Ќе пеам облечена во црно: Андреа за настапот на евровизиската сцена во Торино

Добивај вести на Viber

Македонската преставничка на годинешниот евровизиски избор ветува дека ќе и’ покаже на Европа дека и ние имаме интернационални артисти.

Позитивните коментари за песната Circles на Александар Масевски и се дополнителен мотив да го искористи својот потенцијал да застане на таа сцена и да даде се’ од себе.

Андреа Коевска (21) се опишува како многу специфичен лик. Вежбањето ја смирува кога имам бура во главата, а тоа е доста често. Преферира да седи дома или на поинтимни места, но ако добие некој бран на енергија прави многу добра забава.

* Како ти помина ноќта откако дозна дека ќе бидеш евровизиски претставник во Торино?

- Ноќта беше прекрасна и исполнета со среќа. Ги собрав сите блиски на едно место и се радувавме заедно, затоа што реално победата е заедничка. Без нивната поддршка немаше да биде лесно. Се забавувавме до утринските часови и кога се вратив дома се уште не можев да заспијам од возбуда. Одлучив да се навратам на што повеќе пораки, бидејќи навистина сакав да им се заблагодарам на сите за довербата.

* Може ли да ги дефинираш сите чувства кои се преплетуваат во тебе? 

- Уф.Ова е едно од најтешките прашања моментално. Цело време варирам, но дефинитивно сум пресреќна и превозбудена за тоа што следи. Едвај чекам да почнам со целиот процес на подготовки, зашто оваа шанса ја чекав долг период и конечно ја добиви екако сега е време да ја оправдам.

Процесот додека ја снимавме Circles нема никогаш да го заборавам

*Темата Circles е плод на соработка со еден од нашите најдобри композитори Александар Масевски кој има евровизиско искуство. Како таа настана?

- Со Масе константно креираме. Оваа песна всушност настана многу спонтано. Ја напишавме пред речиси година дена, но не сакавме да ја пуштиме бидејќи знаевме дека има некоја посебна магија за неа. Процесот додека ја снимавме нема никогаш да го заборавам, не можам да се сетам кога последен пат се имам чувствувано така. Едноставно во тој момент сите коцки се споија.

* Текстот е твој, а инспирација за него е една твоја токсична врска. која завршила. Дали таа личност ти се јави да ти честита. Ќе смени ли оваа победа нешто во таа врска?

- Не, таа личност не ми се јави, но не ја ни обвинувам, затоа што подолг период веќе не сме во контакт. Но, знам дека и’ е мило за мене бидејќи секогаш веруваше во мене и тоа што сум јас. Се надевам дека можеби во блиска иднина ќе се видиме и ќе се посмееме за тоа колку имаме созреано и како токму оваа врска не’ има направено подобри личности.

Почнувам со подготовки за настапот 

* Што ќе биде твоја цел во Торино, да се претставиш најдобро пред европската публика, да влезеш во финале или нешто повеќе?

- Се’ од горе наведеното. Искрено само се фокусирам на тоа што можам да го контролирам бидејќи на вистина не знам што да очекувам. Но, дефинитивно ќе дадам се’ од себе за да се претставам во најдобро светло себеси, а и Македонија затоа што навистина сакам да и’ покажам на Европа дека имаме и ние интернационални артисти.

* Секогаш кога треба да се објасни звукот на некој нов изведувач, најлесно е да се користат споредби. Во твојот случај коментарите се дека со стилот на изведба на сцена и облекувањето, личиш на Били Ајлиш. Кој е твојот коментар?

- Не знам, искрено. Лично не го слушам тоа, но разбирам од каде доаѓа. Во нашата песна имаме елементи кои потсетуваат на звукот на Били, но сепак песната има свој засебен саунд. Сепак не ми пречи да бидам споредувана со толку успешна поп ѕвезда.

Кога планираш да започнеш со подготовките за настапот? Имаш ли идеја како би изгледала на сцената?

- Психички веќе имам почнато, но од понеделник ќе почнеме со подготовките како што треба. Дефинитивно имам замисла како би сакала да изгледам на таа сцена, но ништо не е дефинирано. Единсвеното нешто што можам да го споделам со вас е дека сакам целосно да бидам облечена во црно и да биде минималистичко, друго не откривам.

Ме разочарува нечесност и лажење

* За само девет месеци, имаш исклучителна кариера надвор од границите. Но, со евровизискиот избор стана центар на македонската јавност. Зошто го избегна македонскиот пазар и директно атакуваше на европската сцена?

-Затоа што самиот сплет на околности во мојот живот ме довеле природно да творам на англиски јазик. Да, знам како изгледа од страна и не ги ни обвинувам луѓето што константно го поставуваат тоа прашање, сепак сум Македонка. Но, не мислам дека тоа треба да биде пречка во мојата кариера. Во уметноста треба да имаме слобода во начинот на кој што се изразуваме, па потоа публиката да одлучи дали им се допаѓа или не.

* Која е Андреа приватно?Што те прави среќна, а што може да те разочара или извади од такт?

- Андреа е многу специфичен лик. Имам забележано дека или ме сакаат или не, нема златна средина. Многу сакам да вежбам, тоа ме смирува кога имам бура во главата, а тоа е доста често. Барем секогаш ќе бидам физички спремна. Генерално сум интровертен човек, преферирам да седам дома или на поинтимни места, но ако добијам некој бран на енергија знам да нашравам и многу добра забава. Тоа што ме прави мене среќна е да се чувствувам исполнето со работите што ги правам во секојдневието, ништо спечифично, но нема да лажам ако кажам дека гледајќи серија со храна во рацете не ме прави пресреќна. А тоа што може да ме разочара е нечесност и лажење, не ја разбирам потребата и затоа во такви ситуации одма напуштам.

Какви се реакциите за песната на Евровизиските сајтови?

- Ухууу реакции од цел спектрум, но позитивните ме мотивираат да продолжам со тоа што го правам. Не е реално колку коментари добив и поддршка, навистина има многу луѓе што веруваат во мене. Скокав од радост кога видов дека Loreen, поранешната победничка на Евровизија, имаше кажано дека мојата песна и се допаѓа и има потенцијал. Овие случувања ме туркаат да го искористам целосниот мој потенцијал, да застанам на таа сцена и да дадам се’ од себе. 

Соња Алексоска Неделковска