,

Кога некој има страст и порив за нешто, ќе најде начин и да го направи: Интервју со режисерката Сандра Ѓоргиева

Добивај вести на Viber

Режисерката Сандра Ѓоргиева е многу горда на својот нов проект, краткометеражниот филм „Еден тон сладолед“ со кој доби награда за Сараевскиот филмски фестивал. Ѓоргиева е наградена за најдобар пич (претставување) ќе добие парична награда за постпродукција на звукот, зад кој стои „Охо продукција“. Краткометражниот филм во кој главната женска улога ја има Јелена Јованова-Периќ носи силна порака и оттаму метафората еден тон сладолед, во приказната во која тој еден тон претставува ја претставува тежината која ја носи една млада личност, главниот машки лик, Бодан Киранџиски.

Ѓоргиева во интервјуто за Женски магазин зборува за нејзиното искуство од фестивалот во Сараево, за душата на овој град, за тоа како таа гледа на пандемијата и открива неколку мали детали за филмот, кој иако сè уште небјавен, веќе пробуди голем интерес во јавноста.  

*Какво е вaшето искуство од Сараевскиот филмски фестивал, каде што за краткометражниот игран филм „Еден тон сладолед“ ја освоивте наградата за најдобро претставување?

-Моето искуство таму тие седум дена ми беше само со позитивни емоции. Иако напорно работевме на интензивните работилници за пичинг (pitching) и со никој од мојата Pack&Pitch група немавме многу време да посетуваме друг дел од програмата на фестивалот, бидејќи паралелно се случуваа многу задолжителни активности, сепак успеав да најдам енергија да гледам некои од новите филмови, да присуствувам на предавање на Вим Вендерс и Мишел Франко, на панел дискусии и предавања. Беше исцрпувачки, но јас лично повеќе ценам и преферирам ваков тип на интензивни квалитетни денови, отколку да одам на фестивал само за дружење и за забава. На главниот ден, кога беше презентирањето пред жирито и публиката, сите имавме мала трема, но со одличната подготовка од страната на менторите тоа помина како едно пријатно искуство.

Фото: Злата Хоџиќ


*Дали гостувањето во Сараево ви отвори нови можности и контакти за некоја следна успешна приказна?

-Секако. Не можеш да не запознаеш и секој човек е потенцијална соработка во иднина. Таму запознав многу луѓе на слична бранова должина, сите од најразлични држави. Секогаш ми е интересно тоа што на фестивал или работилница во различна земја, кога времето е кондензирано, и имате само неколку дена, а сте 24 часа сите заедно, веднаш се зближувате како да сте се знаеле со години претходно. После се тие креирања групи на социјални медиуми, ветувања пак да останеме сите во контакт. Секако, не секогаш се случува, но имам контакти уште пред неколку години и со многумина од нив пак се сретнавме во Сараево. Иако немавме многу време да се дружиме таму, бидејќи бевме во различни групи, сепак најмило ми беше запознавањето со прекрасните Тамара Ристоска, Сара Атанасовска, Сабина Мемиши кои беа како дел од Сараево таленти-актери, и Филип Мишов и Кристијан Фидановски, како дел од Сараево таленти-филмски критичари. Но, надокнадивме дружење тука во Скопје, кога се вративме.

*Дали и вие ја почувствувавте душата на Сараево за која сите кои го посетиле овој град секогаш зборуваат?

-Сараево ми е посебно драго, и малку ми е криво што досега не сум имала прилика целосно да го истражам и да видам некои од знаменитостите. Обично сум била само на фестивали со густо набиена програма и сум се движела само по конкретни места. Првиот пат бев во 2015, исто на Сараевскиот Филмски Фестивал со документарецот „Зелени ѕидови, црна храна“, а во 2018 бев на Ал Џезира Фестивалот, за работилница за истражувачки документаризам. Ова ми беше трет пат. Обично во слободно време се движам низ Башчаршијата, и секогаш ми е убаво да пробам од нивните сокови од различни вкусови, како роза, смрека...и нормално да го не го испуштам нивниот бурек. Сараево е толку жив град за време на фестивалот, но верувам дека неговата вистинска душа би ја почувствувала кога би отишла во друг временски период.


* Филмот „Еден тон сладолед“ сè уште не е достапен пред пошироката публика, а пробуди многу интерес во јавноста. Што можете да ни откриете за приказната, и уште поважно за пораката на овој филм?

-Токму поради фактот дека сèуште не е достапен и се работи на постпродукција, не би можела да откривам премногу. Можам да кажам дека се работи за психолошка борба на млад тинејџер Ведран (Бодан Киранџиски) кој се искупува со сладолед на мајка (Јелена Јованова) и нејзината ќерка(Јована Иванова). Но, бидеќи е летно време, сладоледот константо се топи и тој не може никогаш да им се искупи доволно. За што се искупува и кој е главниот општествен проблем кој ни се случува на секојдневна база ќе има прилика да дознае публиката кога ќе излезе во јавност. Сега засега можам да кажам дека тој проблем е нашата мотивација поради која се направи овој филм.

Фото: Злата Хоџиќ



*Каква е улогата на Јелена Јованова- Периќ, и за кога е планирана премирата?

-Како што кажав, Јелена Јованова ја глуми мајката на детето, на кое Ведран константно носи сладолед. Јелена е прекрасен актер, професионалец , но човек пред сè,.  Ова ни е втора соработка, прва ни беше на мојот дипломски филм, мјузиклот „Црно и бело“, од којшто исто носам убави спомени од работата со неа. Ми се допаѓа тоа што размислува во целина за филмот, а не поединечно само за нејзиниот лик. И сакам да работам со луѓе како неа, што не се предаваат на првата потешкотија, туку наоѓаат решенија. Треба да снимиме документарец за тоа како го правевме мјузиклот,ќе видите за што зборувам.  Ентузијастички е настроена, и секогаш дава поддршка на младите луѓе, што е многу важно за едно општество кое треба да се унапредува. Премиерата кај нас ќе биде следната година, но се надевам и на проекции на интернационалното платно.

*Филмот има оригонален наслов, зошто токму „Еден тон сладолед“ ?

-Сладоледод во филмот користи како елемент кој го користам за градација на извинувањето на Ведран. Сладоледот кој постојано се топи е апсурдниот момент во филмот, како што е апсурдна и неговата опседнатост да се извини. Тој е како еден вид на алегорија на Сизифовската мака. Еден тон ја претставува тежината која ја носи една толку млада личност. Со косценаристот Јаков Поповски двајцата се согласивме дека ова е вистинскиот наслов за филмот.


*Како вие лично се однесувавте и творевте за време на пандемијата, научивте ли нешто добро од ова лошо кое на сите ни се случува?

-Примарно завршив монтажа, па тоа го работам на секојдневна база. Работата ми е во една соба, со компјутер и не сум изложена толку често на опасност од зараза.  На проектите кои ги режирав, сè,течеше во строго заштитени услови под посебни протоколи, па среќа се помина добро. Паралелно, имав повеќе време за филмови и книги.Тоа, искрено добро ми дојде, и гледам на тоа како луксуз. Бидејќи, сочуствувам со сите оние кои ја изгубија работата и изгубија блиски. Но, со она кое не можеме да го контролираме, најлесно се помируваме. Мора константно да се адаптираме на светот, да сме флексибилни со сè, што работиме. Цел свет се префрли да работи од дома, зум состаноци, онлајн претстави, филмови, снимени со телефон по дома. Можеби е малку идеалистички, но верувам дека кога некој има страст и порив за нешто, ќе најде начин и да го направи. Најлесно е да останеме дома, да плачеме и да се жалиме.

*Со што  друго сте професионално окупирани во моментов? 

-Во моментот, освен со постпродукција на филмот, развивам други два проекти за кои се надевам дека наскоро ќе станат поопипливи и ќе може да се спроведат во текот на идната година. Гледам константно да сум активна, мојата работа во исто време ми е одмор. Кога ќе се изморам на еден проект, се одмарам со следниот, и после обратно. Работам фриленсерски и таквиот начин на живот постојано ме мотивира, не ми дозволува да западнам во зоната на комфорот. Таму мислам дека е смртоносно за креативната природа на човекот кој секој ја има, и секогаш кога ќе видам дека се наближувам до тоа, секогаш барам начин да го сменам правецот. 

Милица Џаровска