Таа им беше ќерка - единица, ја изгубија во пожарот во Кочани: Ивона Антова беше страсна планинарка, ведро дете и секогаш насмеана

По две недели од трагедијата во Кочани, кога на 16-ти март во страотен пожар згаснаа 59 животни на млади луѓе, а околу 180 беа повредени, секојдневно се појавуваат сведоштва и траорни приказни на оние кои ја преживеале страшната ноќ.
Моментите на борба за живот и борба да се спасат што повеќе млади човечки животи, бил природен човечки инстинкт на сите оние кои биле затекнати од ситуацијата.
Помеѓу 59 – те жртви е и младата Ивона Антова чиј живот згасна на само 21 година. Полна живот, ведра, насмеана и полна со позитивна енергија, вака ја опишаа младите планинари од „Осогово“- Планинарски спортски клуб – Кочани, каде оваа млада девојка била член.
Нејзината мајка исто така е активна планинарка и прв женски лиценциран планинарски водич на Истокот.
„Ивона беше ведро дете, секогаш насмеана, зрачеше со позитивна енергија. Пасијата кон планината и беше фамилијарен код и беше дел од многу наши планинарски акции. Таа ги искачи сите наши највисоки врвови во Македонија, како и неколку највисоки врвови на Балканот“, напишаа од планианрскиот клуб.
Доброволното противпожарно друштво од Кочани, од кое дел биле мајката Стојка и таткото Тошо со емотивни зборови се простија од жртвите.
Семејството Антови во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја изгубија нивната ќерка единица. За големата тага и загуба сведочат и фотографиите од Ивона објавени на Фејсбук од нејзината мајка и трогателните зборови кои и камен ќе расплачат.
Фото: Социјални мрежи