Количката ја прифатив како најверен другар со која заедно ќе мораме да се бориме против предрасудите и за достоинствен живот: Борбената Бранкица за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Колку често сретнувате луѓе во инвалидски колички на улица, на училиште, во кафуле, во пошта или на кое било друго место? Истото прашање им го поставив на многу луѓе, а повеќето одговори беа поразителни и кажаа многу ретко, односно никогаш. Причината за ваквите одговори не е тоа што има малку луѓе кои користат инвалидска количка, туку неможноста и немањето услови за самостојно и слободно движење во инвалидска количка.

Многумина од нас не сакаат да погледат дека оние кои се врзани за инвалидска количка, секојдневно се соочуваат со огромниот проблем на бариери. Тоа е проблем кој влијае на сите аспекти на животот. Без помош од други луѓе, корисниците на инвалидска количка не можат да ги задоволат ниту најосновните човечки потреби, не можат да ги уживаат правата или да ги исполнуваат обврските што ги имаат како и сите други луѓе.

Големиот број стереотипи за лицата со попреченост, кои се и најчести корисници на инвалидски колички, како на пример дека не сакаат да бидат вклучени во општеството, не сакаат да се образуваат и не можат да работат и да заработат пари,  произлегува токму од тоа што ретко се гледаат лица со попреченост на работни места, факултети, училишта итн. Бариерите им го оневозможуваат вклучувањето, што доведува до стереотипи, а сето тоа заедно може многу да влијае на физичката состојба и личноста на човекот, правејќи ги депресивни, па дури и до губење на волјата за живот.

Бранкица, сепак, не е од оние личности, жени, борци, кои така лесно се откажуваат. За неа, нејзината постојана борба читате во редовите подолу.


ЖМ: Многумина слушнале и прочитале за тебе, но ајде да ги запознаеме читателите на Женски магазин. Која е Бранкица Димитровска?

-Бранкица е од Крива Паланка, веќе 51 година, Дипломран Правник по “Мегународно Јавно Право и Дипломатски односи“,Основач и претседател на Здружението Хендикеп Плус, моментално работам како проектен координатор на активности на Здружението.

ЖМ: 33 години рековте дека сте врзани за инвалидска количка. Како се случи сѐ, може ли да ни раскажете?

-Еве ја вистинската приказна за мене. Од две сообраќајки; далечната 1990, ноември. Првата кога излетавме од пат со неприлагодена брзина и втората кога како итен случај ме носеше амбулантното возило истата ноќ итајки кон Скопје. И толку околу тоа.


ЖМ: Што прво си помисли кога сфати дека животот повеќе нема да ти биде ист?

-Траума. Шок. Не ми се веруваше што слушам од докторите. Станав хистерична; пискав и врескав низ болницата. Затоа, тука сакам да се извинам на целиот персонал од костозглобната болница „Свети Еразмо“ што ме истрпе. Но, и да се заблагодарам што ја имав нивната поддршка, што посветија на мене внимание и постојано ме рехабилтираа, ме учеа на самостоен живот, ваков, со мојата најверна друшка – количката.

ЖМ: Како успеа себеси емотивно да се издигнеш и да продолжиш напред?

-Видете јас имам едно мое мото ЈАС МОЖАМ. И затоа количката ја прифатив како најверен другар со која заедно ЌЕ МОРАМЕ ДА СЕ БОРИМЕ ПРОТИВ ПРЕДРАСУДИТЕ И ЗА ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ.


ЖМ: Која беше првата цел која си ја зададе?

-Да си олеснам себеси, на моето семејство. Знаев дека ако работам упорно на подигнување на повисоко ниво за достоинствен живот на лицата со попреченост, дека мојата попреченост само ќе ми помогне да ги откријам моите способности.

ЖМ: Колку ти е тешко да функционираш, да се движиш насекаде каде имаш потреба, да ги извршуваш секојдневните обврски?

-Колку лица со попреченост гледате по улиците ? 4-5 ? Тие сме.. ете по тоа и ќе разберете колку нѝ е тешко или лесно да се движиме по улиците.

ЖМ: Реченица со која се водиш низ целата борба?

- ЈАС МОЖАМ !

ЖМ: Дали уште сте претседателка на Здружението „Хендикеп плус - Група за поддршка на лица со попреченост“ – кажете ни нешто околу тоа, која е вашата цел, од каде идејата да се оформи ?

ДА. Уште сум претседателка на Здружението Хендикеп Плус. Здружението го формиравме заедно со неколкумина наши членови, бидејќи одлучиме дека е многу поважно нашите проблеми да ги решаваме дома, локално, да ги посочиме на локалните чинители и заеднички, чекор по чекор, да создаваме подобри услови за овие лица. Mожеме да се пофалиме со проектни активности финансирани од ИПА програмата за прекугранична соработка, а со нашите партнери од Бугарија имплементиравме проект кој беше меѓу најуспешните три проекти. Имаме поддршка и од Civica Mobilitas, Министерство за култура, а организиравме и многу хуманитарни концерти, бидејќи ценам дека и ние, лицата со попреченост, можеме на некој начин да им помогнеме на нашите граѓани.


ЖМ: Не ве познавам лично, но имам впечаток дека сте силен борец-жена лавица – од каде таа сила во вас?

 - Од неправдите, од игнорантскиот однос на општеството кон лицата со попреченост, затоа нема откажување – НИЕ МОЖЕМЕ ! Но, и покрај тоа не се откажувам, затоа секогаш сум подготвена за сѐ, така на пример бев и дел од тимот на Best Online Asistent, каде со жената, исто така борец, чија беше и идејата, а тоа е Елизабета Јовановска освоивме прво место на државно ниво со нашата стартап бизнис идеја и имавме можност да ја претставуваме Македонија на Светското првенство во Данска, каде го зедовме 6 место од над 70 претставници од други држави.

ЖМ: Што ја турка напред Бранкца, во денови на емотивен пад?

„Научив дека, без оглед на тоа колку очајно се чувствуваме и колку ужасно некоја ситуација делува на нас, не смееме да се откажеме. Мораме да продолжиме понатаму. Дури и кога е страшно, дури и кога мислиме дека повеќе немаме сила, мораме да се подигнеме и да продолжиме напред  за поголеми права на жените и на лицата со посебни потреби.

ЖМ: Кој е ваша најголема поддршка низ целата ваша борба?

Од ноќта на повредата, најголема поддршка ми беше семејството . И покрај фактот што моето семејство се бореше за гола егзистенција, бидејќи татко ми во `95-та година го отпуштија од работа (нели транзиција, па технолошки вишок), издржавме. Сите, цело семејство издржавме. Борци сме сите, јас, татко ми, мајка ми (сега веке покојна) и брат ми заедно пркосевме на сѐ што ни се случуваше во животот. Не сум тип што се „њањави“, туку стискам заби, па мускули и продолжувам со следниот ден .

ЖМ: Како ти поминуваат деновите, што најчесто правиш?

-Во планина ! Тука имам моја викендичка, тука е зеленилото, шумата, дабовите , славејчињата, тука се и моите другарчиња, имам две прекрасни кучиња. Мојата принцеза, од расата Кане корсо – Мила, и мојот немирко, Сречко од расата француска пудла ( интересна комбинација , нели (се смее) ). Среќна сум бидејки и утрово се разбудив, среќна сум што тие што ги сакам можам да ги слушнам, видам.


ЖМ: Како луѓето со попреченост се интегрирани во општеството? Што вам најмногу ви пречи и недостасува во целиот процес на движење?

-Дали имате видено жена со попреченост на некоја работна позиција, било каква ? Дали и колку вакви жени имате видено да работат на каса во маркет или кафетерија? Колку лица со попреченост имате видено на улиците како барем шетаат? Дали имаме лице со попреченост во Парламентот? Сепак се надевам на промените на глобално ниво и се надевам на подобро утре. Претстојат многу предизвици пред нас и како лица со попреченост и како држава. Еве, на пример, како жена со хендикеп ми пречи тоа што  немаме гинеколошки ординации пристапни за жени со попреченост, дури и матичните лекари немаат. Живееме во 21 век а уште се бориме со архитектонски бариери. Едно време и политички бев активна како граѓанин кој има право на учество во политичките процеси и сметам дека лицата со попреченост треба повеќе да бидат застапени во политичките партии за да може да се слушне и нивниот глас. Затоа им порачувам на политичарите: Попреченоста е политичко прашање, бидејќи на крајот секој предлог се прифаќа или отфрла во парламентот, поточно преку политичарите, па еве една порака до нив: Еве ви можност да научите дека сме тука, покрај вас. Да си ги поправите грешките и да научите да работите на концептот на независно живеење на лицата со попреченост, испорачување на услугите, правото на носење заеднички одлуки, на образование и се што произлегува од Конвенцијата. Не ги кршете законите како што практикувавте досега. Доколку работиме заедно, ќе можеме повеќе, за нас, за вас, за сите граѓани, битката е да се остане доследен на целта која сме ја избрале заедно.


ЖМ: Што им порачуваш на луѓето, ако се водиме според твојата издржливост? Какви совети им даваш?

- Понекогаш треба да поминеме низ најлошото, за да дојдеме до најдоброто. Ако нема борба, нема ни раст. Не е важно што ни се случило, што сме направиле, она што е важно е што ќе одлучиме да бидеме отсега па натаму. Затоа што сме вредни и вредиме. Дури и премногу за некои. Сепак, системот не го сака тоа многу. Тој бара да бидеш она што ќе ти се даде и ни ронка преку тоа. Во системот и малку и многу се пресметува како минус. Но, мора да знаеме дека без оглед на тоа колку очајно се чувствуваме и колку ужасно некоја ситуација делува на нас, не смееме да се откажеме. Мораме да продолжиме понатаму

ЈАС МОЖАМ, ТИ МОЖЕШ, НИЕ МОЖЕМЕ !!!


Ирена Ставрова