КАКО ГОЛЕМИТЕ НАУЧНИЦИ ГИ СОВЕТУВААТ СВОИТЕ ДЕЦА: Писмото на Ајнштајн до неговиот син ...
Алберт Ајнштајн со своите 36 години имал подготвена нацрт теорија која го вивнала во самиот светски научен крем и го вовела во друштво на најголемите физичари на 20 век. Во тоа време (1915) во воено зафатената Европа живеел и работел во Берлин, а неговото семејство, двата сина Ханс Алберт и Едвард Тете и жена Милева биле во побезбедната Виена.
Само неколку месеци пред да ја запознае јавноста со својата Општа теорија на релативност (1916) му напишал и писмо на 11 годишниот син Ханс Алберт.
Му пишувал како татко на син, како родител загрижен за своето потомство, но и како некој мудар и искусен, некој кој, иако посветен на научната работа и некој со скратено време поминато со синовите, има желба да му пренесе нешто што знае за животот и учењето.
Мој драг Алберт,
Вчера го добив твоето писмо и бев многу среќен поради тоа. Веќе се плашев дека повеќе нема да ми пишеш. Кога бев во Цирих, ти ми рече дека ти е чудно кога доаѓам таму. Поради тоа мислам дека е подобро да се најдеме на некое друго место, каде што нема никој да ни пречи.
Без оглед на сѐ, ќе та замолам секоја година да поминуваме цел месец заедно, за да видиш дека имаш татко на кој си му драг и кој те сака. Од мене можеш да научиш многу добри работи, нешто што другите не можат лесно да ти го понудат. Она што сум го постигнал со напорна работа, не е само за странци, туку посебно за вас, мое момченце. Овие денови завршив една од најубавите работи во мојот живот и кога ќе бидеш поголем ќе ти зборувам за тоа.
Мило ми е што слушам дека уживаш во свирењето клавир. Според мое мислење, клавирот и дрводелството се најдобри работи за момчиња на твои години, дури и подобри од училиште. Тоа се работи кои на млада личност како тебе одлично ѝ одговараат.
Свири го она што ти се допаѓа, дури и ако професорите не ти даваат тоа да го вежбаш. Тоа е начин на кој најмногу ќе научиш, уживајќи во тоа што го работиш до таа мера што нема ниту да забележиш како поминало времето. Јас сум понекогаш толку окупиран со работата, така што заборавам на својот пладневен оброк.
Ви испраќам бакнежи на тебе и на Тете,
Тато.
Поздрав и за мајка ви.