ИСКРЕНО СО АКТЕРКАТА САЊА АРСОВСКА: Театарот ни е во коматозна состојба

Добивај вести на Viber

И уметноста и уметниците имаат обврска да ја разобличуваат која било власт. Сум имала и понуди и можности за политички ангажман, но моето место е на сцената. Со политика се бавам само преку синдикатот за култура, нагласува таа

Веќе пет години е вработена во Драмски театар. Како претседател на Синдикатот за култура на Македонија (СКРМ) гласно говори за лошите услови во кои твори нејзината фела. Пошироката публика ја препознава по детското шоу „5+ Фамилија“ и по ТВ-серијата „Инсајдер“. Сања Арсовска моментално е фокусирана на претставата „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ чијашто премиера се очекува во првата половина на мај во нејзината матична куќа.

- После седум години отсуство на сцената на Народниот театар во Штип, ја поставивме претставата „Бог на Масакрот“, исто така во режија на Витошевиќ, претстава која се распродава за десетина часа откако ќе се објави изведбата – информира познатата актерка.

Арсовска во претставата „Бог на Масакрот“ за која се бара билет повеќе

Женски Магазин* Како Вие го одбележавте 27 март, Светскиот ден на театарот, денот кога Вашиот колега Сашко Коцев преку официјална порака побара сите театарски дејци да ги симнат маските и да проговорат за вистината?

Сања- За жал, не ја прочитав пораката на Сашко за да можам да ја коментирам. Ретко и читам театарски пораки, но годинава ја прочитав онаа неофицијална порака на мојата драга колешка Ивана Павлаковиќ која зборуваше за заборавените млади театарски потенцијали, за изгубените неподобни генерации. Тоа се десетици извонредни актери/ки кои секој театар треба да моли да ги има, а тие сè уште работат по кафулиња за да заработат. Па така, денот на театарот, освен во Драмски на проба, го поминав на претстава кај моите помлади колеги од „Театарот на Навигаторот Цветко“ и си посакав на следниот ден на театарот да ги имам како колеги на сцената на Драмскиот театар.

А, по прашање на тоа дали треба да се симнат маските и да се говори вистината, јас веќе одамна сум детектирала дека театарот ни е во коматозна состојба, некако го одржуваме во живот, ама за да го реанимираме, мораме да ги тргнеме маските и да работиме на театарот да му ја вратиме неговата есенцијалната вредност. Само така ќе го спасиме.

Женски Магазин* Вие сте претседателка на синдикатот за култура. Кои се суштинските барања на Вашата фела до институциите? Што клучно треба да реши новиот Закон за култура, кој според Вас, намерно се одолговлекува?

Сања- Никогаш не сум рекла дека новиот закон намерно се одолговлекува, туку дека неговото создавање треба да се забрза. СКРМ беше создаден како резултат на актуелниот закон, тоа е тоа што нè обедини нас уметниците и културните работници, така што нов Закон за култура е нашиот приоритет и наша должност е постојано да алармираме за неговата неопходност. Тој нов закон ни е потребен за да се регулираат сите законски одредби кои беа на штета на вработените во културно- уметничките институции. Врз основа на тој закон треба да се потпише колективен договор кој во културната област не постои, а кој би придонел за средување на хаосот по прашање на работните места, платите на вработените, условите, правата и обврските. Едноставно, во минатото се случија низа неправди врз уметниците и културните работници и нема да дозволиме тоа да продолжи.

Женски Магазин* Смислата на уметноста е постојано да ја разобличува грешната политика на власта, но многу Ваши колеги очигледно не мислат така. Често во Вашите излагања ги критикувате актуелните состојби и општествени аномалии, но дали некогаш сте имале можност или директна понуда за активен ангажман во политиката?

Сања- И уметноста и уметниците имаат обврска да ја разобличуваат која било власт. Јас ја сакам ангажираната уметност, сакам кога таа се занимава со преиспитување на општествените и политички состојби и нивното влијание врз човекот. Но, политиката ја сакам само во уметничка форма. Да, сум имала и понуди и можности за политички ангажман, но моето место е на сцената. Со политика се бавам само преку синдикатот за култура.

   

Со колешката Наташа Петровиќ во претставата „Безљубни“


Женски Магазин* Последниов период, особено лани, продукциите покажаа дека имаат капацитет да понудат квалитетен домашен производ. Се реализираа повеќе урбани серии кои ги залепија за телевизор и оние поприбирливите кои увезените сапуници не ги доживуваат како врвно уметничко достигнување. Во дел од нив бевте вклучена, па какви искуства носите од тие снимања?

Сања- Неспиени ноќи, лоша и нередовна исхрана, хроничен умор, снимање на 40 степени. Напорно е, ама исклучително убаво. Во „5+ Фамилија“ сум дел од актерската екипа веќе четири години, во „Инсајдер“ една. ТВ- серијата како формат ми е и те како значајна, особено зашто живееме во држава со ужасни културолошки вредности. Не се следи уметност, не се оди во театар, не се гледаат македонски филмови во кино, имаме лошо образование, па телевизиските серии се добар уметнички облик на едукација на публиката. Минатата година се поставија нови стандарди за македонски ТВ-серии и се надевам дека и оваа година ќе се продолжи истото.

Женски Магазин* Која е најголемата психолошка борба која сте ја имале досега во доловување на еден лик? Кој ангажман би го издвоиле како најкомплексен, како најтежок досега?

Сања- Секоја нова претстава е нова психолошка борба. Ние актерите немаме прирачник од кој би научиле како да го играме ликот што ни е доделен, па така, за да стигнеме до резултатот што се бара, поминуваме низ макотрпен психолошки процес, отвораме фолдери во мозокот, листаме низ минатото, се повикуваме на искуства. И секојпат е различно комплицирано и различно тешко, така што не ми е едноставно да издвојам што ми било најкомплексно. Освен тоа, на сцената не сум сама, мојот лик зависи од партнерот, од режисерот, од целокупната енергија и не можам да го гледам изолирано.

Во претставата „Вера, љубов, надеж“ работена по истоимениот текст на Еден фон Хорват од 1932 година


Женски Магазин* Која е последната работа што Ве воодушевила?

Сања- Другар ми Благој Веселинов во филмот „Исцелител“. Видов Благој којшто не го познавам, видов најдобро актерско остварување во македонски филм.

Женски Магазин*Делувате како среќна жена пред камерите. Дали и приватно сте емотивно исполнета?

Сања- Да, секогаш. Имам покрај мене луѓе што ги сакам, што ме сакаат, што се тука, што си се имаме.

Женски Магазин* Колку често му се навраќате на Вашиот Штип?

Сања- Јас сум заљубена во Штип. Секогаш кога патувам натаму, само што ќе се отвори Овчеполието, се радувам како мало дете. Таму ми живее семејството, другарките, другарите. Морам да признаам дека му се навраќам поретко отколку што сакам. Имав прилика после долги години да работам во Штипски театар. Поминав два месеци таму и искрено не ми се враќаше во Скопје.

Женски Магазин* Кои се Вашите професионални амбиции?

Сања- Ги немам, никогаш не сум ги имала. Јас само работам на тоа да бидам подобра актерка, професионално да растам и да созревам. Што и да ми донесе зрелоста, ќе го примам со раширени раце.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов

Насловна фотографија: Бојан Кртолица