ИНТЕРВЈУ: ПРОФ. Д-Р НЕБОЈША ТАСИЌ - КАРДИОЛОГ: И младите жени се изложени на ризикот од инфаркт

Кардио-васкуларните проблеми се модерна болест на денешницата, а жените, особено во периодот на пост-менопауза се изложени на поголем ризик од срцев и од мозочен удар. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ минатата недела беше отворен првиот HISPA центар во Македонија. Клучната разлика по која овој центар е единствен во земјава и во регионот е персонализираниот пристап во намалувањето на ризик факторите и регулирање на крвниот притисок, кои значително влијаат во спречувањето на срцевиот и на мозочниот удар.

Со отворањето на овој центар, „Аџибадем Систина“, воедно, беше основано и здружението „HISPA М“ коешто стана дел од регионалното HISPA Здружение за третман на висок крвен притисок и превенција на срцев и мозочен удар. Вакви центри има во 55 градови во Србија, во Црна Гора, во Босна и Херцеговина, во Хрватска и во Бугарија, каде што работат високо-стручни тимови. Професор д-р Небојша Тасиќ, врвен кардиолог на Институтот за кардио-васкуларни болести „Дедиње“ во Белград, во интервјуто за Женски магазин ги објасни конкретните начини за превенција и лекување на кардио-васкуларните болести.


Женски магазин - Кој е поводот на вашата посета на Скопје и болницата „Аџибадем Систина“?

Д-р Тасиќ - Има повеќе поводи поради коишто сум тука. Прво, сакам да се заблагодарам на професорот Александар Николиќ и на раководството на клиниката „Аџибадем Систина“ што ме повикаа да соработуваме за два убави проекти. Првиот е едукацијата на лекари за лекување на резистентната хипертензија, едукација на една посебна програма којашто се вика HISPA - програма за превенција против срцев и мозочен удар. Имам големо задоволство да кажам дека во Македонија се отвори првиот HISPA - центар, тука во болницата „Аџибадем Систина“. Македонија е шестата држава во којашто овој центар се отвора. HISPA е едно специфично, младо здружение коешто има за задача да ги лекува срцевиот и мозочен удар односно, со една посебна, HISPA програма на време да реагира кај пациентите кои имаат кардио-васкуларни проблеми.

Женски магазин - Зошто луѓето денес се повеќе страдаат од кардио-васкуларните болести?

Д-р Тасиќ - Денес, зголемениот крвен притисок, дијабетесот, грип-епидемијата, дебелината, нарушениот метаболизам веќе не се сметаат за одвоени болести, туку како една нова болест која се вика кардио-васкуларен ризик. Затоа ние, лекарите и сестрите, ги соединивме нашите сили, со еден нова, специјализирана, специфична, нова и модерна програма, со HISPA методот да се бориме и да го превенираме развојот на кардиоваскуларната болест. HISPA центрите постојат во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, а сега и во Македонија. Таа борба е многу важна за овој регион, затоа што луѓе секојдневно умираат од инфаркт. Ако во минатото, во 19-тиот и на почетокот од 20-тиот век луѓето умирале од чума, туберкулоза, дезинтерија и од други заразни болести, денес луѓето умираат од хроничните, незаразни болести, како што се кардио-васкуларните. Затоа денес сме тука и затоа очекуваме повеќе доктори и медицински работници да ни се придружат во оваа борба, за да успееме да спасиме што повеќе пациенти.


Женски магазин - Дали за жените, особено во периодот на менопауза, е зголемен ризикот од кардио-васкуларни проблеми?

Д-р Тасиќ - Овој дел особено би сакал да им го посветам на читателките на Женски магазин и на жените, воопшто. Жените како носители на семејството, жените кои треба да бидат носители на здравјето на едно цело семејство. Тие не се грижат само за своето здравје, туку и за здравјето на целото семејство. Затоа, HISPA програмата подразбира специјална едукација за жените. За жал, жените, особено во тој период на менопауза се изложени на значаен фактор на ризик. Причина за тоа се стресот, недоволно движење, лошиот начин на исхрана и многу други. Морам да обрнам внимание на тоа дека денешната медицина многу обрнува внимание на жените во пост-менопауза. Затоа ние сакаме и младите жени, кои се во триесетите и во раните четириесетти години агресивно да одат на редовни контроли за да не дојдат до факторот на ризик. Што значи агресивно? Тие жени, додека сè уште релативно млади, ние ги едуцираме дека мораат да ги остават цигарите и, освен физичкиот изглед, мораат да се грижат за своето здравје, правилно да се хранат и да спортуваат. Со тоа ќе бидат видливи и резултатите и во грижата за надворешниот изглед. Потоа, кога ќе влезат во тој пост-менопаузален период, тие ќе влезат како здрави личности со намален ризик за кардио-васкуларни проблеми. Погрешно е жените да се гледаат како на ризични пациенти во тој период на пост-менопауза, кога тие се на ризик уште како многу помлади, во триесетите години.

Вие ќе прашате зошто една млада, убава жена да дојде на преглед во HISPA - центарот? Ние сакаме на време да ги откриеме нејзините слаби точки, да ги санираме проблемите кои евентуално ќе дојдат во подоцнежните години. Тие проблеми ние би ги корегирале на време, би поставиле една убава соработка помеѓу лекарот и жената и таа соработка би ја негувале со децении. Нашата цел е здравите луѓе да останат здрави, а со тоа да ја спречиме појавата од срцев и мозочен удар.

Женски магазин - Имате ли конкретен пример на превенција и лекување, особено на помладите жени?

Д-р Тасиќ - Денеска старосната граница за жал е поместена. И младите жени се на удар на кардио-васкуларните болести, затоа велам дека со здрав начин на живот тоа може на време да се спречи. Затоа, особено сакам да истакнам дека овде не се работи само за поимот превенција, туку за една активна грижа за себе си. За овие ризици денес многу се зборува во медиумите и на телевизија. Но, тоа е сè претставено како еден облак кој си заминува, на ниво на едни општи совети. Она што ние сакаме во нашите HISPA - центри да го постигнеме е секоја од нашите жени конкретно да ја упатиме: што да јаде, како да се движи, како треба да се одмара, како да се однесува со другите проблеми и со своите слаби точки и како да се избори да го избегнува стресот што повеќе.

Ќе ви дадам еден конкретен пример. Имаме една жена која е во раните четириесетти години. Таа е мајка, има две или три деца, работи во фирма, има домашни обврски, влегува и излегува од автомобил, слабо се движи. Таа жена ќе отиде кај својот матичен лекар и тој ќе и рече: имате малку повишени маснотии, малку повишен шеќер, но вас ништо не ве боли и тоа не ништо страшно. И токму тогаш, кога таа жена мисли дека е сè во ред, таа добива инфаркт или шлог и сите се прашуваат: од каде? Тие фактори на ризик, не се собираат, туку прогресивно се множат и се акумулираат и потоа со некој поголем стрес, на пример, нејзе може да и донесе инфаркт или шлог. Затоа, ние сме тука, во тие HISPA - центри, на време да ги забележиме тие промени, да ги коригираме, но не да ги коригираме на начин кој вам не ви одговара. Помина времето на докторите кои ќе речат: Немој да пиеш, немој да пушиш, немој да јадеш мрсно, немој да јадеш луто, повеќе движи се, еве ти два лека и пријатно. Значи, и ние лекарите мораме да го смениме нашиот став. Затоа и денес во Скопје вршиме едукација и предавање и на таа тема. За нашите HISPA - центри има доста информации на нашите веб страници, во медиумите, на мобилните апликации. Ние активно сакаме до го едуцираме и населението и лекарите, дека единствен и вистински начин е персонализираната превенција, секој, ама апсолутно секој пациент да го добие својот личен профил за здрав живот.


Женски магазин - Кој сè може да биде пациент во HISPA центарот?

Д-р Тасиќ - Во HISPA центарот ќе се третираат пациенти кои имаат нерегулиран или неадекватно регулиран крвен притисок, пациенти кои биле на кардиолог, но сепак не успеале да го регулираат притисокот. На овие пациенти им е потребна комплетна дијагностика, третман и следење. Главен фокус ни се и пациентите кај кои е проценет ризик за појава на кардиоваскуларна болест. Тоа може да бидат и релативно здрави луѓе, кои немаат изразени симптоми но имаат проблеми како што се прекумерна тежина, стрес, висок крвен притисок, неадекватно се хранат. Посебен програм е и рехабилитацијата на оперирани пациенти по HISPA персонализираната програма, која ќе овозможи намалување на ризик факторите за развој на болеста. Во Центарот се добредојдени и здрави луѓе кои сакаат да го зачуваат своето здравје.

Женски магазин - Дали покрај терапијата која им ја препорачувате на пациентите, треба драстично да се промени и нивниот начин на живот и колку психолошкиот пристап е важен?

Д-р Тасиќ - Не да се промени, јас би сакал да речам - да се коригира. Тој збор - промени, многу често страшно психолошки делува на луѓето. Ако некој човек сака да јаде свинско месо и салата од пиперки да речеме, а лекарот ќе му рече: немој тоа да го јадеш!, тоа делува психолошки лошо на него. Ние бараме некој благ начин кај луѓето да не им речеме категорички: тоа не смееш!, туку да ги коригираме оние работи кои се евидентни. Некаде има повеќе, некаде помалку простор за соработка со тие пациенти. Затоа, ги следиме сите најнови трендови - и научни и стручни. Она што е особено важно во таа научна програма, е тоа што ние за нашите пациенти ги вреднуваме работите за тоа како треба да се спречат факторите на ризик.

Милица Џаровска