Јас од Србија, тој фудбалер од Македонија-ама далечината не нѐ раздели: Љубовната приказна на Александар и Александра Трајковски

Добивај вести на Viber

Александар Трајковски е фудбалерот кој во март минатата година, во мечот против Италија го даде одлучувачкиот гол и ѝ ја донесе победата на Македонија за квалификациите за Светско првенство. Стана македонски херој и направи чудо за македонската репрезентација.  

Тој е сопруг на убавата Александра и татко на Матеј и Искра. Денес ви ја раскажуваме приказната на Алекс и Александра, но не фудбалската, туку љубовната. 


Љубов на летување

Алекс и Александра која по професија е гинеколошко-акушерска сестра се запознале пред 15 години, преку заедничка другарка на летување во Црна Гора. 

Александар тогаш имал 16, а Александра 17 години.

„Аца ме освои пред сѐ со вниманието кое ми го подаруваше. Бевме многу млади и вљубени. Тоа беше детска љубов. Бидејќи јас сум од Србија, далечината и училишните обврски нѐ спречуваа да ја одржиме врската. Сепак, на крај ништо не нѐ раздели. Имав 22 години кога ме побара за сопруга. Бевме на вечера со негови роднини во Македонија“, ни раскажува Александра на почетокот од интервјуто.

„Сега сме полни 10 години во брак. Инаку нашата приказна за мене е многу посебна и би би можела за неа да напишам книга“, вели нашата соговорничка.

Плод на љубовта на Алекс и Александра се 6 годишниот Матеј и Искра која има 6 месеци. Александра вели дека во мајчинството се снаоѓа многу добро.

„Децата ми се на прво место. Се друго може да чека. За нив не ми е ништо тешко да направам. Секако дека не е секогаш лесно, но се тоа е составен дел од животот.

Мојата мајка ми е од голема помош, често доаѓа кај нас, како и свекрвата.


Колку мајчинството ја променило Александра

„Мачинството сигурно ја менува жената. Тоа е наша нова животна улога, која ни дава таква сила што ни самата жена не е свесна колку всушност е силна и способна. Своите карактерни особини не ги променив воопшто, но своите приоритети ги променив, да“, ни открива шармантната сопруга на фудбалерот кој ја покори Италија.

Александра и децата моментално се во Македонија. 


„Овој пат сакав својата бременост да ја водам во нашата земја, така да одлучив да останам тука. Во истовреме Аца потпиша за клубот Ал Феиха во Арабија. Сега го чекаме летото, па ќе видиме дали ќе му се придружиме“ - ни откри Александра, која вели дека нејзиниот сопруг на своите деца им е навистина најдобар татко на светот.

„Тешко му паѓа моменталната раздвоеност. Секојдневно ги гледа на камера, и само ги брои деновите до доаѓањето. Додека живеевме заедно секогаш ја имав неговата помош. Тогаш беше роден само Матеј, така што секогаш своето слободно време му го посветуваше нему“, вели Александра.


Како се носи таа со улогата „Жена на фудбалер“...

„Да се биде сопруга на фудбалер не е лесно како што веројатно мислат многумина. Треба да знаеш да се носиш со се што носи неговата професија. Нашиот живот е во куфер, и секогаш мора да бидеш подготвен за нешто ново. Предност е што имаме можност да патуваме, да запознаваме други земји, култури, стекнуваме нови пријателства. Исто така, таман ќе се навикнете на една средина, брзо доаѓате во ситуација да морате да правите сѐ од почеток. Најтешко ми е кога сме разделени на некои важни датуми и празници“, додава Александра.


Колку има време за себе...

Таа вели дека кога е сама со децата нема многу време за секојдневно посетување на салони за убавина, и повеќе се негува дома.

„Имам свои домашни ритуали. Лично сакам да видам негувана жена. Кога имам помош, успеам да се организирам и да одам на некој третман за лице или некоја масажа, на фризер и слично. Што се однесува до дружењето, јас сум дружељубива, и ако сакаме времето да го поминеме со пријателите сметам дека секогаш може да се најде начин за тоа. Имам неколку пријатели со кои со задоволство пијам кафе, еднаш или двапати неделно, зависно од можностите“, ни раскажува Александра.

Таа вели дека сака денот да ѝ почнува со музика, прво што прави, си пушта песна па е подготвена за сѐ друго. Го сака танцот, а со танц се занимавала долго кога била дете. Навечер обично гледа филм или чита книга.


Која земја ѝ оставила најубав впечаток

Александра и Александар досега имаат живеено во Белгија, Италија (Сицилија), Шпанија (Мајорка) и Данска. Вели дека секоја земја е убава на свој начин, и вреди навистина да се посетат.

„Најголем печат мене ми остави Сицилија. Таму стекнавме многу пријатели, со кои и денес сме во контакт. Убави спомени кои ги носиме со себе. Во Палермо го добивме првото дете. Така што емотивно сум врзана за тоа место како и за клубот Палермо за кој играше Аца. Тој навивачки дух, кој тие го имаат, само таму го почувствував“, вели Александра, која потенцира дека ако мора да бира каде би жвеела, а тоа да не е Македонија ниту Србија, тогаш би се одлучила за Сицилија или Мајорка.


Ирена Ставрова