Специјално со Јелена Розга: Мора да си подготвен на многу солзи и пот за да стигнеш до целта

Добивај вести на Viber

По неколкуте спектакуларни концерти во регионот, хрватската пејачка Јелена Розга ќе одржи  голем концерт во Скопје, на 10 февруари во арената „Борис Трајковски, во рамки на турнејата „Минут срца мог“.

Јелена Розга вели дека многу се радува што ќе дојде во нашата престолнина, со таа убава приказна, и потенцира дека никакви специјални ефекти и костими не можат да се мерат со емоцијата и енергијата што се „раѓа“ на настапот помеѓу неа и публиката. Тоа за неа е непроценливо и непроменливо.

Ветува одлична забава со хитови од својата соло кариера, но и незаменливи песни од времето на „Магазин“, без кои не може да помине ваков концерт.

ЖМ: За некои, 2023 година донесе убави искуства, топлина, љубов и додадена вредност во нашите животи. Некои други ги фрли на колена и можеби уште не се станати. Што ви донесе годината што ќе ја испратиме?

- Оваа година беше прекрасна и полна со убави работи, навистина не можам да се пожалам. Пред сѐ, воглавно ме служеше здравјето, а потоа зад мене имам многу убави и незаборавни концерти. Секако ќе ги издвојам распродадените концерти во рамките на мојата турнеја „Минут срца мог“ и преубавите вечери во загрепската и белградската арена, како и во новосадскиот Спенс. Концерти кои навистина ги носам во срцето како нешто најубаво што ми се случи годинава.

ЖМ: Каде ќе ги прославите божикните и новогодишните празници?

- Традиционално не работам за Божик, сакам тие денови да ги поминам со своето семејство и со моите драги луѓе во Сплит. Оваа година често сум во Загреб поради работа, но за Бадниковата вечер дефинитивно ќе бидам дома во Сплит. Како и секогаш, Новата година ќе ја поминам работно, на сцена, овој пат во Копаоник, а во денот по дочекот ќе бидам во Будва.

ЖМ: Важите за една од најголемите музички ѕвезди на Балканот. Колку е тежок тој пат до ѕвездите? Како се справувате со овој товар, и покрај сите неволји, останувате на врвот?

- Во оваа работа сум 27 години. Многу млада влегов во тој свет и зад мене се години на многу голем труд и работа. Ништо во животот не е дадено туку така, секако дека мора да си талентиран за тоа што го работиш. Но, мора да си подготвен на многу солзи и пот за да дојдеш до својата цел. Не сакам многу да зборувам, туку сакам да работам напорно и да градам свој пат, онака како што отсекогаш сум сакала. Со својата музика, со својот глас и со убави песни. Најголема награда за сиот тој труд е мојата прекрасна публика, која е секогаш покрај мене и ми дава крилја кога сум на сцената. Поради нив сум таму кадешто сум и тоа многу го ценам. Тоа е една од причините зошто сакам да им се оддолжам со овој спектакл којшто го подготвувам за деновите пред Свети Валентин во Скопје. Начин да кажам едно големо благодарам за сите овие години што се со мене.

ЖМ: Убавината може да биде непријател, а не сојузник кон патот до успехот. Какво е вашето искуство?

- Мислам дека во животот сѐ зависи од тоа каков си во главата, во смисла дали животот го гледаш како полу-празна или полу-полна чаша. Јас сум позитивец, весела сум, сакам убава енергија, а тоа ми е поважно од физичката убавина. Мене такви личности можат да ме освојат, убави одвнатре и позитивни.

ЖМ: Оставате впечаток на убава и уредна жена, што секогаш ги следи модните трендови. За да се стекнат овие епитети потребна е желба, цврста волја или божја дарба? Како би го дефинирале Вашиот стил на облекување? 

- Ја сакам модата и сакам да си играм со неа. Не сум нејзин роб, значи дека не ги следам слепо трендовите, но секако, како и секоја жена, сакам убаво да се средам пред да излезам надвор. За на сцена тоа секако дека треба да одговара како за на сцена. А приватно најмногу сакам да носам патики, џинс и лесни кежуал работи.

ЖМ: „Кога не би постоеле жените, дијамантот би бил обичен камен.“ - рекол Виктор Иго. Колку се битни скапите и луксузни нешта за целокупниот гламур на жената?

- Сега се враќаме на она претходното прашање за убавината и за начинот на којшто го перцепираме животот. Мене може повеќе да ми значи камче од морето во форма на срце, кое сум го добила на подарок, отколку не знам кој дијамант кој вие го спомнувате. Гламурот доаѓа одвнатре, дури и кога е гардеробата во прашање. Жена која се познава себеси и е сигурна во себе, може да износи било кое парче облека така, да изгледа најскапо на светот, па дури и да не е.

ЖМ: Прифаќањето на сопствената индивидуалност и одвоеност, е најважната основа на зрел брак, на која никнува вистинската љубов. Подготвени ли сте за живот во една таква институција?

- Јас сум за љубов, секогаш сум за љубов, за брак не сум баш ( се смее н.з) Сметам дека бракот е само едно обично парче хартија. Ако ја најдете вистинската љубов, тогаш не ви требаат никакви хартии.

ЖМ: Во вашата агенда на настапи дестинација ќе биде и Скопје, во месец февруари. Ќе цитирам една моја колешка која вели: „Јелена е невозможна на сцена, како да ја гледав Мадона.“ Со колкав тим ќе дојдете и што ќе ѝ понудите на македонската публика?

- Ѝ благодарам на вашата колешка за комплиментот. Вистина е, се чувствувам неописливо убаво на таа сцена што ја направивме специјално за оваа турнеја. Станува збор за голема продукција и за голем број луѓе кои се грижат сѐ да биде совршено. Повеќе од 60 луѓе се во тимот кој ќе дојде во Скопје неколку дена пред настапот. Многу се радувам што доаѓам во Скопје со таа убава приказна, но секако, никакви специјални ефекти и костими не можат да се мерат со емоцијата и енергијата што се „раѓа“ на настапот помеѓу мене и мојата публика, тоа е непроценливо и непроменливо.

ЖМ: Како се подготвувате за настап? Имате ли посебни ритуали пред да излезете на сцена?

- Иако сум доста долго на сцената, јас и понатаму имам трема, но тоа е онаа позитивна трема, тоа значи дека ми е важно сѐ да биде совршено. Јас сум перфекционист во животот, сè мора да ми биде онака како што сум замислила, а еден ваков голем проект има мал милион ситници кои поминуваат низ мојата глава, многу танцови точки, многу гласовни задачи. Сето тоа ми поминува низ глава пред да се качам на сцената, а кога ќе излезам, тогаш ме понесува енергијата на луѓето и се препуштам и уживам во секоја секунда.

ЖМ: Од многуте хитови, кои ќе се најдат на листата таа ноќ?

- Ќе пеам хитови од мојата соло кариера, секако, „Бижутерија“, „Окус ментола“, „Нирвана“, „Циркус“, „Соло играчица“... Но, ќе има и незаменливи хитови од времето на Магазин, без кои не може да помине ваков концерт. „Дали знаш да те не волим“ „Гинем“, „Дани су без броја“... Ветувам одлична забава, навистина сум горда на спектаклот што ќе ви го донесеме, дојдете ми, нема да зажалите!


Соња Алексоска Неделковска