Какви последици можете да имате од долго седење?
Предолгото седење во иста положба, без паузи, може да заслабне делови од мозокот кои се поврзани со памтењето. Ова е причина плус за почесто да правите паузи доколку работите работа при која долго седите, но и кога имате слободно време да го користите за раздвижување.
Во една нова студија објавена во списанието „PLOS One“ се наведува дека долгото седење не е опасно само за срцето и линијата, туку може да му наштети и на мозокот. Утврдено е дека седечката положба влијае да заслабнат мозочни структури во делот одговорен за паметење. Заслабнувањето на овие делови може да бидат причина за намалување на когнитивните функции или развој на деменција и Алцхајмерова болест. Но, како што се наведува во статијата, физичката активност не е доволна за да се надомести негативниот ефект од долгото седење.
На УКЛА било спроведено истражување во кое учествувале 35 здрави лица на возраст меѓу 45 и 75 години. Од нив било побарано да ја мерат физичката активност, но и времето кое го поминуваат во седење. Притоа на сите им била направена снимка со помош на магнетна резонанција, за да се забележи состојбата на мозочното ткиво пред почетокот на истражувањето.
По одреден период, кога прегледот бил повторен, констатирано е дека физичката активност не влијаела нешто особено врз зацврстувањето на мозочната маса, но предолгото седење дефинитивно ги заслабнувало деловите и центрите одговорни за паметење.
Просечниот број на часови во денот во кои испитаниците седеле бил помеѓу 7 и 9, а заслабнувањето било поголемо кај оние кои подолго седеле. Овие заслабнувања, според истражувањето, може да бидат причина за намалување на когнитивните функции и за нарушено здравје на мозокот.