ИМАМЕ ЛИ ШАНСА ЗА ЕВРОВИЗИСКО ФИНАЛЕ?: „Ај Кју“ со искрена порака пред вечерашниот настап
Би сакале вечерва да сме во топ 10, тоа би било одлично. Првото полуфинале е далеку појако од второто и навистина сите велат дека е потешко за пласман во завршницата. Во таква конкуренција многу композиции вечерва, условно речено, ќе отпаднат неправедно. Но, ние сме тука да го дадеме најдоброто од себе, понатаму веќе ништо не е во наши раце, ни изјави Бојан Трајковски, фронтменот на бендот
Деветнаесет земји, меѓу кои и Македонија, вечерва ќе ги имаат своите три минути на евровизискиот подиум во Лисабон, Португалија. Точно во 21 часот стартува првото полуфинале од годинашното 63-то издание на „Евросонг“, а нашите претставници, бендот „Ај Кју“, ќе се борат за пласман во финалето кое за нас е невозможна мисија од 2012 година.
- Би сакале вечерва да сме во топ 10, тоа би било одлично. Првото полуфинале е далеку појако од второто и навистина сите велат дека е потешко за пласман во завршницата. Во таква конкуренција многу композиции вечерва, условно речено, ќе отпаднат неправедно. Но, ние сме тука да го дадеме најдоброто од себе, понатаму веќе ништо не е во наши раце - ни изјави Бојан Трајковски.
Членовите на „Ај Кју“ за Лисабон имаат само пофални зборови. Велат дека организацијата е одлична и задоволни се и од градот и од луѓето.
- Најчесто сме во друштво со претставниците на Швајцарија и Австрија, а од композициите на натпреварот, покрај швајцарската и австриската, многу ни се допаѓа и француската песна – велат тие.
Сценскиот настап на „Ај Кју“ го осмисли кореографката Јана Андрејевиќ Лазарова која вели дека сите движења се надоврзуваат на она што имавме прилика да го погледнеме во официјалниот видеозапис.
- Имајќи предвид дека „Евровизија“ е телевизиско шоу, настапот на нашата земја е конципиран како ТВ- спот во којшто Марија ја има главната улога, но присутна е и нишката каде што таа е претставена и како дел од бендот – појаснува Лазарова.
Александра Јовановска, во улога на шеф на прес, потсетува дека за разлика од нас, многу земји имаат драстично поголеми финансиски средства со кои располагаат за овој проект, но и побројни делегации чиишто членови достигнуваат и до 50 луѓе.
- Сепак, коментарите што ги добиваме овде се дека без оглед на пласманот во последните години нашата земја има направено многу за подобрување на имиџот на својата земја на „Евровизија“ со песните што сме ги селектирале кои остануваат запаметени од страна на публиката – објаснува таа.
Јовановска вели дека атмосферата во тимот е одлична и дека работат со голема концентрација и посветеност.
- На сите ни значи да го добиеме максимумот од нашиот сценски настап, па освен забелешките на редовните проби, имавме и одредени дополнителни состаноци и консултации со продуцентскиот тим на шоуто, за да бидеме сигурни во крајниот резултат на нашиот сценски настап. Имаме модерна, поинаква песна, којашто е една од најомилените годинава. Сите шестмина на сцената се одлични вокали, а продуцентот Дарко Димитров се погрижи на пробите „Ај Кју“ и придружните вокали да звучат сигурно и моќно на сцената, така што навистина се надеваме на забележителен настап – ни изјави познатата водителка и авторка на ТВ-магазинот „Стисни плеј“ која неколку години е дел од македонскиот евровизиски тим.
Ѓорге Стојанов