Карлос Слим го повика светот да се сврти кон тридневна работна недела
Мексичкиот милијардер Карлос Слим смета дека луѓето би требало да работат три дена во текот на неделата.
„Луѓето денес живеат подолго, поздрави се, не се присилени на тешки физички напори. Денешната цивилизација бара повеќе знаење и повеќе искуства, а помалку физичка подготвеност. Мислам дека би требало подоцна да се оди во пензија и да се работи три дена неделно“, рекол Слим во интервју за Блумберг.
Се наведува дека мексичкиот милијардер тоа не го рекол од чист алтруизам, туку раководејќи се од бизнис логиката: радикално скратување на работната недела ќе поттикне отворање на нови работни места и ќе ја осигура динамиката на економијата.
Ако луѓето бидат слободни четири дена неделно, не само што ќе се зголеми квалитетот на нивниот живот, туку тоа ќе доведе и до голем раст на туризмот, индустријата на забави, култура, спорт па и образование.
Сопственикот на мексичката телекомуникациска компанија беше најбогат човек на светот, а денес е на седмо место на листата на Форбс најбогати луѓе на светот. Неговото богатство се проценува на 67 милијарди долари.