Хуманитарна акција на 25 јануари, денот на раѓањето на Тоше Проески- ќе се собираат средства за лекување и терапија на болно дете

Добивај вести на Viber

Хуманитарна крводарителна акција и продажна ликовна изложба, промоција на видео спот, музички перформанс,се дел од настаните со кои ќе се одбележи 25 јануари, денот на раѓањето на Тоше Проески.

За Спомен куќата Тодор Проески, како национална установа која го чува и негува делото и ликот на најголемата македонска музичка ѕвезда, овој датум е од голема важност.

-Овој ден е врежан во срцата на сите Вас, кои го сакате Тоше, ја слушате неговата безвременска музика и со насмевка, но и со тага во очите ги гледате неговите фотографии, неговите награди, неговата облека и личните предмети кои се наоѓаат во неговиот дом, - спомен куќата на Тоше во Крушево. 1981 година на 25 јануари се роди нашиот музички ангел, Тоше Проески. Во чест на неговото раѓање, оваа година, на соодветен начин, ќе го одбележиме неговиот 43 роденден – вели Лефкија Гаџоска директорка на Спомен куќата и дополнува дека во програмата со различни настани, ќе се обидат да ги доловат сите нишки од неговиот карактер и неговата душа.

-Затоа денот го почнуваме со хуманитарна крводарителска акција  која ќе трае од 9 до 16 часот во просториите на Спомен куќата, а во организација на ОО на Црвен Крст - Крушево. Потоа во 11часот и 15 минути времето на неговотo раѓање, ќе положиме букет свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, делегација од Спомен куќата, градоначалникот и други институции. Потоа во 12 часот ќе биде отворена хуманитарно продажната ликовна изложба со наслов „Срце није камен“ на стилистот и уметничка душа Светлана Зуламоска. Нејзините дела со ликот на Тоше и пригоден текст, се насликани на камени плочи со акрилни бои, а целта на изложбата е собраните средства од продажбата на овие уникатни и оригинални ликовни изблици, да се донираат за лекување и терапија на малиот Спасовски Војдан – посочува Гаџоска.

Дека Тоше е инспирација за младите уметници, ќе потврди и промоцијата на музички и видео спот на Јана Мрческа, на рефрени отпеани од легендарниот пејач. Јана, е родум од Прилеп, ученик во средното музичко училиште Илија Николовски -Луј и иако не била родена во времето кога Тоше го достигна зенитот на својата музичка кариера, неговите песни се нејзина инспирација за самостојни проекти.

-.Со почеток во 13 часот ќе се одржи веќе традиционалниот музички перформанс „Ангел си ти“. Нашата македонска исклучителна женска вокалистка Ивона ЈО во придружба на нејзиниот бенд В2В, ќе исполнат десетина нумери од богатата музичка ризница на Тоше. Во неговиот спомен дом ќе одекне култната „Тајно моја“, „Срце није камен“, „Ангел си ти“, - рефрени и текстови кои сеуште ги пееме со радост и низ солзи. 

Фановите на Тоше низ Балканот ќе имаат можност преку телевизискиот канал Прва ТВ, да го проследат докумантарниот филм кој авторката Катарина Миловановиќ, го сними во Крушево 2023 година. Особена чест и задоволсто е што на денот на Тошевиот роденден, копија од овој филм, со превод на македонски, лично авторката ќе го донира на Спомен куќата. Премиерата и промоцијата овој документарец ќе го има на 26 јануари во 19 часот во салата на Младинскиот културен центар во Крушево. 

Тоше беше еден и единствен. Неговата животна максима „Ве сакам сите“ преку овие настани сакаме што подолго да оддекнува меѓу луѓето. Зашто Тоше беше и ќе остане и музика и љубов-завршува Гаџоска.

С.А.Н

·