Калиопи: Најголемиот тест на кој бев ставена во 2023 година, ми беше најтрагичната ноќ во кариерата
Денеска Калиопи ќе го прослави својот 57 роденден работно во Белград, кадешто настапува како гостинка на концертот на нејзиниот драг пријател Жељко Самарџиќ. Истовремено ќе прослави уште една успешна година во кариерата исполнета со нови песни, концерти, промоции. Среќна е и благодарна за тоа.
Но, за свој најголем успех се уште ја смета својата најскапоцена особина - скромноста.
ЖМ: Како би ја опишала во неколку збора 2003 година?
- Возбудлива, непредвидлива и необично скроена година без мерка, која сигурно ќе се памети.
ЖМ: Самоанализата е најдобриот начин да ја надоградуваме нашата личност, да бидеме подобри и поуспешни. Ако почнеме со позитивни размислувања, би ве запрашала што ве направи среќна во годинава што минува, кој е вашиот најголем успех?
- Самоаналитичноста секогаш ме водела до вистинските резултати. Доблест е да можеш да си кажеш себе си сѐ во лице. Да не ги премолчуваш грешките и да умееш да кажеш извини и благодарам. За свој најголем успех се уште ја сметам мојата најскапоцена особина - скромноста.
ЖМ: Секому може да му се случи миг на неуспех, во кој било аспект од животот, без разлика на добрите намери и вложувањето на голем труд. Имаше ли таков миг? Што можевте да направите подобро или на поинаков начин?
- Секако дека секогаш ќе има изненадувачки моменти, помалку убави и неуспешни. Но, научив низ годините, дека не треба да го пролонгирам траењето на таквите мигови, туку дека треба да продолжам напред не задржувајќи се премногу на нив. Вртењето глава назад нѐ успорува во одењето напред.
ЖМ: Човекот никогаш не престанува да учи, да собира искуства и знаења. Што ве научи 2023 година, на кои тестови ве стави?
- Најголем тест на кој бев ставена во 2023-та, беше секако најтрагичната ноќ во мојата кариера. 4 ноември, Белград, во преполната сала на МТС дворана, кога 5 минути пред почеток на концертот, почина една млада жена и мајка. По не знам кој пат научив дека животот нема лимит на изненадувања и дека тој не нѐ штеди од ништо, без оглед на привилегиите кои ни ги доделил. Ништо не е сигурно, ниту вечно. Ниту пак нешто ни припаѓа, доколку не ни е предодредено.
ЖМ: Семејна и богата трпеза, детски жагор и насмевки, звуци на есцајг, незаборавни слики од детството за новогодишните и божикните празници. Какви се вашите спомени? Кој подарок посакувавте да го видите под елката?
- Верувајте, за мене споменот на детството е содржано и во мирисот на едно запалено и угасено чкорче. Толку е потребно да ми наврат сеќавањата на новогодишните ноќи во Кичево, кога се собираше целата фамилија. Детскиот жагор, среќните лица на возрасните, убавата трпеза, рачно изработените новогодишни капи од рацете на мајка ми, периката на тетка ми на мојата глава, богатата новогодишна ТВ програма и еден куп радост. И сето тоа во мирисот на едно чкорче од кибрит.
ЖМ: Кои традиционални обичаи ги наследивте од семејството, а ги применувате и денес за празниците?
- Да се собере семејството. Да се искаже почитта и љубовта кон најблиските. Да се подаде рака таму каде што е потребно. Да се биде човек, е сигурно најголемиот обичај што го наследив.
ЖМ: Имавте успешна година на професионален план. Но, се провлекува впечатокот дека многу повеќе работите и сте ангажирани со настапи надвор од земјава, а јавноста не е премногу информирана. Дали е така?
- Навистина успешна година, нови песни, концерти, промоции. Среќна сум и благодарна што е така. Точно е дека годиниве наназад повеќе настапував надвор од Македонија, иако, топлото добредојде насекаде во регионот, за мене од секогаш била ширум отворена врата. А вестите секогаш стигале тука кај нас, без оглед на тоа каде се наоѓам. Особено денес, кога живееме во време на современа технологија, интернет, социјални мрежи, вестите се шират со неверојатна брзина.
ЖМ: Љубезноста остана ваша најголема доблест. Убавиот збор ваше орудие. Научивте ли да кажете не или не можам?
- Па, мислам дека научив дека значението на зборот „не" или „не можам" нема секогаш негативна конотација. И дека можат да бидат највисок степен на доблест. Во суштина, пред сѐ, здраво е човек да умее да каже и НЕ, барем понекогаш.
ЖМ: Каде ќе ја прославите новогодишната ноќ, работно или или во друштво со најблиските?
- Мирно и спокојно. Веројатно ќе бидам некаде каде што ќе можам да ги наполнам градите со воздух,а срцето со радост.Тоа е она што ми треба за успешен почеток на идната година.
ЖМ: Погледот на Новата година честопати е еуфоричен и позитивен. Надежта дека од 1 јануари сѐ ќе биде подобро, е длабоко вкоренета во нас. Кои се плановите што ги зацртавте?
- Моето чувство, повод испраќањето на оваа година е исклучителен мир. Не знам зошто, но длабоко во себе чувствувам потреба тивко да ја испратам оваа и да ја дочекам следната година. Веројатно еуфоријата ќе ја живеам догодина, низ проектите кои ги имаме во план да ги оствариме. Имаме и прекрасен повод за тоа, 40 годишниот јубилеј со мојот најблизок соработник, Ромео Грилл, па токму затоа, во подготовка е и нов албум, како и голем концерт во Скопје, но и низ цела Македонија.
Соња Алексоска Неделковска
Фото: Мартин Шишковски/ Приватна архива