Карантинот ни даде шанса за нов, подобар почеток: Утринско кафе со Арта Ќерими

Веќе девет месеци утринското кафе го пијам со моите драги колеги и колешки во Агенцијата каде што и работам. Работам во Агенција за млади и спорт, и имаме прекрасен поглед од нашата тераса. Со кафе, сонце и муабет ми почнува денот, каде што не ни фали ни добрата енергија што ја шират луѓето во институцијата.

Ме мотивира сè. Буквално сè. Знам да се мотивирам од сè што е добро и убаво, но знам и да се мотивирам сама кога е и тоа потребно. Фактот што сакам да им помагам на луѓето ме мотивира. Не е помош, туку е поттик. Сакам да ги поттикнувам да си ги реализираат целите и секојдневните обврски. Мислам дека тоа им фали на луѓето, некој да ги поттикне. Тоа го правам од душа, без да очекувам нешто за возврат, и од целиот тој процес се мотивирам.

Но знам да се мотивирам и од доброто однесување од продавачка во трафика, или пак, кога надвор времето е сончево, и мислам дека целата душа ми ја грее. 

После завршување на работата, честопати знам да излезам на кафе со друштвото или пак имам состаноци со координатори на проекти од кои сум дел и каде што им помагам во спроведување и имплементација на разни проекти, конкретно проекти за млади.

Денот ми завршува со моето семејство, дома, сите со обврски, уморни, но сепак се трудиме барем малце да поразговараме како ни поминал денот, да се видиме и да  собереме пак волја и мотивација за утрешниот ден, повторно “full” со обврски.

 Сакам многу да читам, меѓутоа сакам да гледам и филмови, зависи. Но, во последно време прочитав многу книги што сум сакала одамна да ги прочитам, што не сум имала прилика од секојдневните обврски. Филмовите ми се како “relax part”, особено за време на карантинот ми беа најдоброто друштво и искрено уживав.

Ако ја гледаме убавата страна на карантинот, тоа би било токму времето. Времето што ни го даде да се посветиме на некои работи што долго време ни беа на “to do” листа и никако да станат реализација. И што е најбитно, се надевам дека сите си посветивме доволно внимание на себе си, и видовме до каде сме со самите нас.
Карантинот ни даде добра шанса, за нов подобар “почеток”. Но, прашањето е дали сме свесни?!

*Арта Ќерими - Агенција за млади и спорт, сектор за млади