Јанкуловски: Невистини се тврдењата на Стевановиќ дека сум ја узурпирал академската слобода

Добивај вести на Viber

-Mојата обврска како Ректор на најголемиот Универзитет беше да ја споделам информацијата која потекна од Министерството за образование и наука за ветеното зголемување на платите и потребата истото да се реализира со потпишување на колективен договор на ниво на универзитети. Синдикалното здружување е доброволно. Не можам да не ја споделам таквата информација од МОН, бидејќи платите во високото образование се многу ниски. Во ниту еден момент не е направен притисок врз кој било вработен и за само два дена постигната е репрезентативност од над 30 % од вработените на УКИМ од кои повеќе од половината се наставно-научен кадар. Самото тоа е доказ дека ниту се имало намера да се изврши притисок, а ни желба ни време тоа да се направи врз околу 1000 вработени, реагира ректорот Никола Јанкуловски за интервјуто на професорката Маја Стевановиќ, претседател на НАкС (Независен академски синдикат) .

 Јанкуловски додава дека „за жал синдикатот НАкС (Независен академски синдикат), каде членува проф. Маја Стевановиќ, не успеа да постигне репрезентативност за речиси 4 години од неговото формирање, што е веројатно и причина за ваквиот однос кон оваа ситуација. Грубо бев обвинет дека сум го казнил Факултетот за драмски уметности при УКИМ со 20.000 евра, што претставува ноторна лага. Невистина е, и повторно лажно обвинување е дека не сум ги праќал барањата за нови вработувања во МОН за потребите на Факултетот за драмски уметности, образложувајќи дека со ваквите лажни тврдења на проф. Стевановиќ се нарушува неговиот и угледот на целиот Универзитет.

Имено, Универзитетската професорка од Независниот академски синдикат Маја Стевановиќ, во „Утрински брифинг“ на „Слободен печат“ зборуваше дека нема законски пречки за покачување на платата и дека се врши притисок врз вработените.

-Нема законски пречки за покачување на платата од 10% како што тврди Министерството за образование и наука. За колегите да го добијат ветеното покачување кое што е влезено во буџетот во 2019 не е потребно да се потпише колективен договор, а најмалку е потребно да се потпише непристоен колективен договор, после 30 години независна Македонија, со само еден единствен челн со еднократно покачување од 10 проценти. Апсолутно е недозволиво да се потпише колективен договор со квази синдикат кој е основан, инициран и под контрола на ректорите, рече Стевановиќ.