Игор Џамбазов испеа песни со посвета за маестро Џамбаз и за Илина Арсова: Балашевиќ, за сите татковци кои не се со нас

Игор Џамбазов сношти со многу емоции ја испеа „Ќалетова песма“ од Ѓорѓе Балашевиќ и му ја посвети на својот татко, маестро Александар Џамбазов кој почина пред неполни два месеци, и на сите оние кои ги загубиле своите татковци. 

Игор заедно со Гуру Харе имаше настап во ресторанот „Еквилибриум“ кој беше полн до последно место. „Пред неполни два месеци, си замина мојот татко кој сите го знаевте, маестро Џамбазов. 

Си замина и мојот пријател Ѓорѓе Балашевиќ, и таткото на мојот пријател Александар од Радовиш. Оваа песна е за сите татковци кои не се веќе со нас“, рече Џамбазов. 

Во редот од своите најголеми хитови, ниту еден негов настап не поминува без „Диши длабоко“, па Игор симболично ја поврза оваа песна со пандемијата.„Веќе две години не можеме слободно да дишеме“, рече Џамбазов и раскажа уште една интересна приказна за песната „Право дома“. -Ова е за сите девојки кои сакаа да им бидам дечко, а јас можам да им бидам татко, а во Шутка, и дедо“. Актуелната негова песна „Love Is so Good“ е посветена на неговата љубов, Илина Арсова, а пеејќи ја сношти тој рече: „Ова е за мојата Илина“. 

На сите настапи кои ги има во последниве неколку години, Игор искрено кажува колку време не се напил алкохол, а сега веќе се поминати четири години и три месеци, па овој податок го нагласи на почетокот од забавата на која дојдоа доста негови пријатели, меѓу кои и Перо Антиќ. Џамбазов овој период го помиува во Дојран со Илина, за што се добро инфомирани неговите 104 илјади следбеници на Инстаграм, а во Скопје доаѓа само кога има работен ангажман. 

Џамбаз го испеа и „Стојаково блуз“, му посвети и блуз на Охрид, а раскажа и една штипска приказна во времето кога на фестивалот „Макфест“ ја испеал „Време за плачење“. -Тогаш заминав на фестивал со само едни фармерки и една маица. Не ми се верува дека оттогаш поминале 30 години, и еве вие уште ја знаете песната“. 

М.Џаровска 

Фото: В.Тануровски