Католички Божиќ во домот на Надежда Шодан: Сѐ уште правиме честитки и ги праќаме по пошта

Добивај вести на Viber

Во домот на скопјанката Надежда Шодан секоја година Божиќ се празнува два пати. Еден на 25-ти декември според грегоријанскиот календар кога всушност се прославува католичкиот Божиќ и на 7-ми јануари кога според јулијанскиот календар кога го слават православните христијани.

Вели дека отсекогаш се чувствува привилегирана и среќна што толку долго во нивниот дом трае божиќната магија. На Надежда, Божиќ и е омилен празник и ужива подеднакво во двата.

Во овој период од годината во нивниот дом е многу весело и разиграно.

„Многу го сакам. Целата подготовка, поминување повеќе време со семејството, потесно и пошироко, мирот, исчекувањето, радоста, сè она што овој празник го носи со себе, ме прави исклучително среќна“, вели Надежда.

Подготовките за Божиќ во нејзиниот дом започнува од почетокот на декември, сè со цел радоста и среќата на нејзините две деца Павел и Јована да трае подолго.

„Сè е волшебно, убаво, весело. Традиционално божиќните дрвца/ елки, се украсувале на еден ден пред Божиќ, но јас секогаш тоа го правам на почетокот на месецот, за радоста подолго да ни трае. До лани имавме природна елка, а од оваа вештачка, која со посебно задоволство, ја украсувавме заедно со децата. Така започнуваат подготовките, па продолжуваат со подготовка на адвентскиот календар и останатите настани во текот на волшебниот Декември“.

Овој период од година најрадосен е за Павел и Јована, кои ги очекуваат подароците под елката.

„Многу ги сакаат овие денови. Им ја пренесов возбудата, што јас сум ја имала и имам, па со радост учествуваат во целата магија. Секако најмногу се радуваат и едвај чекаат да станат наутро, да погледнат што има за нив во адвентскиот календар“.

Како сите деца, така и за нив, сè уште голема радост е Дедо Мраз.

„Веруваат во Дедо Мраз и секоја година му пишуваат или цртаат, тоа што го посакуваат. Многу е интересно, кога ќе видат повеќе Дедо Мразовци низ град, па се убедуваат меѓу себе кој е вистинскиот. Не ги заплашувам дека ако се умни ќе добијат подароци, тоа ми нема смисла, па само веруваат во дедото со волшебни моќи, кој со санката и ирвасите доаѓа после полноќ во нашите домови“.

Божиќ од детството повеќе го памети по чувството на среќа и радост, отколку на подароците кои Надежда ги добивала како мала.

„Се обидувам да се сетам и ми се појавува пред очи едно видео, што деновиве кружи по интернет, кое вели дека кога децата ќе ви пораснат, нема да се сеќаваат на подароците кои ги добиле или каква елка имале, но ќе се сеќаваат колку среќни и весели се чувствувале. Благодарение на магијата која вие сте им ја доловиле, заедничките моменти кои сте ги поминале, мирисите кои доаѓале од кујната, прегратките и насмевките кои заедно сте ги уживале. И навистина е така, јас така се сеќавам на празниците како дете“.

Иако слават Божиќ два пати, традицијата на отворање подароци на 25-ти утрото, си ја задржала со моите деца.

„Исто така, паричка за православниот Бадник и Коледе, се традиции, кои со гордост и радост во срцето ќе продолжам да ги почитувам со моите деца“.

Интересно е што Надежда со нејзините деца ја имаат задржано традицијата на праќање честитки, што е реткост во денешно време.

„Колку и да звучи неверојатно, во ова време на дигитализација и отуѓување, ние сè уште самите правиме честитки и ги праќаме по пошта. Со потесното семејство сме многу често заедно за празниците, особено за мојот Божиќ, кога со денови ја спремам трпезата и после сите заедно уживаме. Од детството ми недостасува само мирот и безгрижноста околу празниците, кои секое дете верувам ги чувствува“.

Традициите кои се практикуваат за католичкиот Божиќ се различни во различни земји, она што е заедничко отворање на подароците од под елката утрото на 25-ти декември.

„Мислам дека традициите варираат од земја во земја, но се генерално слични. На пример во Италија на Бадник се прави „Гозба на 7 риби“, каде се готват седум јадења со риба и друга морска храна. Во Хрватска, Далмација и Истра се подготвува бакалар. Елката се украсува на Бадник, а доста се популарни и божиќните маркети, каде се продаваат разни традиционални слатки, греено вино, топло чоколадо и украси. На денот на Божиќ се отвораат подароците и се прави гозба со разни специјалитети, со некое бавно печено месо, како главна ѕвезда“.

Првото Божиќно утро е највесло, бидејќи тогаш се отвораат подароците, а денот исполнет со среќа и многу насмевки.

„Се будат рано и чекаат помош околу читање на картичките, да знаат кои се нивни подароци и експресно се отвораат, се игра цел ден со тие играчки и обично целиот ден сè поминува дома, со готвена храна, убава музика и вклучени сијалички“.

Надежда ужива во подготвува интересни јадења за семејството. Секогаш убаво декорирани и е вистинска инспирација да ја врзете престилката, да ги засукате ракавите и да заглавите во кујната.

„Не сакам да ја делам храната на здрава и нездрава. Што би рекла мојата пријателка Кате, за таа храна велиме, храна што ја јадеме само понекогаш, не толку често. Инаку, да. Се обидувам колку можам да готвам разновидно, речиси секој ден, со сезонски, локални намирници, но за Божиќ знам да се опуштам и да направам десерт со бел шеќер, бело брашно и путер, што не е апсолутно ништо страшно, и секако подобро од нешто купечко, со милион адитиви и додатоци. За Бадник ќе правам ракчиња, ципура и паштета од туна, по рецепт на татко ми, а за Божиќ некое убаво месо, многу предјадења, колачиња и торта“.

Во домот на Надежда божиќната магија ќе трае подолго, а со тоа на среќата ќе и нема крај за Павел и Јована. Желбата што си ја посакува за следните 365 денови е едноставна.

„Колку и да звучи клише, само да сме сите на број, здрави и живи. Навистина ништо друго“.

Габриела Додевска Глигоровска