов која ќе ја извади на површина неговата вистинска природа. Како па да не! После се чудиме кога ќерките ни се вљубуваат во мамлази кои се себични и кои се однесуваат без почит кон нив, а тие кутрите мислат дека ако доволно долго трпат и ги сакаат без мерка, ќе успеат од жабата да сторат принц. Живеењето во илузија дека нашата љубов е доволна за да смени некого, чини нерви и здравје. Никој никого не може да промени, па макар давале љубов до небо. Да се искичмиме од обиди да допреме до некој за да добиеме љубов е во најмала рака мазохистички и на долг рок, исцрпувачки.

Нејсе, машинеријата во Холивуд многу добро ја знае психологијата на луѓето. Се штанцаат филмови кои одлично знаат како да ги придобијат и мажите и жените, а со самото тоа егото е секаде задоволено. Неговото, со тоа што е прикажан како силен мажјак пред чии нозе паѓаат жени, ама тој не ги ферма оти е емотивно затапен или недоверлив кон жените па се посветил на кариерата, но на крај ќе се препушти на вистинската и ќе ѝ укаже чест со дијамантскиот прстен на домалиот прст. Нејзиното его ќе е потхрането со тоа што сепак покрај сите перипетии (читајте: толерирање, плачки, нервози, па демек и агонија кога има соперничка) успева да извади на виделина еден посветен, кроток и питом маж кој ќе ѝ овозможи убав живот. Чекајте малку! Каква врска има љубовта со ова (што би рекла Тина Тарнер)? Се разбира дека никаква, освен час и половина живеење во облаци со натнати розови очила на носот, за да завршиме со чувство на празнина ако не сме имале врска како на филм. Па, после тоа ни останува само да се самосожалуваме или да љубомориме на измислени ликови, прашувајќи се зошто ни е судбината ваква и каде сме згрешиле. А што после THE END-от?И дали воопшто постои крајот или точката е ставена стратешки за да остане илузијата?

Она што е поразително е дека штетата е направена од мали години. Џабе кога ќе имате над 20 и кога ќе видите и во живо и на екраните дека има секакви приказни, а голем дел од нив немаат среќен крај. Сепак, некаде во позадина во мозокот останала сликата на Снежана која весело им мавта на 7-те џуџиња, седната на коњот и кинисана накај замокот (нормално, ќе има слуги и нејзино ќе е само да ужива). Или ќе ни се врти сликата од Пепелашка како наеднаш има балски фустан и стаклени чевлички (откако душа на нос ќе ѝ излезе од чистење и рибање подови) и завршува во кралската палата откако принцот ќе ја пронајде. Па ќе се присетиме на онаа заспаната со години која чекаше некој да ја бакне за да се разбуди (демек, само ти гувеј дур не дојде спасителот). Ако мене ме прашате, мислам дека е време и за најмладите да направиме нови приказни во кои нема жената да се прикажува како немоќна, безгласна, несигурна, плашлива и жртва, ниту мажот како чаре за проблемите и извор на ултимативна среќа. Можеби е време да им се покаже и на децата дека има и поинакви приказни во кои женскиот лик ќе се бори за себе, ќе најде начин како да си ги реши сите препреки и најважно, ќе има свој замок-имот оти ќе заработува, некогаш ќе одлучи да се омажи и да има деца, ама некогаш одлуката ќе е и да остане сама или да има деца без да натне воздушест бел фустан и вел од тул.

И најважното... кога ќе одлучи да остане сама, да не биде нацртана или анимирана како грда, оти сите грди ликови во филмовите за најмлади, никој не ги љуби бидејќи се лоши. И да, секако дека е тоа метафора (демек грд карактер, грд лик на изглед), ама  па после во реалниот живот пак грешиме токму заради тие метафори. Децата имаат претстава дека оние кои имаат убави лица се добри и по карактер, па се разочаруваат. И налет што ќе се разочараат (искуството ќе ги исчеличи), туку проблем е што се секогаш помалку претпазливи со непознати чиј надворешен изглед е попријатен за окото. Само сетете се колку убави на лик луѓе знаете, а душите им се ем фуј, ем бљак.

Спремете ги децата, а и себе дека никогаш во филмовите не е прикажан денот после среќниот крај кој е запечатен со бакнеж со кој се колнат на вечна љубов. Дајте им информации дека вистинската борба, љубов и посветеност започнуваат токму после „и си живееја среќно до крајот на животот”. Спремете ги дека животот не е едно сценарио и дека знае да приредува милион изненадувања. Некогаш ќе бидат добредојдени и убави, а некогаш болни и неподносливи. Но, ако од мали научат да се свои, да се сакаат, да се потпираат на себе, да се борат за она што им следи и да бидат самостојни, ќе ги преживеат сите и ќе знаат секогаш да застанат на нозе.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

не сме во сцена од филм

во која ти ме напушташ

а јас уплакана те чекам

ниту пак ти си главниот глумец

кој има полузаматен заводнички поглед

со кој ме стрела низ чад од цигари

а ниту пак јас сум филмска ѕвезда

која со замачкани очи те гледа

и сета разбушавена те моли да се вратиш

не, не сме во сцена од филм

во кој трпението е рамно на глупоштина

или пак нечија љубов е вечна

ниту пак сме во главните рољи

по нечие сценарио склопени

ти и јас сме обични луѓе

кои своите животи ги тераат

удрени од минатото

подзасечени од сегашноста

и иднина која е во магла обвиена

ти и јас сме само еден обичен .... и Ана

кои се будиме секое утро во своите светови

ти, успешно самозалажан во својот меур од сапуница

јас жена-змеј која знае што сака

а уште повеќе што не сака

ете тоа сме драги мој

споредни ликови во туѓите животи

а не во сцена од романтичен филм

чиј крај е добро познат од самиот почеток

со доза на патетика и драма во средината

и можеш да се лажеш себе

дека подзаличуваш на својот омилен глумец

и цртите од неговата партнерка на лицево да ми ги бараш

но јас не сум нималку слична на неа

јас знам кога е време парталите да си ги соберам и да си одам

и знам кога ми е време кон себе да се свртам

без каење и жалење за сѐ што попатно ти дадов

ниту со плачење за она што не си ми го дал

во овој филм нема да има солзи

ниту вртење назад откако болката ќе се засили

во овој филм има еден изгубен маж

и една жена од камен создадена

која главата горе ја држи и која со грациозност вели “СТОП КАДАР”

та излегува гола и боса од твојот филм за својот да го истера

те остава нова актерка да си бараш

и со неа сите патетични сцени да ги снимиш

па еве и некоја награда да собереш

оти одбива во твојот филм да глуми

одбива да биде дел од сцена во која ќе лаже дека среќна е

и ко што велат старите

животот е маратон драги мој

маратон, а не сцена, сцена од еден лажен филм