“Ќе и’ мине”
Не сум мајка која ќе знае да даде совет за тоа каков марифет треба да се стори за да е месото ем испечено ем сочно, или тестото колку ќе треба да отстои за кифлите да бидат меки ко душа. Не сум мајка од која можат да се купат трикови за ставање ајлајнер или како трепките да бидат совршено извиткани. Ако сум искрена, не сум мајка која би го дала вистинскиот совет за како некој треба да се однесува во друштво или какви треба да бидат манирите додека се вечера во скап ресторан. Дефинитивно не сум мајка која може да научи некого како се пришива нешто, а срам ме фаќа да продолжам за везење или плетење (си ветив дека ова последново ќе го совладам и тоа само во чест на бабите). Но, 100 проценти сум мајка која си го учи детето да не молчи, да не премолчува и да вика...ма не само да вика, туку да урла ако достоинството, интегритетот и животот и’ се доведени во опасност.
Во четвртокот напишав песна која дојде како созревање на она што тлеело во мене скоро десетина дена. За оние кои немаа можност да ја прочитаат, еве ви го линкот:
https://zenskimagazin.mk/ana-bunteska-nikojpat-da-ne-se-vrakjash
Не знам дали сум ви кажала дека одвреме навреме добивам пораки во сандаче од жени кои бараат совет или само некој да ги сослуша за голготите низ кои минуваат. Совети никогаш не давам, од пусти страв дека можам најдобронамерно да направам беља од невидени размери, оти секојпат на ум ми е дека патот до пеколот е поплочен со добри намери. Сослушувам, споделувам со нив некоја иста или слична ситуација која ми се има лично случено, упатувам кај психолог (ако ме прашаат за контакт и доколку им треба стручна помош), упатувам кај адвокати. Секој пат после таквите разговори останува една огромна дупка во мене, која се полни со горчина и револт. Сите тие жени колку и да се различни во карактер, начин на говорење, изглед, години, имаат две заеднички нишки кои ги прават исти, а тоа е стравот и болката.
Имав прочитано на времето една глупост која велеше дека убавите жени се привилегирани во секој сегмент од животот, демек полесно и поубаво си поминувале. Прво, небулоза е самата поделба на жените на убави и грди. По мое лично верување, има убави (арни) и грди (лоши) луѓе. Убавината кај луѓето (сега зборувам за физичката) е многу релативна. Не ретко, човек со фантастични пропорции на тело и физиономија која по сите стандарди е совршена, знае да биде фуј ако го видите лошото во него....и обратно. Така, не држи вода за убави и грди жени (ова по мое видување), но еве, за оние кои ја поддржуваат таа теорија дека убавите жени се привилегирани, само да ви кажам дека сите жени кои ми пишале од очај и со страв оти биле физички и психички злоставувани, биле убави жени. И кога ќе се вратам наназад низ годиниве, со сите жени со кои сум контактирала некако испливувало на површина дека минимум еднаш во животот сите сме биле или физички или психички измалтретирани, а некои биле и двете, за жал.
Имаме многу погрешна слика за тоа како изгледаат малтретираните жени. Во умовите на многумина тоа се драстични слики кои подразбираат модринки, искинати алишта и крвој, искубени коси и размачкани шминки. Во умовите на многумина се раѓа сомнеж и неверување ако една спастрена жена каже дека е жртва на насилство. Во умовите на многумина се раѓа дури и презир за жената која води сметка за својот изглед, а бара помош бидејќи е жртва на насилство. Зарем треба да се манипулира со надворешната појава за да бидеме сфатени озбилно кога кажуваме дека имаме проблем? Или обратно...зарем треба со сила да се токмиме и црвиме во образите, за да не бидеме гледани со сожалување или гадење? Зарем не е доволен зборот и погледот (кој никогаш не лаже) за да се поверува кога една жена кажува дека животот и здравјето и’ се во опасност? Многу станавме екперти за секоја тема, вклучително и за темите кои некогаш се во рангот на живот и смрт, што претставува исто толку голема опасност како и самите злоставувачи.
Во болните умови на многумина, злоставуваните жени сами си го бараат или мора да има причина зошто биле нападнати. Во умовите на луѓето лишени од емпатијата како чувство кое не’ разликува од психопатите, жените кои завршуваат во болница или на гробишта сигурно биле ку*ви кои го изневериле мажот, па си го добиле заслуженото.
Трагично е што ваквите болни умови имаат социјални мрежи, па можат оваа своја теорија да ја споделуваат со другите, а уште потрагично е што имаат дома деца кои се воспитани според нивните стандарди за тоа што е зло, а што не е. И трагично е што нема или сме само бавни во изнаоѓање на решението како да се спречат овие гнасни мастурбирања врз нечија трагедија. “Види ја бе како се шминка”, “Абе ај, се облака ко ку*вештија, па после Цацко и’ е крив”, “Со таква уста сама си го бара, поштена жена не се слика со напрчени усти” се само минијатурен, но доволно одвратен приказ за тоа до каде сме со здравиот разум и резон за тоа што е ок, а што не е. Сите ние кои ставаме шминка, се облекуваме вака или онака или си ја дозволуваме таа “дрскост” да се сликаме на нашите профили како ќе ни се ќефне, просто си го бараме да бидеме плукани, навредувани, силувани, потчукнати, претепани, па и убиени. Оти по критериумите на болните умови, поштена жена е само безгласна и безлична жена. А безгласна и безлична жена, не постои оти сите сме со оган во себе. Но, постојат жени кои насилно се обликувани да бидат безгласни и безлични, со страв и со ќотек.
Живееме во век во кој се’ што можеше да се смисли, се смисли. Живееме во век во кој само површно се убедуваме дека сме тргнале напред, иако се’ додека цути насилството во било која форма, не сме мрднале од место.....пардон, сме мрднале ама наназад. Она што знам е дека како никогаш досега мора да им дадеме крила на нашите ќерки да го вивнат гласот и да не дозволат никогаш, никому и за ниту една причина да бидат жртви. Мора да ги едуцираме синовите дека не постои ниту една “добра причина“ за било кога да им текне да кренат рака на жена. Мора да најдеме начин како да се стави крај на сите поддржувања на какво и да е насилство врз жените. Тие кои го прават тоа се ништо помалку виновни од оној кој удрил или убил, тие се соучесници во злоделото и точка.
Време е да се каже СТОП за насилството врз жените, за изживувањето за тоа што сме вакви или онакви, оти секогаш има “затоа” за насилничкото “зошто”. Време е да не бараме дозвола да бидеме она што сме и да не се извинуваме оти не сме она што се очекува од нас. Време е да престанеме да бидеме жртви на изопачени и болни умови.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ќе и’ мине
Се’ ќе и’ мине
Сите удари попатно добиени
Потштипнувањата кои имаат боја
На небо после зајдисонце
Ќе и’ минат модринките
И црвенилото на лицето
Кое било создадено за бакнежи
И очите нема да и’ светат од солзи
Кои ги голтнала пред светот
Ќе минат и лузните на грбот
Ќе зацелат раните кои нанесени и’ биле
И повторно кожата бела ќе и’ биде
Како некогаш
Кога едвај си чекал да ја распостелиш пред себе
И да ја љубиш до изгрејсонце
Ќе мине и срамот
А и стравот ќе ја одминува полека
Додека не реши гласот до небо да го вивне
И да биде повторно своја
Без да ти се плаши од сенката
Ќе и’ мине баботењето на срцето
Не од возбуда дека до неа си
Туку од исчекување на следниот удар
Само душата однатре ќе и’ крвари
Како згмечено овошје
Кое некогаш со сласт си го вкусувал
А сега е само згрчено парче месо
До кое повеќе не можеш да допреш
Ќе мине
Ќе и’ мине болката
И јадосувањето што дозволила
Раката на неа да ја кренеш
Оти секогаш поразот е во оној
Кој рака на жена кренал
И кој силата така си ја мери
И време ќе измине
И душата полека ќе зацелува
Додека еден ден потполно не те избрише
Како да не минала векови со тебе
И ќе ја гледаш насмеана и храбра
Ќе ја гледаш дека на свои нозе застаната е
И дека нема сила која може да ја уништи
Ќе мине
Се’ ќе и’ мине
Исто како што ти ќе и’ минеш
И болката повеќе нема да ја јаде
Ниту зад себе ќе се врти
Барајќи те од кое ќоше ќе се појавиш
За повторно на колена да ја паднеш
Ќе и’ мине
Исто како што времето минало
Кога си можел “своја” да ја наречеш
Оти си ја изгубил
Токму во оној миг кога првпат си ја удрил
Дал со збор или со тупаница, сеедно
А тебе само ќе ти остане поразот
И трпнењето на раката
За да паметиш, за да знаеш
Дека никогаш повеќе нема да бидеш маж
(посветено на сите жени, жртви на насилство)