Баба ѝ е водителката Јулија, неодамна ја загуби мајка ѝ, а таа оди напред: Стефанија Начевска за актерството, загубата на мајка си, и улогата во „Балканска приказна“
Стефанија Начевска е актерска ѕвезда во подем. Едно е сигурно дека пред неа е блескава кариера, ако продолжи да чекори по патот кон кој тргнала, со жар и страст како досега.
Повеќето од вас, на неа веднаш ќе се сетат кога ќе ја погледнат насловната фотографија. Поголем дел од публиката ја запозна пред малите екрани во неодамнешната турска серија која се снимаше во Скопје – Балканска приказна. Во серијата, Стефанија го толкуваше ликот на Софија, ќерка на еден од најпознатите повозрасни турски актери Ердал Озјагџилар.
Стефанија е дипломирана актерка, планира да се запише на мастер студии, и смета дека најбитно од сѐ во животот е се да прават работи кои што те исполнуваат.
Во животот најмногу ѝ недостасува мајка ѝ, уметницата Андријана, но најголема поддршка пак од друга страна има од баба ѝ Јулија Мациевска.
Со Стефанија искрено зборуваме за нејзината улога во „Балканска приказна“, за загубата на нејзината мајка, нејзините планови ...
ЖМ: Драга Стефанија, ви благодарам пред се за прифатеното интервју. - За почеток да ги запознаеме нашите читатели, колку години имате и како почна вашата актерска приказна. Кога решивте да се занимавате со глума, се сеќавате ли на првата улога, настап како да го наречеме?
- Честа е моја, Ви благодарам на поканата. За оние кои не ме знаат јас сум Стефанија Начевска, имам 25 години и сум дипломирана актерка со познавање на турски јазик во класата на проф. Елјеса Касо на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Актерството не беше само одлука на подоцнежните години, тоа е нешто што го носев во себе уште од многу рана возраст на потсвесно ниво. Се сеќавам како многу мала, а на тоа постојано ме потсетува и баба ми, кога ќе ме прашаа „Стефанија што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“ Мојот одговор беше “Ќе бидам глумица во Холивуд“. Имавме дуќан за миленици и во склоп на тоа кафич, па моите први изведби беа таму пред моите најблиски како верна публика. Секогаш бев дел од сите перформанси, настани и изведби од сите сфери на уметноста, што сметам дека допринесоа да подоцна на свесно ниво се определам за оваа професија. - Студентка сте на Факултетот за драмски уметности.
ЖМ: Кои се вашите планови во однос на образованието? *Веќе година дена како дипломирав на Факултетот за драмски уметности и моментално мојот фокус е на актуелните и претстојните проекти, но дефинитивно имам за цел да се запишам на мастер студии. Сметам дека е од големо значење да излеземе од комфорт зоната и да бидеме отворени кон нови предизвици, методи и принципи на работа, а со самото тоа стекнуваме и контакти кои се од голема важност.
ЖМ:Дали актерството ќе биде ваша животна определба? Дефинитивно, без никаков сомнеж! Актерството е мојата прва љубов. Живееме во време каде е голема актуелноста на други професии, а да не ја исклучиме и предрасудата кон оваа, но сметам дека нема поубаво чувство од она да го работиш она што вистински те исполнува. На кастинзи често се среќавам со прашањето „Што би била доколку не си актер?“, не можам, ниту пак сакам да замислам да бидам нешто друго освен актерка.
ЖМ: Се појавувате во турската серија снимена во Скопје - „Балканска приказна“. Кажете ни како добивте понуда за улогата, веднаш ли прифативте, како се чувствувате кога ве поканија да бидете дел од серијата?
- Така е. За снимањето на серијата кастингот за актерите се одвиваше паралелно тука и во Истанбул со тамошните актери. Бидејќи серијата се снимаше во Скопје на овдешниот турски дијалект тие сакаа да има автентичност во истата па затоа кастингот беше отворен и за нас актерите кои што сме од тука, знаеме турски или пак се Турци од Македонија. Добив две понуди за лик во серијата и бев на кастинг за истите, среќата се падна кај ликот на Софија. Секако дека бев среќна, тоа беше убава можност за соработка, стекнување пријателство и нови искуства со колегите од тука и од Турција.
ЖМ: Колку ликот на Софија кој го толкувате во „Балканска приказна“, е сличен на вистинската Стефанија?
- Стефанија и Софија се два целосно различни света, но убавината и предизвикот се кријат токму во тоа. Ова е професија која ја дава можноста да бидеме во сечии чевли и да бидеме гласот на другите.
ЖМ: Како се чувствувате за време на снимањата, каков впечаток ви оставија турските актери кои се доста познати од сериите на малите екрани, колку се професионални, како изгледаше едно снимање, што ви беше најтешко?
- Возбудена бев, мојот прв снимачки ден беше со на сите познатиот Ердал Озјагџилар кој со себе носи големо искуство за работата, па тоа само по себе беше голем предизвик уште од првиот момент. Но, морам да кажам дека комуникацијата со него беше одлична, беше отворен да сподели совет и со своето искуство да допринесе сцената да функционира онака како што треба. Морам да ја издвојам и прекрасната госпоѓа Бедиа Беговска која ја толкуваше улогата на мојата мајка. Прекрасна жена и актерка со неверојатно искуство и беспрекорна поддршка. Честа беше моја да играм и учам од неа. Снимањето започнува во зависност од сцената која се снима, од рано наутро до доцна навечер, во текот на целиот ден. По пристигнувањето на сет, се подготвуваме за ликот односно прво се работи на шминка, фризура и костим, а потоа се преминува на сет и започнува снимањето.
ЖМ: Со кој од „Балканска приказна“ најмногу дружевте и се согласувавте, стекнавте ли пријателства ?
- Секако, имаше прекрасни луѓе во екипата и стекнав пријателство со голем дел од нив, како со актерите така и со техничкиот дел од истата. Тоа допридонесе за хармонично функционирање на сет и надвор од тоа.
ЖМ: Дали те препознаваат често на улица, и знаат да те застанат и поздрават луѓето?
- Хаха, да се наоѓам во такви ситуации, а како најинтересно за мене ќе го издвојам коментарот: „Иста си како турската глумица од серијата“.
ЖМ: Кои се вашите идни планови?
- Сета моја енергија е насочена на професионално поле во моментов, но секогаш сум отворена за предизвиците на животот и она што го носи тој. Можеме да имаме големи планови, но тие да се сменат во момент кога најмалку очекуваме. Ќе се обидам да уживам во сите станици кои ми следат на секое поле од животот.
ЖМ: Неминовно е да ве прашаме за вашата мајка Андријана. Колку таа сакаше да бидеш актерка и да се занимаваш со глума, имаше ли поддршка од неа?
- Ја имав нејзината безусловна поддршка кога станува збор за оваа професија, а и за се останато низ животот. Таа како ликовен уметник многу добро го познаваше патот и жртвите кои треба да ги дадам за да бидам се подобра во она што сум се решила да биде моја животна професија. Тоа го правеше и во своите најтешки моменти и до крај. Се уште ја чувствувам нејзината поддршка и мотивација кога ќе се соочам со потешкотии, знам дека нејзиниот совет е да одам до крај, да не се плашам дека се ќе биде онака како што треба бидејќи јас тоа го можам.
ЖМ: Што најмногу ти фали, покрај целокупното нејзино отсуство, советите, поддршката, разговорите можеби?
- Тешко е да се издвои било што затоа што неописливо е колку многу ми фали и сакам да е тука до мене, но ако на нешто се восхитував тоа е нејзината смиреност, смирен пристап кон работите, нејзината сталоженост.
ЖМ: Кој ти беше најголем ветер во грб во тешките мигови, по загубата на мајка ти?
* Во периодот кога мајка ми беше во болница, во турскиот театар ја спремавме претставата "Галеб" од Чехов каде ја толкував улогата на Нина Заречна. Тоа за мене беше момент кога ми се случуваше се најубаво и најлошо во исто време. Многу сум благодарна на екипата од истата која деноноќно беше со мене и беа моја поддршка, на моите најдобри другари и колеги и на моите професори, на татко ми и неговата сопруга, на сестра ми и моите браќа. Мојот ветар во грб е мојата баба Јулија.
ЖМ: Има ли некоја лекција или совет кој можеби никогаш нема да ја заборавиш од твојата мајка?
- Да си го слушам срцето и да го правам она што ме исполнува.
ЖМ: Вашата Баба Јулија е многу горда на вас. Тоа постојано го гледаме. Колку таа е твоја поддршка на патот кон актерството?
– Нема по среќен човек од баба ми кога станува збор за мојот избор да бидам актерка. Неуморно ме следи на секоја моја претстава, па и ми помага во подготовка за кастинзи. Секој нејзин совет, нејзината беспрекорна поддршка ми даваат сила да не потклекнам на сите потешкотии кои ги носи и оваа како и секоја друга професија.
ЖМ: Што прави Стефанија кога не глуми?
- Сакам да одам во природа, секогаш гледам да одвојам време за тоа. Време за фамилија. Имам и такви денови кога сакам да правам маратон во гледање серии и филмови и секако неизбежна е добра дружба со најблиските.
ЖМ: Како изгледа еден твој обичен ден, со кој најчесто го пиеш првото утринско кафе?
-Моето прво кафе е секогаш турско и во девеесет и пет отсто од времето го пијам со баба ми и животните и денот го организирам во зависност од дневните обврски, некогаш е доста споро утро, а некогаш утро кога немам време ни за кафе.
ЖМ: Што те води низ животот, дали имаше некоја мантра, мото, идол можеби?
- На неколку наврати се убедувам дека најбитно од сѐ во животот е да правиш работи кои што те исполнуваат, да не се плашиш да го слушаш гласот на срцето иако знае да звучи страшно доста голем дел од времето. Во моменти на "криза" знам да се запрашам зошто се одлучив да го правам ова и како тоа ме прави да се чувствувам. Одговорот ми дава сила да продолжам онаму каде што сум застанала и да не се сомневам во ниту една своја одлука. Затоа ви посакувам на сите да си го слушате гласот на срцето, да сонувате и да целите кон остварување на соништата. Се остваруваат на чудесен начин.
Ирена Ставрова