КАРОЛИНА НА ТУРНЕЈА НИЗ МАКЕДОНИЈА
Од вечерва, Каролина Гочева тргнува на концертна турнеја низ Македонија, со која ќе ги промовира песните од новиот албум „Извор“. Вечерва, поп-ѕвездата и нејзиниот бенд ќе одржат концерт во Тетово, во Домот на културата „Иљо Антевски- Смок“. Турнејата продолжува на 24 април, вторник во Домот на култура „АСНОМ“ во Гостивар. Во мај, Каролина ја очекуваат уште три концерти: на 6 во Куманово, во
Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, на 7 мај во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, и на 10 мај во Струмица, во Домот на култура „Антон Панов“.
Промоцијата на новиот албум, таа ја започна на крајот на февруари, со седум концерти кои се одржаа во Македонската опера и балет во Скопје. По Скопје, Каролина пееше и во Охрид, каде што најави и концерт на лето, на отворена сцена, и два пати во нејзината Битола.
Во првиот дел од концертите, Каролина ги пее песните од новиот албум, а во вториот, хитовите од претходните албуми, „Македонско девојче“ 1 и 2. Автор на сите песни од „Извор“ е Никола Мицевски, кој ги напиша и оние од „Македонско девојче 2“. Текстовите се на Весна Малинова- Бабамова, освен за „Будна“, чија приказна ја напиша актерката Весна Петрушевска.
(М.Џ.)