„Капут од мов“ од Стефан Тиќми е поетски роман за созревањето

Добивај вести на Viber

Новиот роман за деца „Капут од мов“ од младиот наградуван српски писател Стефан Тиќми излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Преводот на македонски го направи Дејан Василевски, а уредничка е Оливера Ќорвезироска. Илустрациите се на Добросав Боб Живковиќ. Ова е втора книга од Тиќми објавена на македонски јазик, по популарната „Јас сум Акико“ – која ја доби наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца напишана на српски јазик во 2018 година. Двата романа („Капут од мов“ и „Јас сум Акико“) се класифицирани меѓу најдобрите 200 детски книги на светот во престижниот избор на списанието „Вајт рејвенс“ (White Ravens), што го издава Минхенската библиотека (Internationale Jugenbibliothek).

„Капут од мов“ е поетски роман за созревањето, за осаменоста, за уметноста, за љубовта и за природата како лек против најразличните проблеми на современиот човек заглавен во односите со другите, но и со себеси. Во него има и магичен реализам и епска фантастика и бајковитост, но најмногу од сè го има разгранетиот талент на Тиќми. Во „Капут од мов“ ја извишува крошната на својот талент, така што и небото и шумата на книжевноста му прават сè поголемо место. Приказната за Најден, кому на грбот му расте дрво, е приказна за сите наши тежини и товари, но и лирско трасирање на патот по кој треба да заминеме или да се вратиме кон суштината. Топла, креативна, мајсторски засадена приказна никната како чудесен роман. И за деца и за возрасни. 


– „Капут од мов“ доаѓа по романот „Јас сум Акико“, кој на многумина им се допадна, бидејќи е нежна приказна за едно шармантно девојче. Преку „Капут од мов“ сакав да опишам како е кога си Акико, но во поодмината возраст (во тинејџерски години). Како е кога имаш товар, кој го носиш на плеќи, и кој буквално е претставен преку дрвото, кое главниот лик Најден го носи на грб. „Капут од мов“ во суштината е слика за моето опкружување додека растев: природа, билки, птици и дрвја... Како некој вид на мајчина утроба од растенија, каде што си заглавен, а на грбот ти стои тој капут од мов и те грее и чува од сите тие зли сили што те опкружуваат... Судбината на Најден е навистина тешка. Првиот дел од книгата е некој вид на негово самосознавање, со монолози што ги води со себе, за подоцна да прерасне во некој вид карневал, каде што целото гратче се вклучува во таа негова приказна, за да се разреши неговата мака. Пораката на книгата е дека преку уметноста луѓето можат да бидат спасени, дека уметноста на крајот може да биде лек... Двете мои книги се на некој начин слични по тоа што даваат литературна поддршка на младите читатели. Се надевам дека книгата ќе биде читана во Македонија и дека ќе допре, пред сѐ, до тинејџерската публика. Драго ми е што „Јас сум Акико“ веќе си го најде својот пат кај тукашната публика. Ме радува и што во моментов во Скопје се подготвува и претстава базирана на „Јас сум Акико“ – вели Тиќми. 


Стефан Митиќ-Тиќми е роден во 1992 година во Лесковац, Србија. Дипломирал на Факултетот за спорт и физичко воспитување во Ниш. Се занимава со производство на јаглен и производство на текстови (за деца и за возрасни, за театар, телевизија, видеоигри...). Тој е еден од најпрепознатливите нови автори во српската книжевност за деца и млади. Неговото пишување е опојно како стиховите на Миќа Антиќ, бајковито мудро како во „Малиот принц“ на Антоан де Сент Егзипери, духовито и топло како текстовите на Игор Коларов.
Негови најзначајни дела се: „Ме фатија кукли“ (Арте, 2015), „РизиКво“ (друштвена игра, 2017), „Јас сум Акико“ (Лагуна, 2018), „Детска белградска пролет“ (сценарио, РТС, ДКЦБ, 2019), „Капут од мов“ (Лагуна, 2020), „Тука, на дофат на маката“ (Повеља, 2020) и „Џем на облак“ (краток поетски филм, 2021). Досега на македонски јазик е објавен и неговиот прв роман – „Јас сум Акико“, исто така во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Авторот ја промовираше книгата на Саемот на книгата во Скопје, минатата година.

Според мотиви од книгата „Јас сум Акико“, која е наградена и со наградата на „Политикин забавник“ и со плакетата „Детска книга на годината“ на Меѓународниот фестивал „Плоштад од книги“ во Херцег Нови, е напишана истоимената претстава во копродукција на Фестивалот на еколошкиот театар за деца и младинци и Културниот центар на Панчево во мај 2021 година во режија на Миља Мазарак, а во изведба на Софија Мијатовиќ. Во моментов, и во Скопје, во подготовка е претстава базирана на „Јас сум Акико“, од страна на независниот македонски театар „Провокација“. Премиерата се очекува да се одржи до крајот на годината.
Во изработка е краткометражен анимиран филм „I am Akiko“, кој го поддржаа Филмскиот центар на Србија и Филмскиот центар на Бугарија (продукција „To Blink Animation“ – Војин Васовиќ, режисер – Дамир Романов).

Познат е по тоа што во населбата Анчики, блиску до неговиот роден град Лесковац, во напуштена куќа направил мала бесплатна библиотека со 5.000 книги, проект што е награден со специјалната награда за ентузијазам од Фондацијата на Тања Петровиќ. Воедно, пошироката јавност го знае и како преведувач на поезија на знаковен јазик. Добитник е на Октомвриската награда на град Лесковац – за исклучителен придонес кон културата, афирмација на детската литература и општественото ангажирање.

Книгите од Стефан Тиќми се достапни во книжарниците на „Литература.мк“, како и онлајн преку www.literatura.mk.


ПР објава