JAНАКИЕВА ЗАЕВА ЗА АГРЕСИВНОСТА КАЈ МЛАДИТЕ: Последиците се многу штетни за поединецот и за целото општество

Добивај вести на Viber

Насилството меѓу младите зема замав, а за тоа доказ се и полициските билтени кои се полни со инциденти каде се претепани млади момчиња, при што ваквите тепачки најчесто се случуваат во главниот град. Тепачки има во автобуси, на јавни места, во училишта. Млади луѓе напаѓаат свои врсници или малолетници со боксирачи, ножеви, тврди предмети.

Порастот  на агресивното однесување е видлив во училиштата и меѓу младите, вели Борјана Јанакиева Заева, психолог, семеен и системски советник во Круг Про –Здружение за развој, едукација и психолошко советување. Факторите кои доведуваат до агресивно однесување се многубројни.

„Пред да поминеме на факторите, да кажеме дека агресивно однесување и насилството е нешто кое е постојано присутно низ историјата, но последниве години сме сведоци дека сè повеќе зема замав, таквото однесување. Секојдневната пракса покажува дека скоро и да нема ден без некоја поплака  или загриженост како  од родители,  така и од наставници, поради присуство на агресија, било физичка или пак вербална, директна или индиректна. Многу родителисоочувајќи се со проблемот, бараат стручна  помош за негово решавање. Додека пак училиштето е сè повеќе  институција во која се инсистира најмногу на знаењето кај учениците, заборавајќи ја или осиромашувајќи ја при тоа воспитно – емоционалната компонента и градењето на  нивните ставови.  Овој проблем никако не смее да се занемари и да се потценува, бидејќи последиците од секој вид  агресивното однесување се премногу штетни како за поединецот, така и за целото општество. Различни може да бидат факторитекои  доведуваат  до појава на агресивно однесување кај децата и младите, а оттука и комплексноста во дефинирањето на агресивното однесување  како општествено неприфатливо однесување и мотивите заради кои се јавува.  Може да се семејни и генетски фактори, стрес, нарушена социјална когниција, припадност во групи на врсници со проблематично однесување, влијанието на медиумите, видео игрите и многу други културолошки фактори. Но, како важни семејни фактори, односно  клучни  ќе ги споменам:  семејното функционирање, неефективното родителство, социо – економскиот статус на семејството, занемарување на децата, грубо и  недоследно дисциплинирање, слаба родителска контрола,  ниско ниво на позитивна дисциплина и несоодветно ангажирање од страна на родителите. Најважно од сè е да ги препознаеме тие фактори и да влијаеме за да го спречиме негативното однесување!“ – вели Јанакиева Заева.

Според неа, агресивното однесување е загрижувачко  и за училиштата и за родителите, како  и за пошироката околина, така што во справувањето  со  проблемот клучната  улога ќе ја имаат сите страни. Вели дека големо  влијание врз ученикот има околината, родителите , наставниците и секако училиштето.

„Сите заедно мора да влијаат за да се намали агресивното однесување кај ученикот или да се отстрани  целосно. Мора да постои соработка помеѓу родителите, децата и училиштето и потоа пошироко со целата заедница. Во училиштето треба да постои една позитивна емоционална клима, бидејќи емоционалното воспитание влијае и не може да биде одвоено од воспитанието и образованието кое влијае на когнитивниот процес. Само во таква клима ќе се препознае проблемот и решението за истиот. Тоа е  начинот на кој се намалува насилството, а се зголемува соработката во една институција“ – додава психологот.