, ,

Како македонските дизајнери ја замислуваат жената на новогодишната ноќ: Одмерено, умерено и секси (ГАЛЕРИЈА)

Добивај вести на Viber

фото: официјални Фејсбук профили на Тања Кокев / Златко Јовановски / Лидија Георгиева

Неполни пет денови нè делат од новогодишната ноќ која некако, ја исчекуваме со особено голема возбуда, пред сè, водејќи се со помислата дека со Новата година ќе дојде и крајот на пандемијата.

За разлика од минатата година, годинава поразлично е што нема заострување на мерките за заштита од коронавирусот, со оглед на тоа што ситуацијата е стабилна, па дозволени се собири, а кафулињата, кафеаните, рестораните и клубовите веќе се преполни со резервации. Очигледно, годинава повеќето одлучуваат да ја поминат оваа најлуда ноќ, излезени во град. 

И се разбира, тензијата за изборот на облека за Нова година, кај жените веќе одамна расте. Што е тоа што е тренди, што е тоа што е популарно, модерно, што е она што ќе нè издвои од останатите, кој е вистинскиот избор? 

Одговорот на овие прашања го побаравме од истакнати македонски дизајнери, кои покрај совети, ни даваат и конкретни предлози, од нивните колекции - преку нивни креации и дизајни - како треба да изгледаме за новогодишната ноќ, односно, како тие ја замислуваат жената за оваа ноќ.  

Ги поканивме македонските дизајнери Лидија Георгиева, Тања Кокев и Златко Џеј Зи Џеј, да нè воведат во Новата година со модните приказни кои тие ги испишуваат.

Се разбира, секој од нив има различен моден сензибилитет и пристап кон модата, но тоа ни беше и идејата - да слушнеме мислења за различни дизајни, за секој од нас успешно да одговори на модниот предизвик за Новата година.

Лидија Георгиева  

- Во новогодишната ноќ размислуваме за нова надеж, среќа, здравје, љубов – тоа ви го посакувам на сите. Со оваа мисла и следејќи го јазикот на боите, предлагам три бели дизајни и еден во металик бакарни тонови, презентирани минатиот септември во Музејот на современа уметност. Дизајните се работени по принципот на слоу фешн, се работи за уникати кои според пристапот се на граница помеѓу дизајн и уметност - ни посочува дизајнерката Георгиева.

1.

- Белиот фустан има екстравагантен крој на ракави, отпечатен е со крило од пеперутка видено под микроскоп. Секоја точка е рачно цртана, потоа цртежот е испреплетен во ленти, па скениран и печатен. Врз тој отпечаток има уште еден, се работи за мојот “звезден анис” отпечаток изработен во градиент на тиркизни тонови. Всушност вредноста на овој дизајн е токму во тоа што се работи за предмет кој излегува од категоријата на фустан. Може да се гледа и како графика, можете да го врамите и да го закачите на зид кога ќе го износите, но можно е никогаш да не ви здодее да го носите.

2.

- Бакарната туника е луксузно изработен дизајн со примена на неколку техники, најпрвин е рачно плетена од конци кои содржат бакарни металик нијанси, а потоа во секоја точка на пресек, плетената мрежа е рачно везена со крупни бакарни перли. Поставата е од свилен муслин во топли тонови кои ја следат бакарната нота. Всушност, повеќе се работи за редок предмет одколку за туника, но секако е наменета за посебни следбеници на модата.

3.

- Третиот предлог е деликатен фустан од црн тул со везени пудра розеви цветови, а горниот дел е рачно плетен и потоа рачно везен. Идејата беше да се испроба како може да функционира плетен елемент во комбинација со свечен материјал, со цел да се излезе од класичните рамки на свечен фустан и да се добие модерен твист.

4.

- Белото болеро е од чипка и тул со рачно плетен завршеток, би го предложила како облека, но може да се носи и како накит, како некој украсен предмет.

Белата боја е боја на надежта, боја на совршенство, чистина, баланс, неутралност. Тоа е боја на нови почетоци, тоа е белата хартија што чека да биде исполнета со нови моменти. Белата е боја на заштита и охрабрување, нуди чувство на мир и удобност, таа не води напред, го отвора патот за остварување на тоа што сме го замислиле. Црните акценти одлично се комбинираат со белата боја, па така се добива баланс во дизајнот.

Бакарот е репрезент на божицата на љубовта, Венера. Таа била поврзана со бакар, делумно поради неговата убавина, а исто така и поради неговата употреба како материјал за производство на огледала. Старите Египќани користеле бакар за неговите лековити својства, употребувајќи го за разни здравствени третмани.

Според митологијата, на бакарот му се припишуваат разни духовни својства, а во дизајнот, тоа е  исклучително топла нијанса, со утешно, комфорно чувство што го прави попристапен и потопол од другите метални нијанси, како златните и сребрените. Оваа нијанса асоцира на раскош и свеченост, но и на интимна вечера со свеќи, во топла пријателска атмосфера - нè советува Лидија Георгиева.

Тања Кокев

- За новогодинешната ноќ најпрво би сакале секоја жена самоуверено, со стил да ја испрати и оваа пандемиска година, и сигурно да зачекори кон поуспешна и поздрава наредна година. Сето тоа да го украси нашата КОКЕВ тоалета која што симболизира, силна, успешна, модерна жена, сепак нежна и елегантна. Дизајнирана со големо внимание, изработена рачно од најпрефинети материјали.

Зошто токму таа креација?

- Потсетува на љубов, забава, незаборавна ноќ, ја истакнува женственоста во исто време е и мистериозна, ја надополнува внатрешната убавина на секоја жена - посочува Кокев.

Златко Јовановски Џеј Зи Џеј

- Ако не светиме и сјаеме за Новата година, нема кога. Затоа токму тогаш треба да одберете мини фустан кој е фул украсен. Да сте истовремено и секси и фабулозни! 

- Јас верувам дека треба да „влезете“ во Новата година, раскошни, златни и сјајни, за да целата година понатаму ви биде иста - вели дизајнерот JZJ – The king of sparkle –  Златко Џеј Зи Џеј.


*фотографиите од креациите се од приватните архиви на секој од дизајнерите
*И.Љ