КАКО ЖИВЕЕШЕ АВИЧИ: Тажна приказна за младоста, славата, богатството и кобниот порок

Добивај вести на Viber

Тим Берглинг (28) познат како Авичи , беше еден од најпопуларните диџеи на денешницата. Вчера неговиот портпарол соопшти дека е пронајден мртов.

„Со голема тага ве информираме дека Тим Берглинг починал. Најден е мртов во Мускат, Оман, на 20 април во попладневните часови по локално време. Семејството е многу потресено и ве молиме да ја почитувате нивната потреба за интимност во овие тешки моменти. Нема да даваме повеќе изјави“, наведено е во соопштението.

За смртта нема повеќе детали , а полицијата и медиумите во Оман уште не се огласиле по повод оваа тажна вест. Сепак, во ваков момент не е на одмет да се пренасочиме на животот, а за својот живот Авичи имаше што да каже.


-Беше многу лудо патување. Почнав на 16 години, а на првата турнеја отидов на 18. Од тогаш 100 посто сум посветен. Кога се осврнам на својот живот, помислувам: „Вау, дали јас тоа го направив?“, на некој начин тоа беше најдобриот период, но дојде со цена-многу стрес и анкциозност. Сепак, тоа беше најдоброто патување на мојот живот-рекол Авичи во текот на интервју за магазинот Билборд во 2016-та.

Истата година тој од здравствени причини, прецизно акутен панкреатитис, се повлече од јавната сцена и повеќе не настапуваше. Се верува дека болеста делумно е предизвикана и поради прекумерно конзумирање алкохол, пишува Гардијан и додава дека во 2014-та година на Авичи му биле отстранети жолчната кеса и слепо црево.

Славниот диџеј претходно се бореше со зависноста и два пати е хоспитализиран поради проблеми поврзани со алкохолот. Сепак, во текот на интервју за магазинот  "GQ" изјавил дека никогаш не ја земал дрогата MDMA  или Моли за која се знае дека е популарна меѓу луѓето кои ја сакаат неговата музика.

-Мислам, би сакал да земам, но помалку се плашам од се од што имате чувство дека губите контрола-рекол тогаш, наведува Дејли меил.

За неговиот живот е снимен докоментарец „Авичи: Вистински приказни“, во кој се забележани моменти од 2013-та до 2016 година па и моментот кога лекарите му соопштиле дека ќе мора да му ја извадат жолчната кеса. Сегмент од документарецот познатиот диџеј сподели и на својот Фејсбук профил, каде напишал: „Многу сум возбуден. Исто така малку сум и нервозен бидејќи има и непријатни моменти. Исклучително е лично. Има многу успони и падови. Ќе биде интересно да видиме што ќе кажат луѓето“. 


При таа прилика признал и дека на моменти бил загрижен поради споделувањето на проблеми и борба против стрес, нервоза и болести со светот.

Секако, без сомнение може да се каже дека Авичи бил пионир на современото електронско движење и редок диџеј кој е способен за турнеја низ целата планета. Беше неизоставен дел од диџеј продуцентите како Дејвид Гета, Келвин Харис и Свидип хаус мафијата кои на сцена се пробија секој на свој начин како главни изведувачи, заработувајќи светски хитови, слава , награди, и многу други нешта како ѕвезди од доменот на поп музиката. Се случувало да заработи и 250 000 долари за ноќ кога пуштал музика на распродадени настапи, а еднаш магазинот Форбс го именуваше за најплатен диџеј.

Иако престана да настапува две години, тој во студио продолжи да креира песни со бројни светски популарни музичари како Мадона и групата Колдплеј. Освои две МТВ награди, една Билборд и два пати е именуван за Греми. Веста за неговата смрт стигна само неколку дена откако е номиниран за Билборд награда во категоријата најдобар денс/електронски албум за „Авичи (01)“ кој го објави во август лани.

Лани, Авичи објави изјава на својот сајт во која наведува дека создавањето музика е нешто за кое живее.

„Тоа е нешто за што живеам, за што чувствувам дека сум роден да го правам. Лани престанав со настапи и многу од вас помислија дека тоа е тоа од мене, но тој престанок не значеше крај и за Авичи и мојата музика. Наместо тоа, се вратив на местото каде се имаше смисла-во студио. Следното поглавје ќе биде само за мојата љубов кон тоа да правам музика за вас. Почеток е на нешто ново“, навел тој.

Уживајте во дел од еден негов настап во видеото во прилог.



FOTO: BJOERN LINDGREN / EPA