Да се биде во криза е целосно во ред, но да се биде спремен да се излезе од кризата е неопходно: Интервју психолог Анастасија Георгиевска

Добивај вести на Viber

Се чини дека денес, повеќе од кога било досега, современиот човек и покрај сите можности и погодности што ни ги донесе дигиталната ера, има сѐ помалку време за себе и за суштината на своето битие. Речиси и не успева да се запраша: „Што навистина сакам и што ми треба? без претходно преку социјалните мрежи и медиумите да му се сервира како треба да изгледа, што треба да мисли, поседува или прави. Значи денешниот човек генерално или премногу работи и нема време за приватниот живот или не работи никаде затоа што не може да го најде тоа што го сака и е несреќен поради тоа. На сето тоа, ако го додадеме неговото внатрешно незадоволство од сè што го опкружува - од чувството на осаменост, несигурност во однос на неговата иднина, искривените вредности, стравот и верувањето дека не гледа излез од ситуацијата во која се наоѓа - доаѓаме до појава на разни видови психолошки и психички проблеми . За сите оние теми кои се особено актуелни денес, како и прашања кои секогаш ќе ги интригираат луѓето, разговаравме во денешното интервју со психолог Анастасија Георгиевска. Таа е првиот мобилен психолог во државата и е подготвена да доаѓа на Вашата преферирана локација и да држи сесии во живо!

„Кога луѓето ќе сфатат дека не можат да живеат сами затоа што се социјални битија, тогаш работите ќе почнат да се менуваат“, вели нашата соговорничка која е магистер по клиничка и советодавна психологија, има завршено академија за клиничка невропсихологија и невропсихолошко тестирање, исто така има педагошко-психолошка и методска доедукација.

*Зошто денес е многу потешко да се сочува менталното здравје отколку што било случај пред некои 20/30 години?

-Вистина е дека животот е полесен од пред 30 години во однос на преживување, но менталното здравје сепак е во ризик. Постојат голем број на фактори зошто е тоа така, јас грубо ќе набројам неколку:

- Претерано изложување пред електронски уреди; - Зголемен притисок за перформанса во однос на образование, кариера, финансии, итн.; - Зголемени терористички напади и закани; - Зголемување на вестите кои предизвикуваат поделба; - Драматично зголемување на насилните ТВ програми, филмови и видео игри; - Зголемување на сексуално експлицитниот материјал (ТВ програми, филмови, видео игри, лесен пристап онлајн, итн.); - Притисокот од социјалните мрежи; - Намалени интеракции лице в лице и социјална поддршка; - Распадот на семејната единица; - Конфузија во сексуалната ориентација; - Половата конфузија; - Изложување на мноштво мислења (на ТВ и онлајн); - Изложување на агресивно однесување (драматичен пораст на злоупотреба на деца, злоупотреба на возрасни, сексуална злоупотреба итн.); - Лош/намален сон; - Зголемен финансиски притисок врз родителите; - Намален родителски контакт - децата прерано се одвојуваат од родителите и семејствата; - Лесен пристап и прифаќање на рекреативни дроги; - Премногу заштитени деца; - Намалени очекувања за младите возрасни; - Генерацијата „Јас“ (каде што секој верува дека му припаѓа што сака)

*Колку преживеаните трауми во детството со себе носат ризик човек во подоцнежните години да заболи од некое психичко пореметување? И дали детето кое било занемарено, несакано или злоставувано во тој најран период од животот од страна на родителите, може со работа на себе сепак да порасне во зрела и стабилна личност?

-Детството е клучен период за развојот на мозокот, а овој развој во раните години од животот е клучен за тоа како учиме, реагираме и како подоцна се однесуваме. Но, развојот на мозокот не зависи од биолошкиот процес. Наместо тоа, тој зависи од факторите на животната средина, вклучувајќи пренатална грижа, исхрана и родителство. Преку овие искуства, информациите се собираат и интерпретираат и токму тука детето ги учи основните животни лекции како што се границите на “правилното и погрешното”, нивниот етички компас, како критички да размислува и како да се заштити од можни опасности.

Сепак, негативните искуства од минатото кои предизвикуваат траума (или трауматските искуства како отсуството на родител/старател) имаат големо влијание врз тоа како ќе се развие мозокот на детето, а тоа ќе го промени начинот на кој тие реагираат на општеството во подоцнежниот живот. На пример, трауматично искуство кај детството може да го поттикне мозокот да очекува страв на секој чекор. Во зрелоста, ова ќе доведе до зголемено чувство на стрес во секојдневниот живот, а хроничниот стрес е одреден како „една од шесте водечки причини за смрт“.

Значи, разбирањето и прифаќањето на нашите минати искуства е од клучно значење за надминување на болестите што се појавуваат во зрелоста.

Патoт кон опоравувањето не е нужен за искоренување на детската траума - на крајот на краиштата, нештата како сексуалната злоупотреба и родителското запоставување не можат никогаш да се игнорираат или заборават. Наместо тоа, одржливите опции за третман се однесуваат на разбирање на ефектот што овие искуства го имале врз личноста како возрасен и учење на алатките и триковите кои ќе помогнат во управувањето, прифаќањето и повторно преземањето контрола над негативните трауми од детството. На тој начин, премногу честите несакани ефекти може да се намалат, а човекот да живее посреќен и поздрав живот.

*Што е потребно за луѓето да сфатат дека одењето кај психолог, психотерапевт или психијатар, кога се укаже потреба, е важно подеднакво како и неговото физичко здравје?

-Освестување, признавање и скротување на Eгото!  Луѓето треба да сфатат дека здравјето претставува целина. Од физичкото здравје зависи психичкото и обратно. Кај нас и за физичкиот аспект на здравјето се чека да се реагира во последен момент, а пак менталниот аспект во принцип се игнорира. Сметам дека свесноста за здравјето не е на посакуваното ниво и дека стручните лица треба се повеќе да работат на тоа да ги освестат луѓето.

*Што мислите колку се поголемата популарност на јогата и медитација навистина помагаат да дојдеме до тој некој мир, трпение, и внатрешна рамнотежа?

-Сметам дека треба да бидат уште повеќе популарни! Јас сум 100% за практикување на јога и медитација. Многу луѓе пријавиле придобивки во однос на менталното здравје и успех во намалувањето на стресот по воведувањето на јогата и медитацијата во нивните рутини. Постојат истражувања кои ги поткрепуваат овие искуства. Исто така, јогата и медитацијата се корисни кога станува збор за справување со депресија и анксиозност. Ова е поради вештините развиени во јогата и практикувањето на свесноста која што ја нуди медитацијата.



*Сѐ повеќе млади луѓе се жалат како им е преку глава од се. Родителите не ги разбираат или нервираат, незадоволни се од животот во својата земја, невозможност од наоѓање на посакуваната работа. Тие веруваат дека најдобро решение е да заминат, некаде каде ги чека сјајна иднина, задоволителна работа, и каде ќе имаат некоја сигурност. Но, повторно знаеме и дека многумина од нив кога заминат се борат со огромна осаменост и чувство на носталгија. Колку младите денес се неснајдени во оваа криза на општеството и идентитетот? Како Вие како психолог гледате на се тоа?

-Младите мора да бидат малку покреативни во врска со наоѓање решенија за своите проблеми/предизвици. Да се биде во криза е тотално во ред, но да се биде спремен да се излезе од кризата е неопходно. Низ мојата пракса пречесто се провлекува феноменот на осаменост и изолација кај младите. Младите најчесто го бираат она што е најлесно, а тоа е бегањето, бегањето од земјата и од своите проблеми. Ни треба само малку повеќе храброст за соочување и признавање на тоа што нѐ мачи. Откога си признаеме и побараме помош, веќе проблемот е 50% решен. Работата е тоа што дигиталните решенија нудат удобна замена за човечката интеракција во нашите “зафатени” животи, па затоа ние се чувствуваме одвоени од сите. МОРА ДА СЕ ПОДОБРИ КВАЛИТЕТОТ НА ИНТЕРАКЦИЈАТА МЕЃУ ЛУЃЕТО. Што подразбирам под тоа? Да престане трендот на “ДА СЕ БИДЕ ЗАФАТЕН” и луѓето со намера и со срце да се дружат со нивните блиски, да се поврзуваат, да споделуваат искрено и да прават активности што пропагираат конекција.

* Кога зборувам со повозрасна генерација имам впечаток дека порано навистина се почитувале некои вистински вредности. Знаењето пред се, факултетската диплома, многу повеќе се читало, луѓето се дружеле и запознавале на игранки, а не преку социјални мрежи. Биле многу поподготвени за некоја акција, патувале, се собирале за секакви поводи. Имале многу повеќе хобија и интерес отколку денес. Колку денес им е тешко на тие повозрасни генерации да се снајдат во дигиталната ера и да се прилагодат на овие промени. А колку на младите се тоа им недостасува па сакаат се инстант и немаат ни желба а ни време да се запрашаат што навистина сакаат и кои се всушност тие?

-Искрено, јас го имам истиот впечаток. Компетитивноста и натпреватувачкиот дух се пренагласени денеска. Постарите и децата генерално се чувствуваат запоставено. Културата деградира според мене највеќе заради влијанието што го има западот врз нас. Електронските уреди го сменија методот на учење и дружење. Сметам дека се тоа што го имаш наброено им недостасува на луѓето, но приоритетите се други. Порано многу работи и активности вклучувале социјален аспект, сега воопшто не. Сега сѐ мора да се договори многу денови однапред и да се организира. Нема спонтаност и игра. Кога луѓето ќе сфатат дека не можат да живеат сами затоа што се социјални битија, тогаш работите ќе почнат да се менуваат.

*Во една прилика бев многу воодушевена од фактот дека народот кој живее на азискиот и афричкиот континент, во тие најсиромашните земји изгледаат некако блажено и среќно. Не ги тргаат насмевките од лице, без страв разговараат со странци и секогаш се во групи. Би рекла повеќе се настроени до заедницата и семејните вредности. Додека да речеме луѓето од нашето поднебје и Западот, дури и со многу повеќе пари, избори и можности, се чувствуваат незадоволно и духовно попразни од нив. Изгледа дека парите не се пресуден фактор за среќа и исполнет живот. Вие често патувате. Што мислите што би можеле да научиме од нив.?

-Дека едноставновноста го плени човекот. Кај нас, за жал, важи правилото “зошто да биде едноставно кога може да биде комплицирано”. Практикувај едноставност во која и да е смисла, а највеќе во твојата мисла! :D Да почнеме од денес!

*Често слушам коментари како некој сака да се пресели некаде во природа, на планина или село. Да одмара очи гледајќи во зеленилото, да биде опкружен од животни, далеку од сообраќајни гужви и хаос. Колку всушност природата ни фали, и дали враќањето во природа би не вратил кон нашата суштина. Макар ако дневно издвојуваме по еден час да одиме до најблиската река, блиска шума или најблискиот парк?

-Апсолутно! И јас го зборувам тоа (се смее). Дури гледање на документарци и чување на милениче имаат пријатен ефект. Но, да не романтизираме и да почнеме да обраќаме внимание на природата што ја имаме и во урбаните заедници, многу е важно да обраќаме внимание и да ја негуваме природата што е на чекор од нас, да ја цениме и да покажеме благодарност. Факт е дека влијае позитивно, па зошто да не одиме секоја недела во парк или на планина. Но, полесно е да се сонува за тој рурален дом во иднина, отколку да се излезе од дома и да се обрати внимание на тоа што е веќе пред нас.

*Зошто младите сѐ повеќе се изложени на психијатарски нарушувања, кои се превентивните мерки до кои треба да се придржуваме за да НЕ дојдеме до психички проблеми?

-Во врска со првиот дел од прашањето веќе спомнав, а за превентивни мерки би можела да набројам:
-  Зборувај за твоите чувства, да бидеш ислушан ќе ти помогне да се чувствуваш поддржан и помалку осамен!
-  Храни се здраво!
-  Практикувај ноќен и добар сон!
-  Биди физички активен!
-  Практикувај свесност!
-  Социјализирај се!
-  Грижи се за другите!
-  Побарај помош!

*Кој е најдобриот лек за длабок внатрешен мир и урамнотежени емоции, според вас?

Златните правила:

- Прифати го тоа што не можеш да го контролираш!
- прости си на себе и на другите!
- конектирај се со природата!

*Сведоци сме дека не може да помине ниту еден ден без некој стрес во овој современ начин на живот. Без разлика дали е на работа, во семејството, емотивен план. Па дури и медиумите се почесто ги сервираат тие вести како ударни. Дали воопшто можеме да се сочуваме себе од толку секојдневни стресови на кои сме изложени деноноќно?

-Да! Ние сами бираме што ќе конзумираме! Мора да бидеме повеќе селективни и да научиме подобро да приоретизираме!

*Колку самодовербата и јасно поставени граници нѐ штитат од токсични луѓе и нивната негативна енергија. И колку навистина нѐ исцрпуваат сите тие токсични односи кои ни е тешко да ги прекинеме? А колку е важно да го послушаме своето тело и срце кога ни кажат дека треба да се дистанцираме од луѓе кои ни ја црпат целата енергија и зошто тоа ни е толку тешко да го направиме?

-Се навикнуваме на тие ситуации и паралелно продолжуваме да ги спуштаме нашите лични потреби и стандарди на многу ниско ниво, па затоа е многу тешко таа реалност и удобност да се напушти. Многу луѓе забораваат какви биле пред врската и губат контакт со себе, мора да се реконектираат, но тоа на прв поглед изгледа невозможно, па продолжуваат понатаму заради удобност и познато.

Пак јас со набројувањето (се смее)

- Луѓето ги минимизираат токсичните однесувања и тоа им станува нормално
- Прекинувањето на токсичната врска може да доведе до насилство од страна на партнерот и затоа може да се јави страв и личноста да остане во врската
- Затоа што врската не е секогаш лоша, во кругот на токсичност постои и меден момент каде што токсичната личност почнува да се извинува и другиот партнер почнува да мисли дека има надеж
- Затоа што токсичните врски ја уништуваат самодовербата на личноста
- Понекогаш, особено брачен пар – личноста која што е токсична има контрола над финансиите во домаќинството
- Заради стилот на приврзаност кој што го имаат токсичниот партнер и жртвата
- Понекогаш социјален и општествен притисок
- Заради децата – партнерот може да се чувствува дека е подобро да остане за полесно ги заштити децата
- Понекогаш луѓето немаат на кого да се обратат, доста често токсичниот партнер ги разделува нивните жртви од другите
- Доста често мислат дека нема да можат да најдат друг партнер

*Која би била вашата порака за крај-како да се остане ментално здрав?

- Приближете се до природата! 
- Научете да ги разбирате и да ги менаџирате вашите чувства!
- Зборувајте со лице на кое му верувате за поддршка!
- Бидете свесни за тоа кои алатки ги користите за менаџирање на стрес!
- Користете ги парите рационално!
- Спијте доволно!
- Бидете приземјени!
- Јадете повеќе здраво!
- Бидете љубопитни и отворени за нови искуства!
- Наградувајте се!

Ирена Ставрова