„Македонскиот вез отсекогаш ми бил инспиративен, сакав да направам спој на традиционалното со современото“: Уметницата Билјана Јуруковски за цртањето на патики и јакни
Македонскиот народен вез со генерации се пренесувал, преку традиционалната македонска носија. Бабите тоа најдобро го знаат. Ткаењето на разбој и создавањето на уметност која генерации, генерации подоцна се пренесува преку најразлични форми.
Македонскиот вез е како ДНК-код на нашиот народ, препознатлив по спецификите на цртите, моделите.
Везовите најчесто биле изработувани од волнени конци, но во новото и модерно време, уметницата со потекло од Прилеп, Билјана Јуруковски, македонскиот вез со бои го пренесува на модерните „старки“, јакни, чевли.
Инаку Билјана е номад фотографка, која има богато портфолио, а таму некаде во него со златни букви испишано е дека нејзина фотографија се најде во престижниот „Тhe Guardian“. Фотографија со потпис на Јурукоски беше избрана како фотографија на денот од „National Geographic“, како и награди од областа на фотографијата кои и давале мотив и поттик да го прави тоа што сака најдобро како што знае.
Веќе 27 години живее во Австралија, но често е во Македонија, секоја година без да промаши.
„Години работев како извршител менаџер на група домови за стари лица, но од пред некоја година, комплетно ја напуштив таа професија и се занимавам со сликање, фотографија, повеќе со креативна дејност“.
Пресвртот го прави со нејзиното ново хоби, цртање на чевли, а потоа и на облека. „Безвременската убавина на традицијата со модерен пресврт“, вели Билјана за нејзината работа.
Креативните патики направија бум на социјалните мрежи. Традиционалниот македонски вез пресликан на патики. Инспирацијата за започне со оваа техника на цртање ја добила на работилница додека била на патување на Бали.
„Со процесот на сликање на текстил се имам сретнато во повеќе земји низ моите патувања и со различни техники. За прв пат пробав во Бали на една работилница, со посебна техника (Батик) каде шемата се прави со восок и се бои помеѓу линиите. Идејата за сликање на „Converese“ а и на други парчиња гардероба не ми од сега и претходно сум сликала парчиња со различни мотиви.
Македонскиот традиционален вез отсекогаш ми бил доста инспиративен и сум сакала да го насликам на парчиња гардероба или во случајот на патиките. Сакав да направам еден спој на традиционалното со современото“.
Различната инспирација, со себе носи и различна техника и бои. Конкретно за овој вид на уметност се користат специјални бои кои ќе овозможат парчињата на кои се аплицира бојата да можат да се одржуваат, а при тоа да не уништи веќе нанесената апликација.
„Секое парче е насликано со посебни бои за текстил кои можат да се перат до 40 степени без да се оштетат. Откако ќе се наслика бојата и исуши се фиксира со пегла или фен и посебен спреј фиксатор.
Во техниката на цртање доста често ги употребувам точките со кои ги оформувам мотивите, везовите.
Во последните креации користам и 3Д маркери за текстил кои му даваат релјефен изглед на мотивот“.
Изработката до совршенство одзема време, многу фактори влијаат на тоа за колку време ќе биде завршена една апликација.
„Самата изработка одзема време од причини што е сè рачно сликано, а процесот на сликање со точки одзема време, но во секој случај го уживам секој момент во изработката“.
Освен на патики, уметноста со потпис на Јуруковски може да се сретне и на „деним јакни“, што претставуваат новата колекција на уметницата, мотиви насликани инспирирани од нејзините патувања.
За приказната со фотографијата, Билјана вели дека започнала пред 10-тина години. Во тој период прошетала и голем број земји кои биле инспирација за неа и нејзината професија.
„Таа приказна започна пред 10 години и продолжува понатаму. Целта е документирање на последните домородни луѓе во Африка претежно оние кои ја зачувале својата култура и традиција“.
Дел од фотографиите на Јуруковски завршија во странски магазин, една дури и на „National Geographic“.
„Објавувањето во светските познати списанија е сепак поттик, но не е главен мотиватор за продолжување на мојата цел. Веќе врвот е достигнат со фотографијата „In the name of the tribe“ која во 2021 година беше селектирана за да биде испратена во вселената со посебни бинарни кодови или сè додека не се наиде на некоја друга цивилизација и носи порака за мир и љубов.
Билјана најмногу сака да фотографира, култура, традиција и етнографија, па затоа и не случајно со нејзиниот фотоапарат посведочила на најголемите македонки културно - традиционални случувања, Вевчанскиот карневал и Галичката свадба.
Габриела Додевска Глигоровска