Ќе се обидам како модел и во САД: Американската приказна на манекенката и водителка Билјана Ѓоргиовска-Анѓушев
Таа беше една од нашите најангажирани модели на ревиите и во рекламните кампањи. Подоцна, Билјана Ѓоргиовска-Анѓушев стана водителка на емисијата „Мојата свадба“, проект за кој велеше дека сосема се пронашла. Амбициозната млада жена потоа отвори свое модно атеље каде што се облекуваа многу наши познати личности. Пред четири години, Билјана со сопругот Кире замина во САД. Нивната најголема среќа се ќерката Ева која има четири години и синот Максин кој има една ипол година. Билјана, која е инаку од Велес, неодамна беше на одмор во Скопје и се сретна со своите драги пријателки, колешките манекенки кои се исто така мајки, и евоцираа спомени од деновите кога заедно работеа. За своите искуства од времето поминато во САД, Билјана раскажа за Женски магазин.
* Колку време помина откако сте во САД?
- Поминаа речиси 4 години. Живееме во северниот дел на Њу Џерси и е многу блиску до државата Њујорк и градот Њујорк, всушност така и се опишува, како проширена област на Њујорк. Од куќата до Менхетен, на пр. Тајмс Сквер нас ни е 30-40 минути патување со автомобил, а исто толку е и со воз. Имаме среќа да сме далеку од гужвата на градот-џунгла, но доволно блиску до случувањата и динамиката на метрополата.
Билјана со сопругот Кире
- Со што се занимавате таму, сопругот и ти?
* Сопругот Кире има своја американска компанија специјализирана за дигитален маркетинг, адвертајзинг и ИТ која во основа е надградба на способностите, искуството и технологијата користени во македонската технолошка компанија чиј основач е. Развој на компанија во такво конкурентско опкружување како Америка е огромен предизвик. За успеси се потребни многу повеќе од искуство и знаење. На почетокот се соочи со “проблемот” дека е преквалификуван за работните позиции затоа што неговото сумирано искуство од Информатичките технологии и бизнис-стратешкото искуство, заедно со претприемачкото искуство го правеа кандидат што би им ја превземал работната позиција на одговорните во менаџментот на компаниите, кои се специјализираат за една работна позиција и им беше чудно неговото сестрано знаење и искуство. Но, само му направија услуга да се охрабри и да стартува своја компанија која сега веќе 3 години успешно ја работи и гради со бизнис-партнерот Мајк Солаков. Тие двајца совршено се разбираат и надополнуваат. И јас сум дел од тимот. Им помагам со копирајтингот, формирање на содржините на сајтовите, објавите на социјалните медиуми како платформа на бизнисите да се доближат до повеќе клиенти и настани кои би придонеле за подобра интеракција со (потенцијални) клиенти. Навистина сето ова ми дојде како креативен издувен вентил, а и работното време и место си го прилагодувам сама, лесно остварливо со одгледувањето на две деца.
* Како децата се снаоѓаат, како излгледа еден твој обичен ден со нив?
- Секој ден со нив е интересен и различен од претходниот, ама е благослов. Ева веќе 2 години оди во приватна градинка, а годинава почнува во забавишната група. Установата ни е многу блиску од дома, што “преведено “ од американските услови значи како да ни е во дворот. Таа завршува најдоцна до 18 часот, па 2-3 пати неделно одиме сите заедно во теретана каде што таа поминува време во детското катче кое наликува на игротека во склоп на теретаната. Некогаш заедно одиме и на шопинг, во што ужива целосно. Таа посетува и балетско студио по руска школа, а оваа година сака да почне и во музичко.
На Максим јас сум му целосно посветена и тоа ќе биде така уште 2 години, полесно е и за него затоа што ние сме му цел свет. Кире има канцеларија и дома и одлуката за тоа беше прагматична за да ми помогне по потреба. Кога Ева беше бебе имавме секојдневна помош од бабите, но кога се иселивме јас сфатив дека несвесно пропуштив период од нејзиниот живот затоа што нон-стоп работев. Затоа со Максим сме целосно опуштени и уживаме со него.
Со сопругот и со децата Ева и Максим
* Што е за тебе најубавиот дел од Њујорк?
- Њујорк е убав за шетање, има што да се види и доживее во секој период од годината за секого. Ние го сакаме Централ Парк, но и Брајант парк (кој е како зелен Бисер во сред џунглата од бетон), и Американскиот музеј за Национална историја. Често посетуваме и поп-ап изложби, со теми од некој цртан филм. Но јас најмногу го сакам МЕТ музејот каде што еднаш годишно е модната изложба на дизајнерски парчиња и додатоци од темата за најпопуларниот бал што го организираат за светскиот џет-сет. Годинава темата беше Кемп, а многу бев горда кога видов дизајн на Марјан Пејовски.
* Ти недостасува ли работата како модел, би пробала ли повторно да и се вратиш на старата професија?
- Да, ми недостасува. Ми недостасува таа релација со тимот за да се изведе ревија, или реклама, или фотосесија. Би се обидела и во Америка да се вклучам во тамошната модна индустрија. Веќе имам воспоставено контакт со една агенција, но јас сè уште не се чувствувам подготвена да влезам во тој барабан. Ми треба уште малку време да се вратам во формата по бременоста. Исто така, имам воспоставено контакт со агенција за деца модели, за Ева и за Максим.
* Како гледаш на денешните избори за убавина кај нас?
Да бидам искрена, не сум информирана за тукашните случувања, но ако сè уште се како што и во времето кога јас учествував, тогаш ништо ново.
* Кои делови од САД ги прошетавте, имаш ли некоја интересна анегдота од некое патување?
- Во овие 4 години прошетавме низ целиот северо-источен брег во Мајамисбург и Колумбос во Охајо, Вашингтон ДС (политичкиот град) во Делавер, Балтимор (некогашниот главен град) во Мериленд, Бостон (универзитетскиот град) и Кејп Код (популарно туристичко место) во Масачусетс, во Конектикат, Филаделфија (градот на Роки Билбоа) во Пенсилванија, Атлантик Сити (коцкарскиот град) во јужен Њу Џерси, Њупорт (градот на јахтите и прибежиште на милионерите) во Роуд Ајланд, Торонто (3 пати), Нијагара и Монтреал во Канада. За Нова Година ќе одиме за Мајами, на топло.
Со Каролина Гочева, на изложбата на нејзиниот сопруг, уметникот Михаил Корубин во Њујорк
- Што најмногу ти фали од Македонија?
* Фамилијата и пријателите, како и на сите што се иселиле. Друго ништо.
- Како ти помина средбата со колешките со кои заедно ги делевте модните писти додека беше на одмор во Скопје?
- Супер, со нив сме во постојана комуникација на Вибер, ама седнувањето на кафе ни недостига на сите. Со девојките се гледаме еднаш годишно, ама ете со Маја Лазаревска која е во Австралија се видовме после 4 години откако и двете се иселивме. Затоа сме среќни што сега муабетите ни се позрели.
А за сите средби и желби за шетање или тинтрање имамвме веќе направено план и така е лесно за координација. Се чуствувам како да не поминала една година, и така нè држи до следното лето.
Милица Џаровска