И судијките под нивните тоги носат срца, а не беџови: Интервју со Даниела Димовска

Добивај вести на Viber

Судија Даниела Димовска, од годинава е судија во Одделението за гонење на организиран криминал и корупција, откако претходно беше судија на претходна постапка, судија за извршување на санкции, како и судија во одделението за кривично полнолетни. За неа законот е алатка, а правдата е идеал и сржта на сите морални обврски. Претседател е на Комисијата за уништување на наркотична дрога и други супстанции, заменик-член на Комисијата за полагање на правосуден испит, учествува во работата на повеќе групи за изработка на закони, стратегии... За правдата се бори до крај, бидејќи верува дека ако нема правда нема да има мир.

„Овој ден е пофалба за сите жени судијки, но и за сите жени кои играат важна улога во администрирањето на правдата“

* Што претставува Денот на жените судијки во Македонија, како се прославува тука, а како пак во светот?

- Годинава светот, трета година по ред ќе го одбележи 10-ти март како светски ден на жените судијки, откако Генералното Собрание на Обединетите нации во април 2021-ва година го усвои ова празнување. Секаде низ светот се одржуваат конференции, а кај нас скромно,  како што живееме, така и чествуваме. Овој ден е пофалба за сите жени судијки, но и за сите жени кои играат важна улога во администрирањето на правдата. Денес, со гордост можеме да кажеме дека имаме жени судијки кои го водат Врховниот и Уставниот суд, а шефици ги водат и двата најголеми оддела во скопскиот кривичен суд, одделението за кривично полнолетни и одделението за гонење на организиран криминал и корупција. Токму затоа, со чествувањето на 10-ти март, го славиме постигнатиот успех и ја подигаме свеста за предизвиците со кои се соочуваме!

Која е Даниела приватно. Опишете ни се со една реченица.

- Сопруга и мајка на 9-годишната Илина, која со апсолутна поддршка од сопругот го остварува својот професионален сон и му се радува на животот заедно со блиската фамилија и неверојатните пријатели.

„Бунтовна тинејџерка, која туѓата неправда ја болеше исто колку и својата“

Каква тинејџерка бевте, кога се јави љубовта кон правото?

- Имавме семеен пријател кој беше извонреден судија и сѐ уште е еден од најголемите авторитети во мојот живот, преку кој се запознав со оваа професија. Со оглед дека се развивав во бунтовна тинејџерка, која туѓата неправда ја болеше исто колку и својата, правото без двоумење беше мојот избор.

Како се одлучивте да станете судијка и колку е тешко да се биде жена судијка во нашата земја? 

- Додека бев демонстратор на Правниот факултет, секогаш кога поминував покрај судската палата, знаев дека тоа е мојот повик. Аплицирав на Академија за судии и јавни обвинители на единствениот конкурс со исклучително високи критериуми, па на оглас за 30 кандидати се пријавивме само 13-мина, од кои дури 12 бевме жени. Исклучително сум горда на оваа генерација на судии и јавни обвинители, затоа што само за неколку година една од нив веќе е Шефица на основното јавно обвинителство во Битола, 3 се обвинителки за гонење на организиран криминал и корупција, сите останати се исто толку добри и веќе даваат свој белег во правосудниот систем. Секоја од нас жените судијки имаме и по некоја лична борба, некоја сака да се оствари како мајка, друга се грижи за мали деца, трета за постари родители, а професијата бара исклучителен напор и концентрација, па со влегувањето во судница, сите проблеми остануваат надвор. Сепак, тежината станува благослов кога нешто се прави со многу љубов и посветеност.

„И судијките под нивните тоги носат срца, а не беџови“

Дали сте се соочиле со стереотипи поврзани со Вашата професија, која била најтешката ситуација на која сте наишле низ Вашата работа? Колку е всушност ризично да се работи со кривично право, дали некогаш сте се соочиле со закани по Вашиот живот? 

- Ниту една од нас не размислува за ризикот, всушност тоа се жени кои не се плашат. Со стереотипи при работењето, а кои биле поврзани со тоа што сум жена, не сум се сретнала, можеби затоа што во правосудниот свет, професиите јавен обвинител и адвокат некако се резервирани за мажите, а судската професија ни припаѓа нам, жените. На почетокот на кариерата, кога имав 30 години, се соочив со стереотипи кои произлегуваа од возраста, но не и од полот. Кривичното право има посебна тежина со оглед дека одлучуваме за слободата на некој. Сепак, и ние судијките под тогите имаме срца, а не беџови, па неретко сочувствуваме со животните приказни на странките.  Во судницата нема многу место за емоции, но не можам да ги заборавам солзите на еден родител од Велес кој ја загубил својата ќерка во сообраќајна несреќа. Додека бев судија за извршување на санкции, почина затвореник на кој паричната казна изречена заради прекршување на полицискиот час му беше заменета со затворска казна, што силно не мотивира судиите од тој оддел да иницираме носење на закон за амнестија за ова кривично дело. Особено радост во судницата имам кога нема оштетени, а јавниот обвинител ќе се откаже од обвинение или судот ќе донесе ослободителна пресуда, па сите такви објави имаат посебен белег и многу емоции.

Колку според Вас владее рамноправност меѓу мажите и жените во правниот свет? Дали општо сметате дека некои закони доволно ги заштитуваат жените или треба да се поработи на тоа? 

- Без оглед на законските решенија и колку истите ќе гарантираат рамноправност, ние жените носиме една супер моќ, а тоа е да бидеме мајки, да ги одгледаме и воспитаме идните генерации. Затоа, нам ни требаат решенија кои ќе не стават во многу поповолна, а не иста положба, токму затоа што ние можеме нешто што не го можат мажите.

Што е потребно за една жена да биде успешна?

- Многу жртвување! Со осум работни часа можеш да имаш работа, но за кариера е потребно многу повеќе работа! Денес навистина е успех да се избалансира кариерата со приватниот живот, бидејќи често ние жените следејќи го својот професионален сон го одлагаме мајчинството. Периодот додека бев на академија за судии и постојано имавме испити, бев и бремена. И покрај многуте предизвици и ризици кои ги носеше тој период, бев исклучително среќна бидејќи бев на чекор до остварувања на моите два големи сона, да бидам мајка и да бидам судијка. Да заклучиме, успехот бара многу непроспиени ноќи и секако, родители кои живеат блиску.


Како ја одржувате Вашата убавина во оваа доба од животот, по кои принципи за убавина се водите? Дали поддржувате естетска хирургија или природен изглед?

- Со оглед дека имам 38 години сѐ уште уживам во убавината на доцната младост и се радувам на ситните брчки кои се траг на сѐ она низ што поминувам, и секоја победа и пораз чинам оставаат белег на моето лице. Секое паѓање на моето дете, е ново бело влакно, а не можам да кажам дека и судските предмети не оставаат траг. Не постои естетска хирургија која може да покрие тага или болка, но сепак доколку истата е во служба на природниот изглед, зошто да не. Јас засега се „потпирам“ на црвениот кармин!

„Сѐ уште верувам дека умот е најмоќното оружје на една жена“

* Што е најважно за убавината на една жена? 

- Убавината, дефинитивно не е поврзана со формата на телото. Нема ништо поубаво од жена полна со самодоверба, која сѐ што прави, прави со страст и има емпатија за околината. Сѐ уште верувам дека умот е најмоќното оружје на една жена.

Koj и што Ве мотивира низ секојдневието на животот? 

- Секојдневно се обидувам преку моите одлуки да ги охрабрам луѓето, да им дадам верба дека по многубројните разочарувања можеме да имаме правда и ме мотивира тоа што странките ја препознаваат таа намера. Без оглед за каков предмет и за какви обвинети станува збор, секогаш се обидувам да се ставам во „нивните чевли“ и се однесувам спрема сите нив со многу почит, сочувство и разбирање.

Ваше животно мото

- Не се откажувај!


*Даница Караташова Илиоска