Какви ти се мислите, таков ти е животот
Порано, кога бев многу помлада си играв мајтап со сите
народни мудрости кои ќе ги прочитав. Не само што не ги разбирав, туку и ми беа
смешни. Претпоставувам дека сето она што го пишувам во песните а и во колумниве,
а кое се заснова на некоја ваква народна мудрост, им е смешно на помладите
генерации. Па после ми текнува на уште една која велеше “годините да ти ги
имам, ама умот не”, па си велам дека еден ден веројатно и тие ќе се соочат со
тоа дека нашиот напатен народ овие мудрости не ги вадел туку така од ракав. И
точно е тоа дека чоек дури на себе нешто не почувствува, искуството од другите
го гледа како нешто што нему никогаш не може да му се случи. Е па, да ве
просветлам, за се’ што сум мислела дека нема шанси мене да ми се случи, се
случило и тоа онака БАААААМ, или ко што би рекле нашите драги пријатели од
Охрид (на кој му се острам да го видам и едвај чекам да заминам), “се’ шо су рекла, по
врат су јала”. Ова уште поубаво звучи изворно кажано, а бога ми има и голема вистина.
Тврдам дека секој од нас израснува и се оформува во личност во зависност од тоа какви му се мислите. Човек кој секогаш гледа позитивно на работите не дека е поштеден од проблеми и ги нема, туку ги решава побрзо и продолжува понатаму. Мислата и умот што може да стори, не може да го стори ниту најлошиот непријател. Она што нашиот ум ќе го произведе како мисла која ќе почне да клука, може да ви донесе од најголеми бенефити до болести. Да, умот знае и телото да го поболи. Затоа секогаш векам дека мудроста на животот е да научиме да го контролираме умот и мислата кога се оди во “длабокото” и да го направиме оној баланс за да не не’ однесе матната.
Дали е едноставно? Ама ич!
Дали секогаш успева? Да се разбереме, никој не е Супермен!
Дали со долгогодишна работа на себе можам да кажам дека ми успева барем во 70% од случаите? Да! Некогаш и повеќе, а некогаш сум скроз тапа, па го јадам стапот за сите пари.
Она што најтешко се учи е како да не не’ погодува она што другите ќе ни го сервираат. Најчесто се нервираме за работи кои не зависат дури ниту од нас. Не можете да го контролирате она што некој го мисли за вас, или го зборува. А секој од нас, барем еднаш во животот се соочил со приказна за себе во која можеби нема ниту трошка вистина, ама ете, таа приказна си тера. На ова поднебје е најлесно да се каже нешто за некого. Најлесно да се плукне и наклевети, па после вие докажувајте дека не е така. Ви текнува на она “сестра ти е проститутка! Ама јас немам сестра! Не знам, твој проблем”. Првата лекција која ја поднаучив низ годиниве, а која многу ми го има сменето животот е да не докажувам ништо пред никого. Односно, баш ме заболе лев глужд ако некој зборува за мене. Ако немате попаметна работа отколку да се занимавате со мене, или со било кој друг, изволте и јадете гурабии. Тоа е нешто кое ниту можам, ниту сакам да го контролирам. Зошто? Оти имам попаметна работа отколку да докажувам некому дали е нешто вака или онака. На луѓето им се потребни сочни муабети, трачеви, настани со кои ќе можат барем за миг да избегаат од себе и да не се занимаваат со сопствените проблеми. Многумина од нас го одбрале потешкиот начин, да бидат активно присутни во сопствениот живот, а не во туѓите.
Мислите се оние кои ќе ве направат среќни и задоволни со себе, или потполно несреќни. Секако дека секој од нас има сомнежи, секако дека секој од нас се преиспитува себе за многу нешта. Но, водени од чиста и јасна мисла, без злоба и желба да се наштети некому, дури и индиректно е најголемата придобивка во животот. И повторно ќе речам, не е дека секој од нас немал желба да избега од себе. Но, бегањето од себе не е нужно поврзано со канализирање на лоша мисла кон некој друг.
Чуму таа потреба? Чуму желбата да се плетат, преплетуваат, расплетуваат муабети едни за други. Никогаш не сум седнала со некој мој близок за да расправаме за оној или онаа, секогаш сме зборувале за себе, за она што е околу нас но кое директно не’ засега. Лошата мисла води до труење на умот и телото. Лошата мисла поболува.
Знаете дека не сум суеверна, ниту верник. Но, верувам во тоа дека секоја лоша мисла се враќа како бумеранг и дека постои нешто што е многу посилно од нас луѓето, а тоа е енергијата која ја емитираме и со која привлекуваме или одбиваме нешто. Вибрациите кои ги испраќаме со умовите ги фаќаат фреквенциите на случувањата. Позитивната и убава мисла, носи позитивни и убави работи како фитбек. Не може човек кој има ум во кој цветаат рози да заглави во кал. Па дури и кога ќе заглави некогаш, многу поскоро излегува од проблемот од оние другите кои уште повеќе тонат внатре. Иљачот е во секој од нас и секогаш од нас најмногу зависи како ќе се извлечеме од проблемите. Никогаш не можам да заборавам дека кога на татако ми му беше соопштена најстрашната дијагноза со напомена да се спремаме за најлошото, тој само рече “а не, имам јас допрва внуци за чување”. Ова беше пред скоро 20 години, кога на повидок не беше ниту мојот брак, ниту внуците. Остана на едно внуче, кое сега има 14, ама муабетот ми е дека позитивната мисла го натера да се бори. Знам, не секогаш успева. Знам, сите искуства се различни. Но, убавите мисли не се купуваат во продавница, не се мерат на грамови. Или ги има човек, или ги нема. Труењето на душата е труење на телото, оти телото е само храм на душата.
Посветете си време и љубов на себе. Умот нека ви е како градина за која ќе се грижите, а како и во секоја градина, така и во оваа имате од прекрасно цвеќе до плевел. Тргајте плевелот и оставете место за да имате повеќе цвеќе. Она што ви е во умот и душата, ќе го имате и на ликот. Ниту еден човек кој е арен и кој има убави мисли нема стиснати очи и усни, не гледа по око и не е скржав на убав збор. Убавите луѓе се убави само поради она што им излегува од окото и од устата. Умешноста на чистата мисла е тешка и макотрпна работа. Бара многу нуркање во себе, работа, отсуство на суета, бара решителност и соочување и со најголемото ѓубре кое го има во секој од нас. И тоа е првиот чекор, соочувањето со тоа кои сме и што сме. Понатаму е само одлука, а одлуката е едноставна...или ќе сме луѓе или само ќе личиме на луѓе.
Ви сакам градина полна цвеќе во вашите души, насмев на усните и очи отворени за да ја видите убавината на суте околу вас. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Дума-бисер да имаш
И од сите ѓердан да навезиш
Та вратот да ти болскоти
И колку потежок е
Толку полесно глата горе ќе ја држиш
И на секој еден
Кој намуртен низ животот оди
По еден бисер бел да извадиш
И со насмев во очите да го подариш
Без да сакаш за возврат убост да добиеш
Без кусур на туѓите лоши мисли да фаќаш
Оти убајте луѓе
Тие, бисери во себе носат
И белина душите им ги краси
Та жал имаат за оние
Кои црното во себе го носат
И не им се плашат
Ниту од нив бегаат
Туку дел од својата милост ќе дадат
Како топла гурабија
Како локум мек
Како црно кафе кое мириса на љубов
Така убајте луѓе себе се даваат
И никому не се лутат
Оти ѓерданост од думи светли
Сам им се полни
И страдни не се за срце чисто
Дума-љубов
Таква да подариш на оној кој себе не се сака
И на оној кој со камшик по друг мава
Оти само со арнина чоек се лечи
И камшикот сам од рацете му паѓа
И најмногу на таквите им треба збор меден
Најмногу таквите болка во себе носат
Од немукает и незнаење
Од сиромаси во градите шо се
Дума-љубов
Дума-бисер бел
Дума-светлина
И раздавај пиле
Арнината не е леб на масада се изеди
И не се арчи ко парата
Ниту вода во чаша е
Та да се истури
Колку поарен чоек е
И колку појќе дава
Толку појќе има
И за себе и за другите
Оти думата лечи и поболува
Та бисерот каков ќе ти биди
Таков ќе шеташ низ светот
Или ко од сонце огреан ќе си
Или во магла завиткан
Думата
Таа во тебе ко цвет да цути
И цела градина во себе да имаш
Та кини и дарувај
Оти цвеќето само пак ќе си никни
Од твојата дума-љубов
Дума-лек
Дума-цвет