КОИ СЕ НАЈНОВИТЕ МАТУРСКИ И АПСОЛВЕНТСКИ ТРЕНДОВИ: Направи ме да личам на Ким Кардашијан

Добивај вести на Viber

„Сакам да личам на Џенифер Лопез, Ким Кардашијан, Меган Фокс… или пак Цеца или Гергана“, се чести желби на матурантките и апсолвентките кои ги бараат од стилистите пред да се подготват за завршната генерациска прослава.


Женски магазин разговараше со неколку наши стилисти, сопственици на салони за убавина кои ни раскажаа кои се најновите матурски и апсолвентски трендови. Родителите на нивните клиенти, за комплетен стајлинг вклучувајќи шминка, фризура, нокти и трепки плаќаат од 2.000 до 3.500 денари, во зависност од тоа што содржи пакетот.

Матурантките и апсолвентките оваа сезона околу фризурите се заинтересирани за кадрици, афро фризури, високо коњско опавче и лабави собрани пунџи.- Владимир Трајковски


„Девојките кои доаѓаат кај мене за матурска шминка, обично доаѓаат подготвени, со слика од позната личност. Секогаш сакаат да личат на некој друг, а не на себе си“, го сподели своето искуство Верица Груновска, од салонот за убавина „Шмизличка“. Таа вели дека сака да ги задоволи потребите на младите клиентки, но ги предупредува дека е невозможно по секоја цена да изгледаат како холивудските или балканските ѕвезди на сликата.

„Некогаш им велам дека не можат да личат на Џенифер Лопез на пример, затоа што немаат таква форма на лице, или зашто немаат таков тен. Ги советувам дека ќе бидат убави со сосема различни тонови и нијанси. На крајот, повеќето од нив ќе ме послушаат и без оглед на тоа што не сум направила нова Анџелина Џоли, си заминуваат задоволни“, вели Груновска чиј пакет од шминка, нокти и трепки без фризура чини околу 1.400 денари.

Црниот дебел ајлајнер драматично се врати оваа година, а него го бараат и матурантките.- Бобан Тодоровски


Познатиот стилист Владимир Трајковски ги следи најновите светски трендови. Тој вели дека апсолутен хит за оваа сезона која и клиентите ја бараат е балејаж, техника за нијансирање на косата која го засени познатото омбре.

„Доколку зборуваме за тренд,оваа сезона е најбаран балејаж стилот на осветлување на косата, која потоа се обликува да биде лелеава, украсена со прави краеви и волуменозна како кај манекенките од „Викторијас Сикрет“. Матурантките и апсолвентките оваа сезона околу фризурите се заинтересирани за кадрици, афро фризури, високо коњско опавче и лабави собрани пунџи. Слично е и кај невестите. Околу шминката, сите се заинтересирани за контурирање на лицето и нанесување на многу хајлајтер. За сенчењето на очите, бараат од нежни приодни тонови до најјака шминка во црна боја-, нагласени очи со туш и вештачки трепки кои се задолжителни и го дополнуваат гламурозниот изглед. Светките и глитерите се повторно во мода, а за усните, најбарани се мат кармините кои имаат издржливост и до 12 часа“, ни раскажа стилистот од „Ателје Владимир Трајковски“.

Матурски пакет кој вклучува шминка, фризура и трепки кај Трајковски чини 3000 денари, а пакет со шминка, фризура, трепки и нокти е 3500 денари. Тој додава дека кај матурантките и апсолвентките, и воопшто кај сите клиентки во преден план е изгледот на веѓите. „Дамите сакаат густи, полни и дебели веѓи кои се исцртуваат со молив или сенка, или пак трајни, со новиот метод, микробладинг или јапонско исцртување на веѓи кое трае цела година“, ни раскажа Трајковски.

Некогаш им велам дека не можат да личат на Џенифер Лопез на пример, затоа што немаат таква форма на лице, или зашто немаат таков тен. Ги советувам дека ќе бидат убави ако се различни.- Верица Груновска



Неговиот колега, Бобан Тодoровски вели дека црниот дебел ајлајнер драматично се врати оваа година, а него го бараат и матурантките.

„Направете драматичен агол или создавајте графички форми- само не правете тенка линија над трепките. По долги години доминација на течните кармини, можеме да кажеме дека стик карминот е повторно ин. Пронајдете го идеалниот за вас и купете го веднаш“, ги советува матурантките стилистот од „Синерџи фитнес и спа“.

Тој додава дека е многу модерен сирена трендот. „Тоа е шминка со аква-затемнети очи која на окото му дав сирена вибрации. Нанесувањето на тиркизниот ајлајнер по долната водена линија на окото му дава интензивен удар на бојата. Користете smokey eye техника и ефектот е перфектен. Висок сјај- хајлајтер е тотална доминација оваа сезона. Не мора тоа да е стандардниот хајлајтер, напротив можете да користите секаков тип, во боја“, порачува Тодоровски.


Матурантките и апсолвентките, вели тој, секогаш доаѓаат со некаква идеа, дали тоа било шминка и фризура, шминка или само фризура. Ретки се оние што им препуштаат на нив, а тие што имаат доверба се веќе долгогодишни клиенти.

„Оние коишто прв пат доаѓаат имаат само една желба, а тоа е да бидат тип-топ. Мој совет е пред доаѓањето да го разгледаат мојот профил дали тоа е Инстаграм или Фејсбук и да ги зачуваат омилените стајлинзи и со заеднички договор да направиме еден убав изглед кај секоја клиентка. Околу цените за шминка и фризура пакетите секоја година гледаме тоа да е прифатливо за сите. Цените почнуваат од 2000 денари па нагоре“, објаснува младиот стилист.

Милица Џаровска