Ирена Лазарова Димитровска, ТВ метеоролог: Никогаш не носам чадор, иако знам дека ќе врне
Често ѝ се јавуваат луѓе за подетални иформации околу некој важен настан или случување. Ѝ годи кога прашуваат – тоа значи дека ѝ веруваат.
Ирена Лазарова Димитровска својата професија ја опишува како комбинацијата на наука и креативност. Секој ден е различен и необичен, како и самата временска прогноза.
Музиката е исто така нејзина голема љубов. Пее од мала, а беше придружен вокал на повеќе настапи на Тоше Проески.
Одбрав да студирам метеорологија и геофизика бидејќи … така се наредија работите. Сепак не беше тоа прв избор. На почеток беше математика, па испадна физика, иако мојата струка е комбинација токму од овие две. Таму се запишав, а на трет уписен во склоп на физика, на ПМФ, се отвори катедра метеорологија и геофизика, поточно метеорологија (во трета година се поделивме) и испадна супер интересно и креативно и еве сè уште го работам она што го студирав, што е денес реткост и за што сум многу среќна.
Посебноста на оваа професија е во … комбинацијата на наука и креативност, особено што се работи за ТВ временска прогноза. Оваа струка е многу поразлична во телевизија. Секој ден е различен и необичен, како и самата временска прогноза. Дури и дипломската тема ми беше „Временска прогноза и медиуми”. И од денешна перспектива е интересна за читање. Од времето зависат многу работи, дали во земјоделието, туризмот, градежништвото … На прв поглед небитни, но и тоа како битни. Ние секогаш однапред знаеме што ќе се случува. Често ми се јавуваат луѓе за подетални иформации околу некој важен настан или случување. И ми годи кога прашуваат, тоа значи дека ни веруваат. Ова е работа и надвор од телевизијата или 24/7, тоа ми е професија.
Причина да работам во телевизија како ТВ метеоролог беше … љубопитноста. Бев пред крај со студиите на метеорологија и на едно предавање на факултет професорот нè праша дали има заинтересирани да работат во телевизија на временска прогноза, тогаш А1. Бараа метеоролози. Се мислев, сепак не е обична работа. Но, ми беше некако предизвик и решив да се пријавам и ме примија. Беше ново и првпат кај нас професионална временска прогноза со метеоролог на ТВ. Така почна сè.
Моето прво појавување пред камерите би го опишала … хухууу, многу брзо почнав. Дали една или две недели имав време да се навикнам. И оп, на ТВ. Се сеќавам оти две-три ноќи по ред не можев да спијам, се превртував во кревет. Ново искуство, камери се во прашање, па како ќе ме прифати публиката и сл.
Кога најавите за времето, нема да се обистинат, реагирам … со разбирање, иако тоа навистина исклучително ретко се случува. Времето е екстремно тешко за предвидување, затоа што тоа е многу комплексен и хаотичен систем. Треба многу да се внимава околу информирањето. Многу е битно како ќе се сподели информацијата. Да не се шири паника, доколку нема потреба од тоа. Среќа Македонија е подрачје каде ретко се случуваат екстреми.
Кога ќе најавам дожд, пред да излезам од дома носам чадор … речиси никогаш не носам чадор, иако знам дека ќе врне.
Пеењето ми е хоби од … мала. Хоби, љубов, можеби уште една професија?! Од мала пеам, цело време сум со музика. Порано кога сме оделе на одмор, немало потреба од касети и музика по пат, јас сум била добра замена, со пеење песни од сите наши фестивали до пристигнување. Во основно училиште свирев во оркестар, но и во мандолинскиот кај маестро Рамадан Шукри. Сакав да се запишам во средно музичко, но сменив и отидов во Р.Ј.Корчагин за што не згрешив. Ама и таму имав контакт со музиката, пеев во училишниот хор. Кога се запишав на факултет, продолжив со хорското пеење (во „Милениум", АКУД „Мирче Ацев") и тука навистина научив многу, техники, дишење, поставеност на вокал. А дружбите? Незаборавни и најубави!
Миговите на турнеите на Тоше како придружен вокал би ги опишала … аааах, најубави. Многу ми недостасувааат. Колку хаотично убав период ми беше тоа. Во исто време ми се случи А1 и Тоше. Балансирав и уживав. Пола недела бев на работа (А1 ТВ), пола на турнеи. Бендот прекрасен, бевме како семејство, како поголеми браќа ги чувствував.
Знам да го организирам времето и имам време за сè … па, навистина се трудам да биде така. Мислам дека успевам. Секако благодарение на семејството, но и работата ми го дозволува тоа. Сакам кога ми е исполнето времето, кога имам многу ангажмани и предизвици. Што се вели, кога сум растрчана. Подобро функционирам така.
Себеси би се опишала како … хмммм, па еве од горе пишаново проценете. Тешко сам да се опише човек. Чекајте да ги прашам домашните.
Најмногу ме прават среќна … децата, сопругот, семејството и дружбите, патувањата, секојдневните разговори и случувања особено со децата. Јана и Костадин се веќе големи, самостојни, умни. И двајцата се во тинејџерски години и има многу за што да се зборува. Интересен период од животот со многу предизвици во ова лудо денешно време.
Тажна сум кога … па, често знам да се натажам. Но, да мислиме на убавите работи, она од претходното прашање.
Моето семејство е … „малку лудо, малку гласно, но секогаш полно со љубов.“ Тоа е мојот извор на енергија, мојата поддршка, мојот водич, најважното нешто во животот.
С.А.Н