И сега кој е крив?

Добивај вести на Viber

Ги гледаме на телевизиските екрани. Ѕиркаат од портали. Ви се насмевнуваат или ви намигнуваат од билборди. На многу од нив им се восхитувате. На некои им завидувате. Со некои сакате да си ги смените местата на момент. Да, знам дека многу ви е јасно дека поголем дел од нив ја искористиле ситуацијата, некои од нив и луѓето или бар одредени дејствија. Тоа си го прифаќаме како да е нормално. Не дека се случува само кај нас во Македонија, де. Го има и во блиската и во далечната околина. Го има скоро секаде.

Сопственикот на Фејсбук не искористил сите. Не дека и ние не сме нашле корист од него, де. Да не се правиме наивни и да се убедуваме себеси дека не сме можеле да погодиме дека тоа е така. Па, не знам дали и баба ми денес не знае дека секој податок кој пролетал на компјутерот не останал запаметен во чиповите од истиот. Додека Зак ги користел нашите податоци, за кои те се извинува, те не насочува на заштити, ние пресреќни на оваа почва токму на неговиот Фејсбук соголивме сè за нас, па дури и што јадеме и пиеме. И сега глумиме дека сме затечени. Ех. Ништо не е џабе. Сè има своја цена. Како беше она: „Она што не може да се купи со пари, ќе се купи за повеќе пари“;-)

Денес сите ние некако со тешко срце знаеме да кажеме не. Да го исправиме прстот и гласно да викнеме: Еј, тоа е неморал. Додека тоа го голтаме, зоната на самракот ќе не проголта и како општество и како поединци.

Додека со Зак се занимава светот, во Македонија умираат деца. Да. Умираат. Луѓе пребаруваат по контејнери. А ете секој од нас издвојува пари за придонеси, данок, здравствено осигурување… Издвојуваме пари и за да помогнеме на деца кои се болни, семејства кои едвај врзуваат крај со крај. Интересно, ние кои плаќаме даноци, го реализираме она што по дефиниција е функција на државата: да обезбеди еднаквост за сите, сите да добијат здравствена услуга, сите кои имаат потреба да остварат социјална услуга, сите да се образуваат…

Во меѓувреме во Македонија, песни со недолична содржина, осамнаа во проект на Агенцијата за млади и спорт. Не е проблем некој да има фрустрации. Секој од нас имал некакво лично лошо искуство во животот. Проблем е кога тоа им се сервира на млади со државни пари. Некој требало да препознае дека овој случај заслужува друг третман. Не е срамота да побараш помош од психолог или друго стручно лице, кога ти е тешко. Срамота е твојот проблем да го натовариш врз грбот на секој од нас. Ние секако не сме виновни. 

Ние не сме неспособни, ни наивни. Сакаме да веруваме дека сè ќе добие свое место во реалноста. Онака како што треба. Болниците и училиштата ќе сјаат, ќе се смалува бројот на луѓето кои копаат по контејнери, општеството ќе биде еднакво за сите, ќе нуди шанса и ќе поддржува вредности и квалитети, луѓето спокојно ќе ја дочекаат својата пензија без грижа дали ќе можат да преживеат со неа, младите ќе ги реализираат своите соништа, ќе учат за професијата која ја посакуваат, ќе работаат и соодветно ќе бидат наградувани, притоа вистински ќе бидат оценувани и вреднувани, без оглед дали имаат или не симпатии кон некаква политичка партија, религија или каква и да е определба…

Поминаа повеќе од две децении. Ние сме разочарани. Уморни од чекање да дојде тоа поубаво утре, ако не за нас, барем за нашите деца. Ние не сме будали, затоа што веруваме во трудот и затоа што имаме очекувања. Можеби не успеавме да се „напикаме“ на одредени позиции, и тоа не затоа што не знаеме туку затоа што веруваме во етичноста. Сакаме да живееме тивко и скромно. Сакавме можности и еднаквост за сите, онакви какви имавме ние како деца. Сакавме да се смееме, да зборуваме за филмови и книги, да бидеме безгрижни, да му се радуваме на сонцето, дождот и месечината. Сакавме и сѐ уште сакаме само да живееме.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска