Концерт на Трибјут бенд за Дејвид Боуви во Скопје
На 31 март, сабота, во малата сала на ВИП Арената - Борис Трајковски, ќе се одржи концертот на „Mr. Ziggy And The GlassSpiders“, Трибјут бендот за легендарниот Дејвид Боуви.
Вратите ќе бидат отворени уште во 20 часот кога ќе се проектира документарниот филм за Боуви, а концертот ќе почне во 21 часот. Овој настан доаѓа по успешниот настап и одличните реакции на публиката, кон Трибјут бендот за „Depeche Mode“, „Sneakers“, кој се одржа оваа година на 16 февруари на истото место.
Бендот доаѓа од Италија и постои од 1991 година. До сега, реализирал бројни настапи и турнеи во цела Европа. Во 1993 година се наградени како „Најдобар Трибјут бенд во Рим“. Mr. Ziggy And The Glass Spiders изведуваат песни од различни периоди од богатиот опус на Дејвид Боуви и за 2 и пол часа, колку што вообичаено траат нивните настапи, ќе ги свират најголемите хитови на господинот на популарната музика како што го ословуваат тие, големиот Дејвид Боуви.
„Mr.ZiggyAnd The GlassSpiders“, Трибјут бендот за легендарниот Дејвид Боуви е од Италија
На концертот ќе има и дуети на кои ќе настапат, наши - домашни музички артисти кои заедно со гостите ќе ги отпејат безвременските дуети на Дејвид Боуви. Влезниците во претпродажба чинат 350 денари, а 19 март ќе бидат 400 денари. На самиот ден на концертот на вратата на малата сала на ВИП Арената влезниците ќе чинат 500 денари. Влезниците може да се најдат во Југотон, во (ГТЦ) и продажната мрежа на Тикет плус, како и онлајн на: ticketplus.mk и jugoton.mk.