Интервју со Сашко Коцев: „Спремен татко у секој џеб мора да има две шноли, два стегачи и обавезно едно мало штипче“
Пред нешто повеќе од 6 години, тој ноември, 2017 година, еден од нашите најпознати актери Сашко Коцев ја доби најважната улога во животот. Стана татко на малата Јоана. Од големата љубов со Смиљана се роди девојче кое стана центарот на нивниот универзум. Подготвени за доживотната улога на родители, одлично организирани поради работните обврски, неговата сопруга како доктор на науки, а тој како еден од најбараните актери кај нас, успеаја одлично да се организираат околу чувањето на ќеркичката, поминувајќи квалитетно време заедно. Со оглед на работните обврски, како актер, подготвување на стендапи, многу претстави, реклами … Сашко вели дека и тоа како поминува квалитетно и исполнето време со своето семејство. Сакајќи да дознаеме нешто повеќе како функционираат секојдневно и како заедно го поминуваат слободното време, тој со задоволство, само за Женски магазин, ни дозволи да ѕирнеме во неговото секојдневие. Каков татко е Сашко, дали се разбира во правење фризури, дали чита приказни и пее приспивни песнички, ви откриваме токму во ова интервју. За почеток го прашавме дали знае како се прави репче, и дали има некоја посебна техника?
- Да признавам, за плетенки се задолжени мајка ѝ и баба ѝ, а за репче сум задолжен јас. И ако е мајка ѝ во близина, сепак мене ме бара затоа што имам една специјална техника, со наведнување глава и правење палма репче, онака од озгора, демек тоа сум знаел само јас да го правам. Тоа она си мисли така, ама не е битно … Она што е битно е дека секој спремен татко у секој џеб мора да има, две шноли, два стегачи и задолжително да се има едно мало штипче.
ЖМ: Кога сте дома, далеку од работните обврски, дали поминувате време заедно со Јоана играјќи друштвени игри и која ви е омилена?
- Имаме многу игри за играње, многу си играме сите тројца по дома. Имаме време за играње, време за пишување, време за цртање. Не дека тоа е некој стриктен и фанатичен распоред, но има време за се. Во последно време си играме една игра наречена – Кој прв. Тоа е игра за фокус и препознавање, поточно тоа се картички од „Биби и Боби“ на кои има различни мали сликички … се вади по една карта и ако ја препознаеш дека ја имаш и во себе, си ја зимаш. На крај се пребројуваме. И нормално, бидејќи родителите и двајцата, едниот доктор на науки постојано во гужва, јас во театар, стендапи, снимања, гужви … детето не победува секогаш, зашто има повеќе фокус од нас. Има уште една игра – Змија, ако стапнеш на одредено поле те качува нагоре или те спушта надоле, мене таа ми е омилена. И секогаш ја терам да ја играме и кога ќе и ја спомнам превртува со очи и вика лееее. Дури и почна да ми ја крие за да не ја играме. Исто ја сакаме и игра на знаење од „Биби и Боби“, од неа учиме многу работи.
ЖМ: По напорниот ден исполнет со обврски, желбата на секое дете е да биде успиено од родителите, секое на свој начин, дали со песничка или приказна. Кои се вашите вечерни ритуали?
- Навечер секогаш си читаме приказни, и тоа разни, дали од “Биби и Боби“, Исидора Мун... дали се народни приказни, дали се бајки, сказни... Ако е некогаш доцна и сакам побрзо да заспие ги читам како што се вистински, инаку често си измислувам си ги раскажувам по мое и од тоа си праиме забава сите тројца семејно. Како вечерен ритуал може да се случи и тоа доста често, да си пееме со м’мкање. Да си ги м’мкаме песните поточно и треба да погодиме која песна ја пееме... Верувам дека многу родители тоа го прават.
ЖМ: Иако е многу мала, сепак е доволно свесна за се што се случува околу неа. Но, дали исто така знае дека нејзиниот татко е еден од најпознатите и најбараните актери кај нас?
- Да, знае дека Сашко Коцев е нејзин татко и има интересна случка во врска со ова. Еднаш кога бевме во Охрид јас со детето и другарка на сопругата, старосватицата наша со детето, се сретнавме на кејот во центарот за да се договоривме каде да одиме на вечера и да ги носиме децата. Тогаш сфаќаме дека сме среде сезона, некаде беше јули / август и дека сме во жижата кога навечер се излегува на шеталиште, и сфаќам дека ќе има многу луѓе, многу сликање и ќе се заглави. И така се сликам со еден, втор, трети, петти... И им велам, одете брзо и не се вртете ни лево ни десно. И одам, одам, одам, пешачам и детево застанува одеднаш, лево-десно се врти, а помала беше, и вика „Дечкиии, луѓе еве го Сашко Коцев брзо доаѓајте да се сликате со него“, намерно да ме заглави зашто сакав да избегам.
Елеонора А