,

„Јас го сакам животот, а тој никогаш не бил црно-бел“: Одблиску со дизајнерката Олгица Ѓоргиева

Добивај вести на Viber

  “Убавината да се биде моден дизајнер е во процесот, тоа не е само титула, тоа е комплексна работа како и секоја друга.

Некој ми рече пред некој ден „Ама по твојата работа може да се забележи дека ги сакаш боите“. Јас на тоа одговорив: „Јас го сакам животот, а тој никогаш не бил црно-бел“.-Вака македонската реномирана дизајнерка Олгица Ѓоргиева, го започна разговорот со нас и раскажувањето на нејзината модна приказна за нашите читатели.

А кој поубаво може да го обои секојдневието со различни бои, животни предизвици и реализирани соништа, од дизајнер кој ги сака предизвиците, кои се нејзин концепт во животот. Дизајнерка која вели-“Се натпреварувам сама со себе и тоа ми е начинот како растам како човек генерално. Се што не знам учам, се што знам применувам, но најбитно од се е не се плашам.

Ако предизикот се појавил во мојот живот, мој си е и гледам што можам да научам и имплементирам кај себе како искуство или можеби нова карактеристика во мојата личност”.

Предизвик по предизвик, соништа до јаве, модни колекции и костимографии, ја носат Ѓоргиева до светските сцени, овојпат до Словенечката опера и балет.За оваа соработка,  модната сцена за време на пандемијата, модните предизвици и многу повеќе од разговорот со Олгица.


*Една од нашите најреномирани модни дизајнерки, Олгица Ѓоргиева, продолжува со освојување на сцените надвор од Македонија. Овојпат во Љубљана. За што се работи?

-О.Ѓ.- Се работи за многу драг проект со Словенечката опера и балет. Костимографија за балетска претстава наречена "Виенска вечер".

*Од кога датира оваа соработка? Каков беше предизвикот да се работи на овој проект?

-О.Ѓ.- После моите два проекти во Грција и Австрија, костимографии за балетски претстави, Електра и Амадеус, дојде понудата за оваа балетска претстава. Тимот со кој работев претходно беше презадоволен од нашата соработка и ме повикаа да работам на оваа балетска претстава повторно како костимограф. Целиот процес на работа течеше со една преубава енергија. Навистина станува збор за преубава балетска претстава за која што сега веќе можам слободно да кажам дека беше вистински и голем успех. Показател за тоа беше долгото останување на сцена со громогласни овации и довикувања. Директорот на Словенечката Опера и балет после завршувањето на премиерата беше видно возбуден, ни честиташе на сите и не извести дека ова беше навистина успешна претстава, една од поуспешните што се прикажувале во нивната куќа. Благодарна сум што токму тој проект ќе стои во моето ЦВ. Јас ги сакам предизвиците, тоа ми е концепт во животот. Се натпреварувам сама со себе и тоа ми е начинот како растам како човек генерално. Се што не знам учам, се што знам применувам, но најбитно од се е не се плашам. Ако предизикот се појавил во мојот живот, мој си е и гледам што можам да научам и имплементирам кај себе како искуство или можеби нова карактеристика во мојата личност.


*Како го поминуваше периодот на пандемија?

-О.Ѓ.- Ја прифатив ситуацијата таква каква што е и пробав да се адаптирам на новото секојдневие . Ако врне надвор животот нема да престанe, ќе си го отвориме чадорот и ќе си продолжиме понатаму. Стравовите се опасна работа, сите ги имаме и секојдневно сме ставени во ситуации каде поради страв губиме животни прилики. Никогаш животот не бил права линија и добро е што е така. Некој ми рече пред некој ден " Ама по твојата работа може да се забележи дека ги сакаш боите" Јас на тоа одговорив " Јас го сакам животот, а тој никогаш не бил црно-бел" . Пандемијата ни зададе нови задачи и предизвици, за кој што во нормални услови најверојатно немаше да знаеме. Едно необично искуство кое со сигурност кај секој од нас ќе креира одредени промени.


*Кои промени настапија на модната сцена?

-О.Ѓ.- Секаде во светот концептот во модата, како една од попогодените гранки комплетно се смени. Се смени од повеќе аспекти. Сигурна сум дека сите сеуште се прилагодуваме на новите состојби, побарувања и потреби.

Доста од модата се продава online, формата на силуетата е променета, потребите на луѓето се променети, начинот на презентација на нашата работа се промени, но во исто време кај луѓето може да се забележи таа носталгија за модата. Најверојатно на сите ни е веќе премногу од сите неубави работи во изминатиот период и имаме потреба од "убавина". Да видиме што ќе донесе наредниот период. 


*Оваа година инспирира колекцијата на ташни кои пленат со својот колорит. Инспирацијата има интересна приказна.

-О.Ѓ.- Ташните се нешто што од секогаш сакав да го направам, но некако не успевав да ја затворам целата приказна. Откако си ги најдов идеалните луѓе за тоа, успеав и да го реализирам. Многу им се радувам, направени се со љубов. Идејата е од една моја Јапонска марама која ја имам добиено на подарок и е стара 50 години. Толку многу ја сакав што некако сакав да и го продолжам векот. Во еден многу обичен момент ми дојде идејата да испринтам материјал од самата марама и да изработам ташни. И мислам дека не згрешив. Станува збор за парче кое е  уникатно, елегантно, модерно, романтично, но во исто време шик. Лесно прилагодливо, но и воедно дава уникатен изглед на самиот стајлинг. Со сигурност ќе ја продолжам и ќе ја проширам таа приказна.


*Од каде идејата за GOrgeous? Како изгледаше креирањето на оваа приказна?

-О.Ѓ.- Првите две букви се иницијалите од моето име и презиме и така настана овој прекрасен збор кој би можел да биде синоним за секоја жена.

Бидејки низ времето извадив линија на маички, потоа ташни, во иднина ќе има сигурно и други модни додатоци, така да одлучив овие производи да одат под слоганот GОrgeous кој што воедно испраќа посебна порака до секоја жена.

*Што значи денес да се создава сопствен бренд? Колку е лесно( или тешко) истиот да се создава во Македонија?

-О.Ѓ.- Мојот животен принцип не е заснован на тешко или лесно, туку на може или не може. Во се што ќе вложите енергија, време, знаење, емоција, мора да има некаков продукт. После тоа е само надградба, цел живот учење и притоа уживање во целиот процес на создавање. Јас како карактер сум човек кој сака да се бори за своите избори. Не сум откажувач по природа и природно ги прифаќам предизвиците што доаѓаат низ ова патување што сум го одбрала. Тука сум се родила, на овој простор живеам и работам, има и позитивни и негативни страни сето тоа. Особено го осетив тоа кога излегов да работам и надвор од нашите граници и кога си ја преиспитав својата спремност да работам во други поголеми системи. Така да сум благодарна на секое искуство што сум го стекнала преку градење на својот бренд.


*Дознавме дека љубовта кон модата влече корени уште од дедото на Олгица кој изработуваше обувки. Колку ова те инспирираше да се занимаваш професионално со мода?

-О.Ѓ.- Сигурно имало влијание моето опкружувње. Јас сум израсната во занаетчиски фамилии, верувам дека и генетски ги носам предисподициите да се занимавам со уметност. Чувството кога немате потреба да размислувате која е вашата животна професија е навистина ослободувачко. Остануваат само предизвиците на тој пат што сте го одбрале, за кое јас сум многу благодарна. Преку многу професионални предизвици несвесно градите и лични карактеристики кои сакале или не стануваат дел од вашата личност.


*Креациите на Олгица се продаваат низ целиот свет. Што ова значи за тебе?

-О.Ѓ.- Мојот концепт за продавање на мојот производ низ цел свет е малку поинаков .Секако дека има нарачки и од други држави но на тој концепт ќе треба допрва да се работи.

*На што работи Ѓоргиева следно?

-О.Ѓ.- Моментално спремам мини колекција за оваа сезона која ќе излезе многу наскоро. Воедно ќе излезат уште неколку продукти под слоганот

GОrgeous. Ќе биде интересна приказна која комплетно се вклопува во времето и сезоната што ги живееме.


*Кој совет би им го дала на оние кои започнуваат да чекорат во модниот свет и дизајнот?

-О.Ѓ.- Да веруваат во своите соништа, да веруваат во себе, да бидат отворени за учење, да бидат истрајни и да бидат храбри додека се борат за тоа што го посакуваат. Ова е креативна работа, уметност, не можете да ја работите механички, ако нема душа, нема ништо, така да креативноста е многу битен аспект, но уметноста сама по себе потешко функционира ако немате приказна и немате сила и акција да ги реализирате работите што ги имате во вашата глава. Уште една работа која би им ја дала како совет на младите дизајнери кои допрва почнуваат е да не бегаат од комплексноста на оваа работата и да не посакуваат да бидат дизајнери само на хартија, затоа што ја пропуштаат магијата на создавањето. Убавината е во процесот, а моден доизајнер не е само титула, тоа е комплексна работа како и секоја друга и така би требало да ја разберат.


Неда Маретиќ