Најследениот Македонец на Балканот- повеќе и од најголемите ѕвезди: Интервју со Петар Маркоски, охриѓанецот кој го маѓепса светот со својата виолина
Охриѓанецот Петар Маркоски е момчето кое благодарение на својот шарм и виртуозноста на виолина на својот Инстаграм профил брои два милиони следбеници. Можеби ќе се сетите на неговите настапи од времето на „М2 Потрага по ѕвезди“, а можеби пак го препознавате токму по неговите волшебни видеа на Инстаграм
Ако најголемите балкански ѕвезди Здравко Чолиќ кој има 108 илјади следбеници, Дино Мерлин кој има 282 илјади следбеници, Цеца која има 1.1 милион следбеници, Северина која има 1.4 милиони следбеници, Жељко Јоксимовиќ кој има 145 илјади следбеници, Лепа Брена која има 464 илјади следбеници - нашиот Македонец има точно 2 милиони следбеници на Инстаграм.
Уште малку ќе ја стигне и најследената позната личност на Балканот- Јелена Карлеуша која има 2.4 милиони следбеници, а со ваква експанзија веруваме дека ќе стигне и до бројките на најпознатиот хрватски виолончелист Стјепан Хаусер кој прави слични видеа и има 4 милиони следбеници на Инстаграм.
Петар е заљубен во виолината, но и во неговата сопруга Марија за која вели дека му е неизмерна поддршка во секој дел од животот.
Токму за музиката, за успесите, за љубовта, како и за идните планови, Маркоски открива во интервјуто за Женски Магазин.
* Кој беше Петар од „М2 Потрага по ѕвезди“, а кој е Петар сега?
- Истиот, само 10 години подоцна. Музиката е дел од мене веќе 25 години, од првиот момент кога фатив виолина во рака на седум годишна возраст. Мојот карактер и љубовта кон музиката никогаш не скршнале од патот.
„М2“ беше убаво искуство, стекнав нови пријатели, научив некои важни лекции за сцената и работата која треба да се вложи за да се направи нешто квалитетно.
Бев доста млад и трагав, се барав во музиката. Интересно е кога знаеш што сакаш, ама луташ го чекаш мигот, што вика еден мој другар, во животот е најважен тајмингот, односно времето кога сите коцки ќе се поклопат, и тоа е дефинитивно така, не само во музиката, туку и во љубовта, во бизнис, во секој аспект од животот.
Денес сум истиот човек по карактер, плус некоја животна лекција и уште поголема љубов кон музиката.
* Кога се роди љубовта кон виолината, дали очекуваше дека еден ден ќе заработуваш од неа, односно од таа професија?
- Сѐ во животот доаѓа постепено. Како што споменав на претходното прашање, виолина прв пат фатив на седум години, кога ме запишаа во основно музичко училиште. Интересен факт е дека бев одбиен поради недоволен талент, и тоа беше така. На приемен ја пеев „Сакам кола убава" - омилена песна, немав ни „М" од музика. Огромна желба на мојата баба беше да свирам виолина па некако со молење успеав да се запишам.
Втора година во основно музичко и прв голем успех за мене, трето место на државен натпревар во Скопје по соло виолина. Државните награди се редеа година за година во соло, дуо и трио виолина. Претставуваа огромна мотивација за мене да продолжам да чекорам по овој пат.
Луѓето кои ме знаат, блиските пријатели знаат дека никогаш не дозволував парите да се мојот приоритет, да ме формираат како човек, па така никогаш и не размислував за тој момент.
Долго работев различни видови на работа, ништо поврзано со музика. Главна цел ми беше да заработам и да инвестирам во музиката, да купам опрема за снимање аудио, видео и да се обучувам. Не сакав да заработувам од музика само поради тоа што сакав да свирам тоа што ме прави среќен, да уживам и да се забавувам.
* Колку ти беа тешки почетоците, како едно дете од Охрид го освои цел свет и сега има дури два милиони следбеници на Инстаграм?
Почетоците се тешки за сите. Многу работа, многу работа и многу работа.
За време на короната со мојата сопруга почнавме да го користиме секој момент за шетање во природа, на планина, фала му на Бога го имаме најубавото езеро во светот, па само да седнеш на кеј апсорбираш прекрасна енергија.
Почнав да ја носам виолината со мене секаде каде и да одевме, снимавме видеа насекаде, мислам дека на една рака се бројат местата каде не сме снимиле видео во Охрид. Го уживавме секој момент и тоа го пренесував на моите видеа.
Никогаш не размислував за бројките, ама како што споменав претходно, дојде и тој момент кога сите коцки се наместија и за мене. Секој труд даден во животот ќе биде приметен порано или подоцна.
* Си добил бројни награди и признанија, си свирел дури и во Ватикан пред папата Франциск... но која ти е најдрага и најзначајна награда или настап?
- Моментот кога добив е-маил од фестивалот „Мурекс Д'ор“ во Бејрут, Либан, беше еден од моментите кога се почувствував прекрасно, награда за најдобар Интернационален музичар за 2023-та година.
Би го споменал настапот и пред папата Франциск како дел од програмата за „World day of the poor", каде од особено значење ми беше најавата која одеше на сите телевизии во Италија, споменат како единствениот Македонец кој настапил пред папата.
Како трето и најдраго би сакал да споделам порака која ја добив пред 3-4 години, која одеше вака: „Здраво Петар, седам сам, тажен во доцните часови на железничка станица, чекам веќе неколку часа, да се вратам во родниот град да ја видам мојата фамилија, која не сум ја видел една година. Случајно видов твое видео како свириш, во душата ми изгреа сонце и насмевка на мојот лик. Ти благодарам" - нели нема нешто поубаво од ова?
* Како оди процесот на избирање песна за свирење на виолина, а потоа и место за твоите преубави видеа на Инстаграм? Дали имаш цел тим кој работи со тебе или пак се организираш сам?
- Сѐ оди од моментот на инспирација. Често запишувам песни на телефон кога ќе слушнам убава мелодија на радио додека возам.
Мојата сопруга ми дава предлог песни, моите родители, пријатели, фановите па ѐе од некаде ќе испадне добра идеја. Со Марија многу сакаме да патуваме, често организираме патување, па јас одма подготвувам програма за снимање песни и планот е спремен.
Една од најголемите работи кои ми се случија минатата година е договорот кој го склучив со мојот менаџер Роланд Хорват, кој беше менаџер на Стјепан Хаусер од „2 Cellos"
Па сега можам да кажам дека тимот се состои со повеќе од 50 луѓе професионалци кои работат на секој детаљ од моите настапи.
* Омилена дестинација за свирење виолина? Омилена песна за свирење?
- Секаде каде и да одам ми е убаво. Убаво е бидејќи сѐ некој ќе застане да слуша, ќе се запознаеш, ќе ја споделиш твојата приказна, ќе ја слушнеш нивната, ќе научиш многу работи за луѓето, нивната култура, ќе ги споделам убавините на Македонија, Охрид и секако мојата музика.
Секоја песна што сум ја одбрал да биде на видео ми е омилена така да имам преку 300 омилени песни.
* Твоја неостварена желба на музички план?
- Да имав барем минута време да поразговарам со Тоше Проески, нашиот ангел и човек во секоја смисла на зборот, ќе научев многу.
* Настрана од работните обврски, како ги полниш батериите? Што најмногу сакаш од твојот роден Охрид?
- Долги прошетки низ Охрид, покрај езеро, во стариот дел заедно со мојата сопруга и нашето кученце Теди. Често земаме апарат, вода, кафе по нешто за грицкање, и се шетаме како туристи - тоа ни е омилено. Секако моментите поминати со фамилијата и пријателите се скапоцени.
* Пред неколку години стапи во брак и со твојата сегашна сопруга Марија. Што ти промени брачниот живот? Дали сопругата ти е поддршка во професијата? Раскажи ни некој интересен детаљ од вашата љубовна приказна.
- Марија е мојата најголема поддршка. Заедно сме во секој момент и сѐ што гледате на моите видеа снимено е од нејзини раце иако не е нејзина професија, а сигурен сум дека не ни сака. Специјално за потребите на видеата научи да снима со професионален апарат, да лета дрон, ми доаѓа како да имам полна продукција со мене.
Сѐ има случено и да се подскараме на снимање ама договорени сме дека тоа е работна атмосфера, штом заврши снимањето како ништо да не било.
* За крај, раскажи ни нешто за твоите идни планови.
- Моментално ја финишираме концертната програма, па здравје Боже од оваа година почнуваме со концерти низ светот.
При крај е и мојот прв албум со преработки на познати светски мелодии кој го сработивме заедно со мојот бенд во Будимпешта, и се планира да излезе втора половина на април.
Средина на април излегува исто еден од моите најголеми проекти за оваа година! Прекрасна соработка со светски познатиот композитор и продуцент од Италија маестро Пиерпаоло Гуерини, продуцент на големиот Андреа Бочели, оперската дива од Естонија Елина Нечаева и познатата танчерска група од Унгарија - Урбан Вербунк за прекрасната - „Phantom of the Opera”
На 24-ти мај настапувам во Будимпешта како дел од концертот „The Ultimate Show" заедно со Marcelito Pomoy кој се представи на „America's Got Talent" и стана светски познат изведувач со способност да го менува својот вокал од баритон до сопран, Елина Нечаева и Урбан Вербунк.
* Мото кое те води низ животот.
- Нема да филозофирам, најважно е само Господ не чува, здравје да ни даде, сѐ друго е лесно.
Даница Караташова Илиоска