Има посетено повеќе од 20 земји, омилени ѝ се Египет и Хрватска, а не би отишла повторно во Братислава: Лилјана од Скопје за искуствата како туристички работник
Велат секое слободно време и можност користете го за патување, тоа ќе ви
остане. Тие спомени се врежуваат засекогаш и ќе ги раскажувате и на вашите
внуци. Но, дури и прошетките до планина или во парк ги препорачуваат и лекарите
за намалување на секојдневниот стрес, кој најчесто доаѓа од брзиот начин на
живот. А доколку сте лице кое знае да избега виртуелно во светот на некои
егзотични или навистина туристички примамливи дестинации, не може, а да не сте
го забележале на Инстаграм профилот на Лилјана Клинчарова Ангеловска.
Таа од 2017 година работи како туристички работник и преку фотографиите не‘ води низ убавите плоштади на Хрватска, богатата историја на Египет, сините убави морски бранови во Бодрум и на многу, многу други места.
Со неа зборувавме за најубавите дестинации кои ги посетила, но и за градовите во кои не би сакала да се врати повторно. За себе вели дека е вљубеник во патувањата, својата работа и креативното изразување, а од неодамна е остварена и како мајка.
* Зошто токму туристички работник, како започнавте со оваа работа и од кога?
- Мојата работа како туристички работник започна во 2017 година со желба за промена кон нешто ново и динамично на професионално поле. Искрено, никогаш не помислував дека ќе сум дел од светот на туризмот. Но, претпоставувам можноста за работно место кое овозможува истражувања, патувања и креативност во сите форми беше доволна причина за се‘ уште да бидам дел од оваа патувачка приказна.
* Колку земји имате посетено? Која ви оставила навистина впечаток, а која не би ја посетиле повторно?
- Имам посетено повеќе од 20 земји. Половина од нив ги имам посетено како мое лично индивидуално патување, додека останатиот дел преку работните обврски. Земји кои би ги препорачала за задолжителна посета се Египет, Шпанија (Барселона), Чешка (Прага) и Хрватска. Египет пред се‘ поради можноста за комбинација на динамичен и мирен одмор. Има навистина премногу што да се види како Луксор, новиот Египетски музеј, крстарење и нуркање во Црвеното Море и би советувала комбинација од 10 или 14 дена престој за како би можеле да видите се‘ или барем дел од се‘ што нуди оваа земја.
Барселона ја посетив за време на пролетниот одмор и можам да кажам дека секое годишно време е соодветно за посета на оваа дестинација. Со сопругот изнајмивме велосипеди па во рок од една недела престој успеавме да ги посетиме сите знаменитости, но и да имаме мирни денови на плажа покрај Средоземното море. Би препорачала посета на локалниот La Boqueria Market, нешто налик голем градски пазар, како и прошетка покрај прекрасната марина, но не би ја препорачала посетата на аквариумот.
Следна од листата омилени дестинации е Хрватска, за која би можела да говорам навистина премногу. Љубовта кон оваа земја ја негувам уште од мала, претпоставувам главниот виновник за тоа би бил татко ми. Голем дел од летните одмори ги поминував во Макарска, бидејќи е град кој поради одличната географска поставеност нуди посета на многу околни градови и острови. На само еден час е Сплит, имате секојдневни еднодневни крстарења до Брач, Хвар и Корчула и секако доколку не би ви претставувало проблем 3 часовно патување по правец до Дубровник. Како дополнително место за посета кое вистински воодушевува е малиот град Брела. На 15 километри од Макарска и под заштита од УНЕСКО, тука ја имате една од најчистите плажи со најживописна природа.
И последна, но и најбогатата, Прага. Иако како дестинација е малку подалеку, сепак е место кое посакувам повторно да го посетам. Прага ја посетив во Март 2019 година и беше навистина ладно, па затоа сметам дека најубав временски период за посета е Мај или Септември. Од Прага покрај Карлови Вари, како еднодневна екскурзија посетата на Дрезден (Германија), би ви била одлична прилика за најголемиот шопинг.
Земји во кои не би патувала повторно се Словачка (Братислава) и островот Кипар. Братислава е град кој по површина е помал и од нашиот главен град Скопје, но е и некако темен, тивок и луѓето се ладни. Додека Кипар можеби го посетив во погрешен временски период, поточно во Август кој е месец кога е најтопло со најмногу туристи. Можеби со некое следнопатување во друг временски период би го променила впечатокот и мислењето. И да не заборавам, се надевам во некоја следна прилика би раскажала, но дотогаш од срце ви го препорачувам Бодрум (Турција) како уште една прекрасна дестинација за посета.
* Кои земји ви се на листата за посета годинава, или имате големи желби да ги посетите?
- Листата за посети на земји ќе биде секогаш долга. Кога би започнала земјите како Кина, Мексико, Мароко, Тунис и Сејшели би биле меѓу првите. Оваа година патувањата ќе ни бидат повеќе во соседните земји, но и некое есенско патување низ Европа би можело да биде остварено.
* Имате ли навика или како традиција да купувате сувенири од земјите во кои сте биле? Имате ли дома катче во кое ги чувате - изложувате?
- Секако. Покрај многубројните фотографии од секое патување задолжително е и купувањето на сувенир. Се трудам секогаш сувенирот да биде автентичен или карактеристичен за земјата во која патувам, како на пример папирус од Египет или маска од Венеција. Во поглед на прашањето за нашиот дом, нема некое посебно катче, секој сувенир е поставен онаму каде што сметаме дека доаѓа до израз и изгледа убаво во нашиот дом. Интересно е и што на нашето 5 месечно синче омилен му е фрижидерот со магнети, шарен, со секакви облици и форми па често знаеме дел од денот да си го поминуваме токму таму гледајќи ги магнетите.
* Се сеќавате ли на вашето прво патување, од мала?
- Во моето детство патувањата беа многу ретки. Мојата мајка и татко беа посветени во развивањето на нашиот семеен ресторан. Подоцна татко ми започна со одгледување на расади за облагородени јавори кои бараа голема посветеност, па така одморите секогаш беа оставани за некоја следна година. Претпоставувам сега дека надоместувам за пропуштените патувања и со причина сум дел од туризмот.
* Разгледувајќи го вашиот профил на Инстаграм, мора да кажам дека воодушевуваат фотографиите, од патувањата, но и они кои ги правите од вашето секојдневние. Имате посетувано курс за фотографирање или народски речено имате око за добра фотка?
- Курсот за фотографија секогаш бил на списокот со желби за остварување. Се надевам во блиска иднина дека ќе ми биде остварена таа желба. Досега имам посетено курсеви за графички дизајн и Photoshop, но ни едното ни другото не ги користам во креирањето на фотографиите. За се‘ што е поврзано со фотографија постојано читам и се трудам да го применам подоцна истото. Во моментот апликација која најмногу ја користам за едитирање на фотографиите е Lightroom и сите фотографии се направени со камерата од мојот мобилен телефон. Во поглед на фотографиите од патувањата, доколку имам можност и време пред самото патување, пребарувам за одредената дестинација идеи за фотографирање, како и скриени непознати места и улички кои нудат фотографија за паметење.
* Имате и бебенце, како се организирате со обврските откако добивте дете?
- Бидејќи ни е прво детенце, очекував дека хаосот ќе владее во нашиот дом. Но, и јас и сопругот сме организирани личности по природа па и не ни беше потребно многу време додека го воспоставиме редот. Секако понекогаш има и денови кога обврските ги завршуваме спонтано, но се трудиме сепак да одржиме баланс.
* Инстаграм профилот ви е навистина интересен и пред се‘ позитивен, црпите инспирација од некаде или секој пост и фотка е ваша инспирација?
- Инспирација барам и наоѓам од секојдневието, но знам да најдам и по некоја интересна идеја на Pinterest. И секако моментално најголема инспирација ми е синот. Креирањето и создавањето на секоја фотографија ми е повеќе како приказна, изразување на одредени емоции и мисли.
* Каде се гледате за 10 години од сега?
- За 10 години од сега би сакала заедно со моето семејство да сме заминати во некоја од јужните земји покрај море. Со сопругот го живееме тој сон за таков живот и се надевам дека истиот и за помалку од 10-на години дека ќе биде исполнет.
Наталија Миланова
Фото: Приватна архива
ГАЛЕРИЈА: