И во петтиот месец од бременоста по 10 часа сум на високи потпетици: Водителката Марија од „Бекстејџ“ која живее во Словенија чека син

Добивај вести на Viber

Водителката Марија Петровска, која веќе 7 години живее во Словенија и нејзиниот партнер , Михаел Сказа, следната година ќе станат родители. Марија, која беше заштитен знак на ТВ естрадниот магазин „Бекстејџ“ е во 20-тата недела од бременоста и очекува син. Љубовта која функциононираше на далечина во 2015 ја однесе во Словенија, а сега и покрај тоа што наскоро ќе стане мајка, убавата Марија води прилично активен живот и никако не се откажува од високите потпетици. Од Цеље, каде што работеше и живееше изминативе години, таа и Михаел кој е стоматолог се преселија во Марибор. Во своето родно Тетово, каде што ѝ е срцето, редовно доаѓа, како и во Скопје, кај своите пријатели.

*Од Целје каде што живеевте долго време, се преселивте во Марибор. И покрај тоа што си на половина на бременоста, велиш дека живеете активен живот, на две места.

- Веќе половина година живееме во Марибор. За преселбата во „престолнината на Штајерска" се одлучивме затоа што е поголем град и има повеќе луѓе и случувања, но првенствено затоа што Михаел е од Марибор и повеќето пријатели и негови роднини ни се тука.Сепак повеќето денови сè уште ги поминуваме во Цеље, затоа што и двајцата таму работиме. Михаел веќе 16 години е раководител на едукативниот центар во „Интердент“. Jас од август минатата работам во „Кинезика“ - фирма која се занимава со развој, производство и продажба на козметика и додатоци во исхраната. Поточно сум раководител на одделението за маркетинг и односи со јавност на нивниот бренд „Butters“.

*Во која недела од бременоста си, и дали можеш да кажеш дека си променета во овој период?

- Во моментов сум во 19-тата недела од бременоста, некаде на половина пат.Што се однесува до промените, веројатно Михаел би знаел подобро да одговори...Јас не забележувам некои драстични промени (освен очигледните физички). Се чувствувам одлично, немав и сè уште немам никакви мачнини ниту драстични промени во расположението... Немам посебни желби, кога е исхраната во прашање. Останувам активна и сèуште поминувам по мининум 10 часа дневно во високи потпетици.Можеби малку почесто плачам на филмови, ама тоа е нормално, нели? (се смее)

*Повеќето идни родители си го замислуваат ликот на беебто, и доста рано размислуваат за имиња. Дали е таков случајот и кај вас?  

- Релативно рано дознавме дека чекаме син, уште во 12-тата недела одлучи сам да ни открие на прегледот на нухална транслуценца. И морам да признаам дека оттогаш секој ден потајно размислувам како ќе изгледа, на кого ќе личи, дали ќе доминираат словенечките или македонските гени, ама на крајот секогаш завршувам со истата мисла - само нека е жив и здрав, ништо друго не е важно.Што се однесува до името, с уште не сме избрале. Имаме неколку фаворити, ама сè уште ништо конкретно.

*Вие сте една од оние двојки кои долги години живеат заедно, но сè уште не се решиле да се венчаат. Планирате ли венчавка во скоро време, и колку потписот е битен за да се одржи една здрава и цврста врска?

- Искрено во моментов не планираме венчавка. Знаеме дека и двајцата евентуално сакаме да се венчаме и да го направиме и тој чекор, ама не сметам дека заради тоа нашата врска би била посериозна или поцврста. За жал живееме во време кога многу млади стапуваат во брак пребрзо или поради погрешни причини и тоа често резултира со разделба.Ние сме заедно веќе 13 години, од кои 6 години одржувавме врска на далечина, а 7 години живееме задно и сметам дека нашата врска преживеала многу и многупати досега во пракса ја докажала својата цврстина. Ако не постои љубов, компромис и меѓусебно разбирање, ниту еден потпис не е доволен за да се одржи една врска.

*Ако Македонија и Словенија би играле натпревар во различни дисциплини, којаземја во која дисциплина би победила: менталитет, начин на живот, професионалност, луѓе....

- Морам да признаам дека ова прашање ме насмеа од срце, ама и најмногу ме измачи.  И Македонија и Словенија имаат свои предности и маани. Јас често знам да кажам дека кога доаѓам во Македонија ми е полно срцето, ама кога сум во Словенија ми е мирна главата. И навистина мислам, дека кога би успеале да ги искомбинираме нашиот мерак и умешноста да го уживаме животот со словенечката професионалност, колективна свест и одговорност би било совршено, ама што е тука е, сега ќе пробам објективно да изберам победник во овој замислен натпревар.

- менталитет - уффф тешко, тука ќе морам да изберам нерешено.

- начин на живот - Македонија, заради подобриот баланс помеѓу работата и уживањето во животот.

- луѓе - Македонија, не затоа што сум и сама Македонка, ама затоа што со нашата љубезност, топлина и гостопримство не може да се споредува ниту еден друг народ на светот.

- професионалност - без двоумење - Словенија.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива