И кога ги трпиш најголемите болки, велиш- ќе помине: Пејачката Јулија емотивно за ќерката која боледува од канцер
Нашата позната пејачка, водителка и мотивациски тренер Јулија Мациевска, на својот профил на социјалните мрежи со емотивна објава ѝ го честиташе роденденот на својата ќерка Андријана,која боледува од канцер.
- И ова утро, сонце мајкино започнува со помислата на тебе… ќе го славиме твојот ден, твојот роденден, кој ти е дар од бога.
Денот кој ме потсеќа на мојот најголем подарок од Бога, кога првпат го слушнав твојот плач, кога првпат те здогледав и се одушевив од моето бебе.
Овој роденден се разликува од сите досега, зашто си ставена на големо искушение, а и ние со тебе, сонце наше. Ни престои битка за која знам дека ќе ја изодиме, за која знам дека ќе победиме, како и многу пати досега.
Ти нежна, ранлива, никогаш прегласна, никогаш наметлива, во својот свет…секогаш со разбирање и трпеливост за сите, секогаш спремна да голтне, никогаш да не повреди, никогаш да каже лош збор …
Ти, сонце мое и сега кога ги трпиш најголемите болки, велиш- ќе биде добро, ќе помине…свесна, присебна…велиш дури сега се соочив со стравот, дури сега го осеќам Божјото водство и знам дека ова е за мое најголемо добро…
Ќе се спријателам со канцерот и потоа ќе се поздравиме, како најдобри пријатели и ќе продолжиме секој по својот пат…
Љубов моја, нема да пишувам фермани, жалопојки, зашто доста испативме, но да ти ветам нешто малку е…ти знаеш, јас знам и те гледам како ПОБЕДНИК. Те сакаме со сето срце, јас и Стеф- пишува Јулија.