Го сакам планинарењето со семејството: Утринско кафе со Ангелина Гулевска

Добивај вести на Viber

По природа не сум ранобудец, па затоа денот најчесто ми почнува по дупло или тродупло ѕвоњење на алармот. Утринското кафе обично го пијам сама, уживам и се расонувам пиејќи го, но немам некој посебен ритуал во тој поглед.

Ме радуваат малите нешта, ситниците. Ме мотивира природата, сонцето, зеленилата и долгите прошетки. Ја сакам планината а особено викенд-планинарењата со моето семејство.

Често ни се случува и преку седмицата да одиме на прошетка во природа.


Во последно време, со оглед на новонастаната ситуација, навиките за секојдневниот живот, плановите и обврските во голема мера ми се променија. Различно ми течеше денот пред пандемијата. Можам да кажам дека особено секојдневните обврски кон децата тотално се променија, не одат во градинка и на училиште, нема спортски активности, тренинзи, курсеви, родендени.


Со промените кои ги донесе пандемијата, јас работам од дома па сега утрата ни се помирни, без брзање и го нема оној утрински хаос да се стигне сегде на време. Мислам дека сите научивме по нешто од животот во време на пандемија.

Денот најчесто ми завршува во домашна атмосфера со семејството, со чаша вино, филм или серија.


* Ангелина Гулевска, професор по англиски јазик и магистер по деловна администрација*