Јованка Гроздановска за пријателството со легендарниот пејач: Сум била на 200 концерти на Здравко Чолиќ

По одржаниот концерт, пред гардеробата на легендарниот Здравко Чолиќ сликата е идентична - долг ред од фанови, кои сакаат да се фотографираат и да добијат автограм. Само привилегираните може да испијат кафе со него, да одат на ручек и да разговараат за обични, секојдневни нешта. Една од нив е и и Јованка Гроздановска,одделенски наставник во ООУ „Браќа Миладиновци“ с.Мршевци. Ја слушала неговата музика од мала, го запознала на 20 години, а станале пријатели во деведесеттите години, кога Чолиќ еден период живеел во Скопје.

* Кога првпат почнавте да ги слушате песните на Здравко Чолиќ, кои беа и причина да станете негов фан?

- Песните на Здравко прв пат почнав да ги слушам уште кога бев многу мала, во градинка. Мојата мајка ги слушаше неговите песни, а тоа го пренесе и на мене. Значи, Здравко го сакам од кога знам за себе. Секогаш кога имав роденден ништо друго не барав освен касета со неговата музика. Сите што ги имам ми се купени за роденден. Тие се за мене најубавиот подарок. Така е до денес, кога ми е роденден добивам подароци со слики од Здравко. Е, сега наместо касети има цедеа кои лично ми ги испраќа Здравко со посвета.

Ова е првата слика пред хотел „Јадран“. Овој позади е некој негов соработник и јас бев толку занесена што не го ни приметив човекот.

Впечатокот од првата средба со својот идол и првата фотографија, обично се проследени со голема возбуда. Но, понекогаш и со разочарување од односот на пејачите кои постојано се во брзање или избегнуваат контакт со публиката. Како изгледаше првата средба со Чола?

- Првата средба со Здравко се случи во Скопје кога имав 20 години. Неговиот тогашен менаџер Џаро правеше некој концерт за успешни пејачи од бивша Југославија. Прв од нив беше и Здравко. Тогаш решив да го најдам. Открив дека е сместен во хотел „Јадран“. Отидов во хотелот но, рецепционерот ми рече дека во моментот не е тука. Не го чекав долго. Кога го видов како излегува од автомобилот се стрчав и му се фрлив во прегратки. Бев многу среќна, а тој беше толку срдечен што мислев дека се познаваме од многу одамна. Потоа се напивме по еден пијалок и разменивме некој збор. Тој зборуваше повеќе, а јас бев толку возбудена што не знаев ни што да го прашам. Само го гледав и не ми се веруваше дека таа средба, што од секогаш ја посакував, ми се случи. Нормално направивме неколку фотографии. Мораше да оди зашто имаше и други обврски. Тоа ми беше можеби најубавиот момент. Тогаш видов дека и покрај тоа што беше и се уште е најголема ѕвезда на овие простори, тој е толку едноставен, срдечен, непосреден и приземен. После неколку минути разговор чувствувате како отсекогаш да сте го познавале.

Овие слики се од времето кога живееше во Скопје и кога речиси секое утро пиевме кафе и се гледавме

* Кога вашата дружба прерасна во пријателство?

- Дружбата со Здравко прерасна во пријателство откако се случи распадот на Југославија. Дојде да живее во Скопје, бидејќи тука беше и неговиот менаџер Џаро, кој тогаш го држеше казиното во хотел „Скала“ на Водно. Здравко престојуваше во Олимписко село, односно таму живееше. Секој ден одев до таму и заедно го пиевме утринското кафе и си муабетевме. Честопати и ќе ми запееше некоја песна, во што посебно уживав. Здравко е голем муабетчија и е многу позитивна личност. Неговата енергија ги плени срцата на сите што го познаваат. А неа ја чувствува и публиката. Тие средби ми беа најдраги, зашто ми беше достапен кога и да посакав.

Вие не сте дел од публиката само на неговите концерти во Македонија. Го следите и на неговите настапи во земјите од поранешна Југославија. Поточно колкав е нивниот број во изминативе години?

- Првпат кога бев на концерт на Здравко бев уште мала и ме однесе мојот чичко. Бев многу радосна. Ми купи и голем постер, кој го закачив на врата. Оттогаш немам пропуштено концерт кога е во Македонија. Го следам и надвор од Македонија, најчесто во бившите ЈУ простори. Неколку пати бев во Виена и на други места. Концертите ги прави исклучиво во сабота, бидејќи има многу луѓе кои доаѓаат од сите места на бивша Југославија. Не ја знам точната бројка, но сигурно сум била на повеќе од 200 негови концерти. Само во декември 2019 година за еден месец бев на сите шест концерти што ги правеше во Белград во Арена, а за дочекот на Нова Година и во Будва. Секогаш сум во прв ред за да ја почувствувам неговата огромна енергија и да го гледам одблиску. Благодарение на овие концерти запознав многу прекрасни луѓе од сите простори на бившата ЈУ, кои го сакаат Здравко и неговата музика. Се дружиме, се слушаме по телефон и се договараме која е следната дестинација.     

Ова тетратка со слики од Здравко кога бев мала сите собираа салфетки, а јас купував списанија па макар и мала сликичка да има од Здравко ги сечев и ги лепев во тетратка. Здравко ја има видено тетратката ми се потпиша и јас му ја давав ако сака да ја земе а тој ми рече јас да ја чувам зошто подобро ќе ја зачувам од него.

Што најчесто разговарате кога ќе се сретнете?

- Некогаш разговараме за песните, најчесто кога има нов албум и сака да го слушне моето мислење. Тој е голем професионалец и пред сите негови концерти е во карантин за да се одмори добро. Затоа најчесто се среќаваме по настанот. Разговараме и на многу други теми, како што е филмот, за емисии кои најчесто ги гледа на каналот Национална географија, за историјата. Чита многу книги. Но, и за обични теми од секојдневието.

Ова се слики со брат му на Здравко, се вика Драган и е 4 години помал од него. Има бизнис неколку ресторани во Белград во кои има многу убави сараевски ќебапчиња

* Познатиот балкански текстописец Пецикоза изјави дека Чола лековито влијае на луѓето. А Горан Бреговиќ потецираше дека кога легендарниот пејач ќе влезе во некоја просторија тогаш веќе не е ништо исто во неа. Како би го опишале вие?

- Точно е дека Чола влијае лековито на сите луѓе. Тоа го знаат особено оние што го познаваат лично и ја имаат почувствувано моќта на неговата енергија. Тој може само да ви испрати СМС порака и вие сте веќе оздравени. Тоа го зборувам од лично искуство. Таа моќ ја нема секој. Тој е многу посебен, великодушен, скромен, љубезен, ведар, насмеан, спонтан, стрплив со сите што ќе дојдат до него. Тој е како добро старо вино. Колку е постар. толку е подобар и посакуван. Беше заносен во 30-тите, шарамантен во 40-тите, најпосакуван во 50-тите и неодолив до крајот на животот. Неговиот дух е вечно млад, а неговиот глас ми го разубавува денот. А за тоа дека кога Здравко ќе се појави некаде веќе не е исто и тоа е точно, бидејќи целото внимание го свртува кон себе, иако ништо посебно не прави за да биде забележан. Дури и некако скришно влегува да не го видат, ама тоа е невозможно. Толку многу зрачи со позитивна енергија што луѓето веднаш го забележуваат, а тој за сите има време и ги прави среќни. Него го сакаат сите од 7 до 77, и женска и машка популација.

Ова се слики од еден концерт во Штип кога на сред концерт ми го фрли неговото сако. После концертот отидов да му го вратам, а тој ми вика јас тоа тебе ти го подарив. Јас му викам ама ова е многу скапо на него пишуваше Армани, а тој ми вика не е поскапо од тебе. И така сега сакото е кај мене дома и го чувам како сувенир. Ми го бараа да го продадам ама за мене тоа нема цена и никогаш нема да го продадам. И тоа веднаш по концертот миго бараа. Тоа е сакото што го носам на сликата.

* Дали се запознавте со неговата сопруга и децата? Каква семејна слика оставаат?

- Едно лето кога се враќаше со семејството од летен одмор од Грција, остана во Скопје и тогаш имав чест да се дружиме и да се запознаеме. Неговото семејство е скромно како што е и самиот Чола. Оставаат слика на среќно и нормално семејство. Здравко многу им угодува на ќерките, а во исто време и доста им попушта. Бидејќи сега ќерките се поголеми и тие доаѓаат на неговите концерти со нивната мајка и таму се гледаме. Исто така се запознав и со неговиот помал брат Драган, кој некогаш го следи на концертите. 

* Постојано сте присутни на промоции поврзани со македонската естрада. Видливо е дека со голем број изведувачи имате блиски односи. Од кога датира тоа пријателство ?

- Пред да станам наставничка, имав бутик и таму доаѓаа познати лица од сите професии. Оттогаш се дружам со лица од јавниот живот. Поголем дел од нив ми се најдобри другарки и другари.

Ова е слика од кај мене во училница. Тој сакаше вака да се сликаме како ученици.

Како наставничка, дали на децата им ја развивате љубовта кон музиката во часовите за слободни активности?

- На часовите по музичко образование слушаме музика од различни изведувачи. Понекогаш ми доаѓаат на час и пејачи и се случува заедно да си запееме по некоја песна. Редовно го следиме и фестивалот на детска песна „Златно Славејче“. Децата сега не се како порано да имаат свои идоли пејачи, пејачки, актерки. За жал нивни идоли се јутјубери. Но, се трудам да им пуштам добра македонска музика и да ги запознам со нашите најдобри изведувачи. Им пуштаме муизика и на часовите по ликовно додека цртаат.

Соња Алексоска Неделковска