Кога го загубив сопругот, беше тешко, но му кажав на син ми: „Сега сме само ние двајца, но ќе се потрудиме да живееме како сите останати“-Рената Костовска за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Да, знаеме. Тешко е да се биде родител. А да се биде самохран родител е предизвик. Постојана борба. Родителството е тежок потфат, особено ако е доверено на една личност, па затоа постојат одредени околности и проблеми со кои се соочуваат еднородителските семејства и мајки. Постојат многу причини зошто мајките остануваат сами. Тука набројуваме развод, раскинување, смрт на брачниот другар или недостаток на поддршка од таткото на бебето поради непланирана бременост. Сите овие ставки вклучуваат низа правни заплетки кои можат да го отежнат животот на мајката. 

Но, мајката како таква не смее да се откаже, да потклекне пред искушението кое ѝ е зададено, и мора да продолжи и покрај сѐ, најмногу за детето, но и за самата себе.

Со една таква животна борба, и денес се бори една мајка, жена, кралица или лавица, како што би рекле многумина.

Рената Костовска. Влезена во 50-тите години, како што вели самата, застаната негде на 40, таа е човек кој не се плаши промени и нови предизвици. Рената е поранешна презентерка на Вести во ТВ Сител и водителка на сителова кујна во период од 92 до 98 година. Денес вработена во државна јавна администрација во делот на правото, почетокот е пак во 90-тите во Агенција за приватизација на Република Македонија, а веќе како созревала и растела како личност долги години е во Министерството за економија.

Со неа разговараме на тема еднородителски семејства. 


*Рената, Вашето семејство е еднородителско. Вие сте самохрана мајка – како се справувате со сите предизвици кои ви ги носи самата ситуација?

 - Пред сѐ сакам да појаснам дека самохраност и еднородителство се две различни ситуации кои луѓето неретко ги грешат. Самохраност е кога родителите се разведени (разделени) но се двајцата живи. Кога зборуваме за еднородителство, тука е веќе се понагласено затоа што еден од родителите е починат , толку го нема веќе. Самото тоа доведува до состојба на страв со која родителот кој останал сам мора многу бргу, веднаш да го победи. Едноставно мора да е многу силен и да си рече морам и сакам да продолжам со животот, не со преживување, со животот. Првенствено јас кога го изгубив сопругот застанав сама пред себе и со себе и си реков дека морам да бидам силна за двајца, да сакам за двајца да се грижам за двајца, да живеам улога и на мајка и на татко.

Предизвикот е многу голем, не само што е голем туку е и болен, тоа се чувства кои во неколку реченици не можат да се стават . Толку се јаки и големи едноставно не ги собира. Дека е тешко, е многу тешко детето не смее да остане во недоумица, јас на мојот син Филип кој сега има 16 години, а кога го изгуби татко му имаше 12 години го седнав и му кажав: „Сега сме само ние двајца, но ќе се потрудиме да живееме како сите останати“. Тоа подразбира да не заборавиме да се смееме, да се радуваме и сите предизвици и искушенија да ги решаваме, да разговараме, да бидеме најверни другари, Значи детето на прво место на пиедесталот, но никако да не се заборавите и самите себеси. Поддршка и помош од семејството е секој миг добредојдена, јас сум благодарна на моите две сетри Елена и Ивана кои ми беа голема поддршка во секој поглед , разбирање од околината, соочувањето со финасиски проблеми кој секој од нас барем еднаш во животот помалку или повеќе ги имал, се исто така голем проблем на кој не смееме да потклекнеме и многу важен мотивирачки момент се пријателите, другарите кои во тие моменти се мелем за душата барем за мене беа, и среќна сум што ги имам , ќе си се препознаат.

Филип со сестрите на Рената Костовска

*Кој е најголемиот проблем со кој се соочуваат еднородителските семејства?

- Најголемиот проблем со кој се соочуваат самохраните родители е првенствено психолошкиот момент, затоа не треба да се воздржуваат од барање доколку е потребно и психолошка стручна помош, потоа животниот стандард ( кој е голема основа за да се редат останатите проблеми еден по еден) и стигмата, општествената дискриминација сепак сме ние во овој дел сме сѐ уште многу назад, несомнено сите соседни балкански земји го имаат овој проблем останат од некои конзервативни времиња.

Најголемиот прблем личен со кој се соочуват родителите како мене е чувството на безбедност и сигурност на секое поле од животот.

*Каква е надворешната разлика во општеството кога се зборува само за еден родител кој се грижи за децата?

 - Тоа многу зависи и од пристапот на родителот кон средината, јас лично немам некои изразени проблеми во овој дел, тука нема место за срам, воздржаност, повлекување, напротив уште погордо, посамоуверено, погласно и јавно треба да се настапи во општеството.

*Со какви административни препреки се борат еднородителските семејства и во поглед на здравственото осигурување или пристап до работно место, кое е вашето мислење?

- Има, не дека нема низа од пропусти во административниот дел , одамна моја заложба е дека овие лица треба да бидат целосно ослободени од партиципација во здравствениот систем заедно со нивните деца без разлика дали се малолетни или полнолетни се до завршување на нивното школување, како и ослободување од троѓоци за студирање на деца од еднородителски семејства.

Што се однесува до пристапот до работното место несомнено треба да бидат на приоритена листа без исклучок.


*Постои ли притисок од општеството над самохраните мајки? Стигма, потценување? Како вие се справувате со тоа?

- Да, веќе споменав дека живееме во општество каде е потребно комплетно менување на менталниот склоп кај одредени граѓани во поглед на нивното гледиште за самохраноста . Дали тоа ќе биде преку невладиниот сектор, дали преку институциите надлежни за истото мора да се изнајде решение на овој горчлив проблем особено во руралните средини. Преку кампања за подигнување на свеста на лугето за нивниот став према самохраните мајки, едукација, трибини, советувалишта и сл. Не смееме да дозволиме овие мајки да бидат стигматизирани, обесправени, дискриминирани, демотивирани итн, напротив нив им е потребен ветер во грб за да стојат секој момент исправено, а не да решаваат измислени проблеми и ситуации.

*Дали некогаш во животот сте се почувствувале дискриминирани поради фактот дека сте самохрана мајка или сте биле стигматизирани во општеството на некој начин?

-Што се однесува до мене, јас не оставив ни милиметар простор за да тоа ми се случи. Ги оставив зад мене и сѐ уште ги оставам сите и се што ќе  ми застане на патот на среќата на моето дете, зошто со таквиот пристап кон родителот, во случајов кон мене најголема штета трпи детето. Вреди ли?

Токму таа тема дискриминација, стигма ме поттикна и да се вклучам активно во политиката. Од пред неполни три години сум дел од тимот на Либерално демократската партија, од причина што како единка општествено никој не може да направи многу. Доколку сакаме да живееме во подобро, посигурно општество мора и да се вложиме.Тргнувајки од себеси одблиску ми се познати сите предизвици низ кои поминуваат самохраните родители и затоа сметам дека барем малку ќе можам да придонесам за сите останати кои или немаат можност или едноставно не сакаат да бидат вклучени во политиката, што по мене е многу нормално и оправдано.


*Колку е можен балансот помеѓу работата и грижата околу семејството – како балансираш ти?

-Напорно е да се воспостави ред кога си сам столб на семејството, не дека немам пропусти, но не дозволувам тие да ме демотивираат. Балансот сите сами го правиме , јас променив начин на живеење . Поголема самодисциплина, редовен сон и колку што можам, а многу малку можам релаксирање. Некако го навикнуваш и умот и телото дека така треба сега да функционирам и продолжувам, не застанувам никогаш. Паѓам да, но и многу бргу станувам, јас ја немам таа привилегија да бидам само жена.

Рената кога работела во Сител

*Како изгледа еден твој ден како мајка и вработена жена?

Кај мене деновите се ако така можам да се изразм “разиграни“. Некогаш се случува и да ми се спојат неколку дена хахахах, работните обрски се работа која секако мора да се заврши, титулата мајка е многу поодговорна, попожртвувана, тука нема “боледување“ тука има треба, морам и сакам.

Но, на крајот од денот кога ќе си отидам во мојот дом каде и си го наоѓам мирот и кога моето дете ќе ми рече мамче те сакам , не само што знам, туку сум и сигурна дека ќе успеам со сите предизвици кои ги носи животот да израснам дете, кој сега е веќе дечко, во вистински човек.

*Мислиш ли дека жениве во земјава доволно се борат околу своите права, посебно мајките? Ако не, што прават неправилно и како мислиш ти дека треба да се исправи тоа?

-Моето мислење околу таа тема е дека жените би се бореле, но за жал, со мала задршка ако можам така да се изразам. Несигурноста си го прави своето, мора да сме посилни и да се каже гласно што ни смета и што ни е потребно за подобрување на квалитетот на живот кај мајките и нивната положба во општеството. И не само мајките, сите жени мораме да бидеме храбри, гласни да се спротиставиме на се што ни стои на патот на среќата на нас како жени и воедно и без исклучок да се даде сѐ од себе за подобра иднина на нашите деца.

Несигурноста и стравот кој ни е најголем непријател за квалитетен живот доаѓаат од самото општество. Ние мора да постигнеме родова еднаквост во државата , што подразбира дека, со еднаква леснотија треба секој да има пристап до ресурси и можности без разлика на полот, кое вклучува економско, политичко учество и учество во одлучување и вреднување на различни однесувања, стремежи и потреби без разлика дали е маж или жена.


*Која е тајната на доброто воспитување и колку мајката треба да биде нежна, а колку строга според тебе?

- Тајна нема, само треба да има многу љубов, разбирање, трпение, многу разговор и градење на взаемна доверба со детето. Нежна една мајка треба да биде несебично многу, а строга , па јас повеќе го сакам зборот принципиелна , доволно за да се следи правиот пат на детето и да му се помогне кога е потребно да не го згреши правецот.

Впрочем, треба да сме секогаш тука негде околу децата како невидливи самовили и кога ќе почнат да паѓаат да ги подигнеме нежно. А, сепак да ги оставиме сами да се градат во свои индивидуи.

*Дали се чувствуваш успешна како мајка и вработена жена?

-Нескромно ќе речам да. После сѐ научив многу, а имам и уште многу за учење како мајка, огледало за тоа колку сум успешна како мајка е моето дете. Во однос на професионалниот дел, јас сум долги години во државна администрација, работното искуството кое е зад мене ме прави да се чуствувам успешна, но за мене лично секогаш може и повеќе и подобро.

*Како е да се биде single mom?

Треба да знаеш да го живееш тој начин на живот, како стил на живеење. Мојот стил е либерален, но двократно одговорен.


*Колку самохраните мајки треба да посвтуваат време на себе, да внимаваат на изгледот, колку ти се грижиш за себе?

Една жена без разлика што ѝ се случува во животот треба да остане жена, особено самохраните мајки никогаш не смеат да го заборават тоа. Самото тоа што ќе си посветат време за себе значи дека се вреднуваат како жени. Ако јас сама не се вреднувам себеси не можам да очекувам ни околината да ме вреднува. Што се однесува до мене, надворешниот изглед за мене е значааен, дали од навика , дали од тоа што сум така воспитана , дали сум јас едноставно таква не знам, но јас посветувам внимание на мојот изглед. И кога ми е најтешко и кога сум несреќна и кога сум среќна јас едноставно сум средена. Самото тоа дава самодоверба, кој како сака нека каже но, дека се нема време и средства за карминче и лакче не го оправдувам.

Од медицинска козметика никогаш не сум користела скапи креми, третмани и сл. малку мајка природа, малку генот, и нормално малку и јас самата. Од декоративна козметика , можеби ми останала навика од работата во телевизија, но јас без дневна или вечерна шминка не излегувам. Што е до гардеробата не сум по трендовите многу, класика и елеганција се моите другарки, носам сѐ што ми прилега и што ме прави јас да се чуствувам убаво. Обично комбинациите ми се слабост така знам некогаш и нешто што веќе сум го забоарвила да го искомбинирам со друго некое парче во моментот и да ми излезе убав аутфит.


*Како се бориш со негативното, кога лоша енергија ќе те надвладее, како се бориш, како ја надминуваш таа ситуација, што ти дава сила и енергија?

-Се повлекувам, потребна ми е самотија да ми легнат работите и да размислам, и сега што?? Понекогаш оставам некој период да помине зошто не залудно рекле старите, со сила убавина не бива. Понекогаш делувам одма зависи од ситуацијата, понекогаш чекам, но ете не знам да плачам што не го гледам како големина , колку би сакала убаво да се исплачам некогаш, еее не можам. Почесто ми се случува да се расплачам на убав настан отколку на неубава ситуација, проблем...

Сила ми дава син ми  Филип, а енергијата ми е во самата себе која неретко знаат да ја поттикнат мојата фамилја и неколкумина мои верни пријатели.


*Какви општествени промени според тебе се потребни за да се подобри положбата на еднородителските семејства во земјава?

- Тука ќе бидам многу кратка. Јас решение гледам во измени на законската регулатива, системски промени. Дали нов Закон или измени и дополнувања во Законот за семејство не знам, има експерти за тоа, но итно носење на законско решение за самохраните и еднородителските семејства.

*Недостасува ли психолошко советување кон овие групи на граѓани?Воспоставување на континуиран воспитно-едукативен процес можеби?

- Да,  како што реков погоре се треба да се решава системски, со законски решенија , пример може да земеме од земјите во регионот. Психолошкото советување е едно од најбитните моменти кога жена или маж ќе останат сами без својот партнер или брачен другар, а уште пострашно е кога дете ќе изгуби родител. Полошо, потешко и пожално од тоа нема, го нема тато или мама веќе, е затоа е неопходно и повеќе од потребно психолошка помош во тој момент посебно за децата.

*За крај,твој совет до сите мајки?

Мајки, како и секогаш знаете дека можете се за вашите деца, но, не се заборавајте и себеси. Бидете секогаш свои, горди на тоа што сте, храбро ќе се справиме со сите предизвици.  Се имаме преќутно една со друга, женската-мајчинската солидарност и љубов не познава граници.


Ирена Ставрова