Ивана Кнез ќе дизјанира модни креации за матурантки и полуматурантики со оштетен вид: „Mи сѐ залепија за срце“

Добивај вести на Viber

Голем број девојки веќе размислуваат и имаат свои идеи како би сакале да бидат облечени за матурската вечер.

Подготовките започнаа и во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, каде девојките ќе имаат модна креаторка која ќе ги дизајнира и направи оваа матурска и полуматурска вечер да биде нивна незаборавна.


Македонската модна дизајнерка Ивана Кнез, со драго срце ја прифати поканата да биде „волшебното стапче“ за овие Пепелашки, кои ќе ги добијат модни креации кои отсекогаш ги посакувале.

„Со огромна радост ја пречекавме модната креаторка Ивана Кнез, која несебично одвои време и талент за нашите ученици. Таа ќе им создаде уникатни фустани за матура и полуматура, помагајќи им да заблескаат во најважните моменти од нивното школување. Ова не е само облека – ова е подарок од срце, симбол на поддршка и верба во нивната иднина. Благодарност до Ивана Кнез за оваа прекрасна иницијатива! Останете со нас – следуваат возбудливи моменти од процесот на креација!“, напишаа на официјалната Фејсбук страница од училиштето.

Ивана во оваа иницијатива вели дека гледа возбуда, но и задоволство што ќе биде таа која ќе има ја исполни желбата на девојките кои ќе блеснат во најубавите креации за нивната матурска вечер.

„Директорката на училиштето, Александра ме побара директно и ми кажа за што станува збор. Бев резервирана само заради една причина, брза сум и често знам да имам несоодветна реакција, ненамерно и малку ми беше страв да не кажам нешто што ќе ги вознемири дечињата. Но откако професорките и самата директорка ме подучија дека се е нормално, девојчињата се разбрани и прекрасни деца, и искрено на прво видување ми се залепија за срце“, вели Ивана Кнез за Женски магазин.

Околу креациите, поголемиот дел се оставени на креативноста на Ивана Кнез, но она што ги одликува тинејџерките вели Ивана е нивната скромност.

„Оставија на мене јас да одлучам какви ќе се фустаните, сонцето Симона се одлучи за пантолони, скромни девојки се и маѓепсно позитивни. Нема да откривам детали, ќе ги објавиме прекрасниците на крај како ќе изгледаат“, рече Ивана.

Вели дека прв пат е во ваква улога и она што го почувствувала додека била во училиштето е енергијата која ја имаат овие деца, која може да освои од прва.

„Јас сум прв пат директно во комуникација од овој тип, и пред сè бев воздржана се со цел да не направам нешто погрешно, но енергијата која ја имаат тие дечиња е заразна, денес Симона ми се смееше и ме истопи! Едно прекрасно искуство што ќе ми остави мила и убава трага“, рече Ивана.

Фото: Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје/ Фејсбук/ Инстаграм

Габриела Додевска Глигоровска