Среќата не доаѓа по карго

Добивај вести на Viber

Среќата, како состојба на умот и внатрешно чувство, не се купува, ниту продава, ниту пак се нарачува онлајн. А замислете колку би било убаво да си отвориме на интернет и да си внесеме што ни е потребно, па со неколку кликови и ставање на точната адреса да си нарачаме насмевка, спокој, мирен сон, љубов. И згора на сé, да знаеме дека за 7-10 дена (со назнака дека се тоа работни денови) ќе ни стаса нарачката во картонска кутија, облепена со неколку предупредувања FRAGILE (КРШЛИВО). Колку сé би било поедноставно ако среќата, па и љубовта можевме да си ги добиеме на рака со плаќање 130 денари поштарина (или ако нарачуваме неколку состојби одеднаш, каргото ќе беше бесплатно). Но, ако нешто ме научил животов е дека ништо не се добива на полесниот начин, ама баш ништо. А она што ми се чинело дека сум го добила на лесен начин, после ми излегло низ нос и сум го преплатила, дали со пари или живци, сеедно. Ви текнува како некогаш се двоумите меѓу две блузи во продавница, од кои едната е памук и поскапа, а другата е некое ла*но материјал и поевтина, па ќе ја купите поевтината демек да подзаштедите? А после, ви текнува како од вештачки материјали или ќе се нафрлате или при првото потење засмрдува сé околу вас, па си велите “абе требаше поскапата да ја земам”, оти знаете дека нема веќе никогаш да ја облечете синтетиката? Е, така и со сé останато што ви изгледа примамливо и евтино, ама баш така.

Ова животиштево, што знае истовремено да е толку прекрасно и застрашувачко, си има некоја своја приказна што си ја тера, додека сите ние планираме дека ќе ни биде вака или онака. Попатно, ни сервира сé што може да ви падне на ум, нé тренира и челичи, оти само така ќе добиеме на кондиција. И што е најважно, не само што нé учи како треба, туку и како не треба. Маката е само колку долго ќе даваме отпор да прифатиме дека искуството не секогаш се совпаѓа со она што нé учеле од дома или она што сме го идеализирале. И ако ме прашате зошто го ставам под знак прашалник домашното воспитување, ќе ви го кажам следното. Не сме сите исти и не сме сите исто воспитани. Некои се учени од дома да даваат и раздаваат од душата и срцето без да се штедат, а некои се учени од дома само да грабаат и себично да уживаат. Идеалната комбинација е човек да дава и зема и да знае да се внесе себеси и да ужива во двете подеднакво. Мене лично ме воспитале дека треба да бидам чесна, скромна, тивка, да помагам и да не очекувам. Дискутабилно е колку ќе бев посреќна или понесреќна ако се туркав со лакти, ако лаев без аргументи и ако знаев како и за колку да се продадам. Зошто го кажувам ова? Да речеме дека гледам еден куп луѓе околу мене кои се воспитани совршено, кои се ретки и убави луѓе, кои инвестирале во себе и своето знаење и кои останале со прстот во уста, оти не биле дрски и безобразни. Да речеме оти од друга страна знам еден куп шарлатани кои дрндаат глупости без покритие, кои се неспособни и кои од инвестирање во себе, инвестирале само во гардероба. И ако на скалилото на тоа кој колку остварил во животот ги ставам и едните и другите, вториве се многу погоре. Лично за мене, првиве секојпат ќе бидат на скалилото на морални вредности неспоредливо понапред, ама кој ме прашува па мене!

И кога гледате дека од една страна се вреднува сé што од дома ви кажале (со право) дека е за срамење а не за фалење, што би одбрале ако се вратите наназад? Дали повторно би останале истите или би биле поинакви? Е, некогаш токму тоа прашање си го поставувам, дали ќе сменев нешто или и стопати назад да се вратев, ќе бев сега пак на истото. И познавајќи се себеси колку знам да бидам наивна, веројатно немаше ништо посебно да сторам и пак ќе бев оваа Ана која сум сега. Колку и да звучи ова безвезе, некако сум ок со тоа сознание. И да, среќата не се нарачува по карго, ама па сум си ја нашла во рамките на тоа која сум и каква сум.

Она што е интересно е дека за среќата секогаш сме имале некаква илузија дека мора да е зашеќерена, па допадлива, па прилично да паѓа во очи за да ја препознаеме. Како минуваат годините сфаќам колку лесно сме ја мешале среќата со моменталната еуфорија предизвикана од нешто. Тоа е некако слично со вљубеност и љубов, мешањето на тие две состојби знае да ви измести сé во животот. Така, сфатив дека среќата не е нешто што блеска како светлечка реклама, не е музика околу вас, не е чувство на радост од која ви се чини дека ќе ви распука срцето. Исто како што љубовта не се пеперутките, држењето за раце и пулс од 120. На повозрасни години се учи дека и среќата и љубовта се спокој и сигурност. Дека се тивки, малку срамежливи, доволно треперливи за да го имате чувството на треперливост, но сепак да го живеете со нозете цврсто на земја.

И кога веќе зборуваме за среќата, таа сепак си има неколку правила кои ако не ги почитувате, нема да ја почувствувате во сиот нејзин сјај.

Под број еден, да престанете да се јадете себеси за неважни луѓе и нивното мислење за вас, кои сте и какви сте. Нивното мислење да не ви биде императив за тоа како треба да живеете. Што помалку обрнувате внимание на надворешните мислења за вашиот живот, толку поквалитетен ќе ви е животот.

Под број два, престанете да бидете PEOPLE PLEASERS (во превод, тоа би било луѓе кои имаат потреба да угодуваат на сите околу нив). Значи (ова го користам демек значајно да потенцирам, а и за потенцирање е) престанете да се чувствувате одговорни за туѓата среќа и не наседнувајте на оние нарцисоидни типови и цицачи на енергија кои знаат многу добро како да ве натераат да имате грижа на совест ако не им угодите во сé, па макар тоа значело и на ваша штета. Учете како да ги препознаете и држете ги на дистанца, оти само ќе страдате покрај такви.

Под број три...нека звучи банално и клише, баш ми е гајле. Живејте го секој ден како да ви е последен, оти можеби и ви е последен. Најпредливата работа за животот е дека е непредвидлив. Затоа, како и да ви врви денот сторете барем една убава работа за себе, некоја кој ќе ви даде спокој и ќе ви измами насмевка.

Под број четири, не се плашете од никого за да си го кажете своето мислење. Повеќе јаде и повеќе боли кога ќе си го голтнете мислењето и зборот, отколку да се соочите со последиците од тоа што сте го кажале. Особено, не давајте да ве замолчат со уцени и страв, оти ќе изгубите почит за сами себе.

Под број пет, запамтете дека светот и луѓето околу вас не можете да ги смените и не се поболувајте заради тоа. Не можеме никого да смениме, па дури и тогаш кога сакаме себеси да се смениме, не оди тоа како песна. Затоа, одберете си луѓе со кои вашата душа ќе е компатибилна и создадете свој свет во кој ќе одморите.

Под број шест, колку и да сте зафатени секогаш да најдете време да си позборувате сами со себе и да се сослушате (не мора гласно и на сред улица, иако и за тоа не треба да ве боли уво). Некогаш ќе се изненадите колку многу имате да си кажете сами на себе. Човек кој знае себе да се слуша, секако ќе умее и другите да ги сослуша.

Има уште, но да не должам премногу...за крај, никогаш да не дозволите да паднете под било чие влијание за да ја доведете во прашање својата среќа, љубов и интегритет. НИКОГАШ! Не смеете да си дозволите да сте несреќни оти другите не знаат како да бидат среќни, не смеете да дозволите да мислите оти ронка љубов ви е сосем доволна и дека премногу барате и не смеете да дозволите никој и никогаш да крене рака на вас. Да си го вреднувате животот, оти сепак...среќата не се нарачува по карго.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Најди се себеси

Во морето изгубени души

И зачисти си ја душата

Од наталожени спомени

Чунки еден ти е животот

И во него сѐ стокмено да ти е

Онака како што спокој ќе имаш

Најди се себеси

И тогаш кога е темно

Толку црно и густо

Што прст пред себе не гледаш

Пред сѐ што во себе имаш

Да се стопи заедно со ноќта

Од која никој патот за назад не го нашол

Најди се себеси

Во толпата која вреска

И од која гласот не си го слушаш

За да ја раскажеш својата приказна

За да се чуеш и оставиш нешто зад себе

Оти секој од нас трага остава

За коските запаметени да му бидат

Најди се себеси

Дури и тогаш кога не се бараш

И кога ти се чини дека залудно е

Оти никојпат не е и не ќе биде

Та спокојот си го должиш

Оти од мајчина утроба не си излегол

За сиот живот маки да тргаш

Најди се себеси

За да ги пронајдеш и другите

Со кои срцето песна ќе ти пее

А очите солзи радосници ќе лијат

Оти со таквите животот посладок е

И дури и да краток

Има боја, мирис и вкус

Најди се себеси

Во секој здив кој го земаш

Во издишувањето кое го испушташ

Во поглед кон небото

И меката трева под нозете

Во појот на птиците

И меките пердуви под прстите

Најди се себеси

Оти среќата не е касај

Ниту голтка вино или ракија

Среќата не е во рубата

Ниту во алтаните на неа извезени

Таа лежи во тебе, во твојот сон

Кој јаве станува само тогаш

Кога себеси во себе ќе се најдеш

Понеделнички муабет со Ана Бунтеска